• Latest

ИСТОРИЈА НА ЕДНА БОЛЕСТ: Од ЈУБМЕС до Алта банка – хроника на длабоките тајни во политиката и финансиите

November 13, 2026

Даблинскиот самит во знакот на демократската безбедност: Европа се соочува со бран лажни бомбашки закани

November 12, 2026
Фотгорафија: Кабинет на претседател на Северна Македонија

КОП31: Македонија ветува 80% намалување на нето – емисиите до 2035 година, Турција обезбедува 1,6 милијарди долари за климатски реформи

November 12, 2026
Џабир Дерала, Изборни препораки: Улогата на граѓанското општество, (Варшава, 9-10 ноември 2026)

Дерала од настан на ОДИХР во Варшава: Изборните реформи во Северна Македонија се привид што го креираат политичките елити

November 12, 2026
Празна каса | Сатира: ЦИВИЛ МЕДИА (сите права се задржани)

Хоџиќ: Како пукна економскиот популистички балон на Мицкоски

November 12, 2026
Спасувачи и новинари меѓу загинатите во двојниот напад врз болницата Насер; 25 август 2025 (Фото: Скриншот од видео на ВВС)

Израелски напад врз болницата „Насер“ во Газа: шест загинати, меѓу нив и хирург

November 12, 2026

Се нашла крава која не дава млеко на сточен пазар

November 11, 2026

Скопје добива нов план за воздухот до 2031 година – клучно прашање е кој ќе го спроведува

November 11, 2026

Аферата „Алта банка“: Дали Мацура ќе проговори за газдите на парите и кој ја отвори вратата во Скопје?

November 11, 2026
Албин Курти (фото извор: ФБ страница на Албин Курти)

Курти бара промена на српската политика кон Косово по изборната победа на студентите

November 11, 2026
Абу Даби преговори за Украина, 10 ноември 2026 (CBS News screenshot)

Преговорите за Украина во Абу Даби: Главните прашања и изгледите за договор

November 11, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

ИСТОРИЈА НА ЕДНА БОЛЕСТ: Од ЈУБМЕС до Алта банка – хроника на длабоките тајни во политиката и финансиите

Креирана како финансиска институција преку која се одвивал извозот и увозот на фирмите од највисок економски ранг во некогашната југословенска федерација, ЈУБМЕС стана семенар на првите милионери во залезот на федерацијата и изгрејсонцето на трулата транзиција. Алта банка е производ на една подолга борба за преземање на ЈУБМЕС по секоја цена од режимот на Вучиќ. Улогата на македонските власти во тој процес стана појасна дури во надзорната работа на македонското Собрание деновиве преку излагањето на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

November 13, 2026 07:00
in АНАЛИЗИ, ЕКОНОМИЈА, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Љубомир Костовски

Во 45-годишното постоење на социјалистичка Југославија, по урнек на земјите со строго контролирани возови, не можел секој да извезува или увезува стоки. Релациите со светот имале многу филтри, а тоа важело и за надворешната трговија. ЈУБМЕС или Југословенска банка за меѓународна економска соработка (Jugoslovenska Banka za Međunarodnu Ekonomsku Saradnju) со седиште во Белград, ги контролирала и оние правни субјекти кои се формирани од различен тип на понуди во странство.

Бурни трансформации на некогашната моќна институција

ЈУБМЕС е основана во 1979 година. Од 1997 година работеше како универзална комерцијална банка, а беше преименувана во 2019 година, кога државата Србија го продаде својот удел на компанијата Alta Pay Group, по што во 2020 година банката го промени името во Alta banka a.d. Beograd.

Оваа регистрација не е нешто што се случило како некаков мирен, рамен чин на трансформација, бидејќи ЈУБМЕС го минува тој процес паралелно со трансформацијата на некогашната федерација. Потоа, таа стана последен камен во круната на импровизираната економија, кога постоеле некакви полулегални услови и кога дел од поранешните федерални единици ја користеле истата банка за тајни операции со истовремено регистрирање на политички потреси кои се јавија во самите екс-федерални единици, а придружени со воени дејствија меѓу нив или во нив! Компликувано, нели?

Па некогаш во такви околности имаме изобилство на обиди за прераспределба на имотните користи на федералните единици, но и личните и семејни збогатувања во преминот од едно во друг тип на богатство: од јавно во приватно. Особено кај нашите претставници во земјите каде имавме експорт на стоки и услуги. Само да се потсетиме од каде нашите граѓани, кои беа испратени надвор од земјата, пред сѐ, во тогашен СССР, се вратија со полни куфери!?

Алта создава паралелен систем

Хрватскиот новинар Домагој Маргетиќ, кој често го покрива во истражувањата и подрачјето на БиХ, доста исцрпно ја истражувал улогата на ЈУБМЕС во транзицискиот период на Југославија. Тој на 19 јули 2025 година го објави истражувачкиот материјал „Операција Алта“ за создавањето на паралелен, парадржавен систем за ограбување на јавните пари. Тоа е всушност негово концентрирање на еден сегмент од хрониките за ЈУБМЕС врз основа на појавата на последните субјекти во нив – групата околу сега екс-претседателот на Србија, Александар Вучиќ и неговиот избраник за специјални операции во финансиската сфера.

Практично, ЈУБМЕС е еден вид на матрица за нелегално создавано богатство кое се изнесувало во странство и на тој начин се перело и го правело невозможно барањето на потеклото на измамата. Она „отвори се Сезаме“ можеме само да си го замислуваме.

Особено е таквата функција битна во време кога Србија (претходно и скусена Југославија) беше под санкции, кога ЈУБМЕС служи и за избегнување од надворешниот надзор на парите на лица и фирми кои се под санкции. Нема сомнение дека таа банка, според овој новинар, работела нелегално, а сѐ повеќе ја користеле оние кои не биле во можност да бидат добредојдени во меѓународниот платен промет. Ова пред сѐ важи за 80-тите години, а уште повеќе во 90-те години од минатиот век.

Крвта на Стамболиќ како дел од функционирањето на ЈУБМЕС

Необично е дека во времето на последниот премиер на СИВ (Savezno izvršno Veće), големиот реформист Анте Марковиќ во јануари 1988 година водечката позиција во ЈУБМЕС банката му ја доделил на Иван Стамболиќ. Тоа се случило тогаш кога, во времето кога тој подоцна ќе биде сменет од своите функции во Србија на Осмата седница на СК на Србија, во судирот со Слободан Милошевиќ. Во времето кога тој е убиен во август 2000 година тој сѐ уште бил на таа функција (!), кога таа банка повеќе се бавела со економските односи меѓу републиките.

По Милошевиќ, кој потпиша капитулација пред НАТО трупите, бил особено ранлив при споменувањето на поранешниот соперник, ама оваа епизода кога многу подоцна телото на Стамболиќ е пронајдено закопано во вар, покажува како ЈУБМЕС, на некој начин е замешана во сите можни премрежија на овој дел на Балканот. Дали Стамболиќ бил повеќе од идеолошки непријател? Не ја водел ЈУБМЕС онаму каде требало, согласно интересите на српската врхушка?

Или оваа банка, што би рекол академикот Ратомир Констатиновиќ е дел од „епохата на неказнивост“. (Таинствено е убиена и ќерката на Стамболиќ!).

Новинарот Домагој вели дека длабоко го истражувал тој период со Верица Бараќ (таа беше претседател на Советот за борба против корупцијата на Србија од 2003 година до нејзината смрт во 2012 година).

Но документите почнале да исчезнуваат од архивите кога Вучиќ стана потпретседател на Владата на Србија. Конкретно, Млаѓан Динкиќ, кој е економист, музичар и поранешен политичар, ги водел тајните операции. Но Вучиќ можел лесно да сфати дека, ако ја контролира оваа банка, ќе биде во позиција да ги контролира тајните сметки и премини на парите. (За неупатените, Динкиќ беше гувернер на НБ на Србија, а потоа и министер за економија, па министер за финансии, што јасно покажува каква знае да биде употребната вредност на гувернерската функција, инаку најугледна позиција во секоја демократија).

Собраниски дебати за македонските акции во ЈУБМЕС

Иако во Македонија долго време постоеше нејасен молк за нејзиниот удел од ЈУБМЕС (која, како и кравата Ѓекна од една црногорска ТВ серија, сега како финансиска институција е постојано болна, ама сѐ уште не умрела). Факт е дека кога дојде до расправа во Собранието на РСМ за пропаста на Алта банка, актуелниот премиер Христијан Мицкоски на комисиската расправа презентираше наводно откритие дека последната Влада на коалицијата СДСМ-ДУИ ги продала македонските акции на Алта пеј, односно Алта банка.

Но се покажа дека тоа е само една валкана „пуфка“, типична за говорите на Мицкоски.

Напротив, став бил на македонската Влада да биде доста резервирана по тоа прашање. Венко Филипче покажа Записник со кој се потврдува дека Владата предводена од СДСМ во 2023 година не дала согласност за продажба на акциите на Алта банка како што лажеше Мицкоски, туку побарала ангажирање на Државното правобранителство за заштита на државните интереси.

Според српските прописи

„Премиерот денеска на надзорната расправа изнесе брутална лага. Човекот лажеше дека Владата на СДСМ во 2023 година донела одлука да влезе во деловни односи, така кажа, го цитирам, со Алта банка Србија“, рече Филипче.

Објаснувајќи го процесот, тој посочи дека станува збор за одлука за испраќање на државен правобранител во Србија кој ќе ја брани Македонија пред органите на Србија.

За акции кои ѝ припаѓале на Македонија по основ на сукцесијата од поранешна Југославија. Давор Мацура побарал да ги откупи тие акции, но не добил согласност од тогашната Влада.

„Давор Мацура во 2023 година не добил согласност од владата предводена од СДСМ да ги откупи акциите коишто припаѓаат на македонското Министерство за финансии“, нагласи Филипче.

Тој објасни дека, откако Мацура се стекнал со над 90 проценти од акциите во белградската Алта банка, преостанатите акции биле преземени без согласност на македонската страна, според механизмот предвиден во српското законодавство.

„Според српскиот закон, кога некој поседува над деведесет проценти, по автоматизам ги откупува акциите на останатите акционери без нивна согласност, какви што сме биле ние, нашето Министерство за финансии. Значи Давор Мацура, според правилата на Белградската берза, ги откупува акциите на Министерството за финансии на Република Северна Македонија без согласност, затоа што не му треба“, рече Филипче.

Токму по тој процес, посочи тој, Владата на 24 октомври 2023 година донела заклучок за заштита на државниот интерес. Филипче нагласи дека документот што Мицкоски го покажувал на надзорната расправа има сосема поинаква содржина од онаа што премиерот ѝ ја претставил на јавноста.

„Еве го записникот од Владата, 24 октомври 2023 година, а одлуката, заклучокот од владината седница е да се ангажира Државното правобранителство како орган кој го штити државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции кои биле откупени без наша согласност, да влезе во комуникација со српските институции со цел да се заштити државниот интерес на Република Северна Македонија“, истакна Филипче.

Босанска завера по Мостарската средба

Но едно друго преземање на акции на ЈУБМЕС банката како нејзино дефинитивно кремирање и концентрирање на остатоците во рацете на Србија (односно нејзин стопанственик) се случила во БиХ и тоа е таа која јавно го продава својот удел во оваа екс-југословенска банка. БиХ во средината на 2023 година ѝ ги продала своите акции (кои ѝ припаднале со сукцесијата на СФРЈ – Анекс Ц на одлуката за сукцесија) по цена од 33,3 евра „по парче“, иако номинално  секоја акција вредела 100 евра.

Одлуката ја донел Советот на министри на БиХ, како што објави BanjaLuka.net. Треба секако да се знае дека акциите заминале кон Србија ама тамошните акции веќе преку берзата се продадени во мај 2020 година. Практично, токму Србија прва ги продала своите акции, најголеми по обем и вредност на формално приватна банка – Алта банка.

Како Советот за министри на БиХ бил благонаклонет кон српските интереси?

Па клучна е улогата на Драган Човиќ, претседателот на ХДЗ за Босна, кој во врска со оваа продажба најпрвин имал контакти со српскиот претседател Вучиќ и тоа во Мостар. Таму се договорени деталите, а според новинарот Маргетиќ, Вучиќ веќе стандардно ја има подршката на партијата на Додик, а кога и Човиќ дал збор за поддршка, Советот на министри лесно потклекнал под барањата на Алта банка и дури дал екстремен попуст!

Србија виа Босна во правец на Западот

Маргетиќ во своето истражување посветува големо внимание на тајните соработки што токму на овој план ги имале формално завојуваните страни во екс-Југославија.

„Уште во почетокот велев дека Алта банка и Вучиќ извлекуваат пари преку босански фирми како што е Босна експорт шума и други. Ако тогаш, пред речиси три години, се објавуваа овие податоци, можеби оние што сега ги изгубиле своите пари во Алфа банка би ги спасиле своите заштеди, би ги извлекле. Јас објавив дека во 2023 и во следните две години трае извлекување на готови пари, акумулирани во тајни сметки на Алта банка и тоа преку БиХ во Хрватска, а од таму во другите земји на ЕУ. Основата на сѐ се наоѓа во некогашната ЈУБМЕС банка. А зошто токму таа банка?

Маргетиќ вели дека тајната на богатењето на Мацура и таквите како него е во фактот дека Југославија имала многу богатства и имоти за кои не се говорело.

На тој начин – со тајна дипломатија – се делени нафтените извори во Африка што ги има направено екс-Југославија, а со тие операции управувал Вања Шпиљак и тоа токму среде војната меѓу Хрватска и Србија.

Тој се криеше како Митан холдинг, а Милошевиќ му ја даде Железарата во Смедерево. Компаниајта е основана во Швајцарија и од таму е водена а Шпиљак беше осомничен за коруптивно богатење на сметка на ИНА и преку продажба на авиони.

Да повториме, ова се случува среде воени дејствија меѓу двете земји, кога најлоша пцовка упатена кон некој сограѓанин бил дека е „Хрват“ односно „усташа“.

 


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.

НАПОМЕНА НА РЕДАКЦИЈАТА: Овој текст е авторски став. Изнесените мислења, оценки и заклучоци се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА или официјалните позиции на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Авторските ставови се објавуваат во согласност со принципите на слободата на изразување и редакциските стандарди за професионално и одговорно новинарство.


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Tags: Алта БанкаЈУБМЕСперење пари
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ