Русија започна воена офанзива во повеќе делови на Украина во 5 часот утрово, 24 февруари. По повод најновиот бран на руската воена агресија на територијата на Украина.
Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин најави почеток на нов бран на агресија против Украина. Целта на руската офанзивна воена операција е уништување на украинската држава, насилно заземање на украинска територија и воспоставување окупациска контрола.
Руските војски извршуваат напади на мирните украински градови од различни правци, вклучително и од страната на привремено окупираните Донбас и Крим, како и североисточниот регион.
Ова е акт на војна, напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, грубо кршење на Повелбата на ООН и основните норми и принципи на меѓународното право.
Украина го активира своето право на самоодбрана во согласност со меѓународното право. Борбениот дух на украинските војници е висок, нашите бранители се подготвени да и дадат решителен отпор на државата агресор и со сите сили ќе ја бранат украинската земја.
„Русија предавнички ја нападна нашата држава наутро, како што направи нацистичка Германија во годините #2WW. Нашите земји од денес се на различни страни од светската историја. Русија тргна по патот на злото, но Украина се брани и нема да се откаже од својата слобода без разлика што мисли Москва“, пишува во новиот твит на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба утрово на Твитер апелира за итни дејствија во однос на воената состојба во Украина.
Остра реакција и осуда кај светската јавност
„Молитвите на целиот свет се со народот на Украина вечерва, бидејќи тие трпат неиспровоциран и неоправдан напад од руските воени сили“, рече американскиот претседател Џо Бајден веднаш по почетокот на операцијата. Тој предупреди „Само Русија е одговорна за смртта и уништувањето што ќе ги донесе овој напад“. „Светот ќе бара одговорност од Русија“.
„Згрозен сум од ужасните настани во Украина и разговарав со претседателот Зеленски за следните чекори“, напиша британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер. „Претседателот Путин го избра патот на крвопролевање и уништување со лансирањето на овој неиспровоциран напад врз Украина. Велика Британија и нашите сојузници ќе одговорат одлучно“.
„Во овие темни часови, нашите мисли се со Украина и со невините жени, мажи и деца додека се соочуваат со овој неиспровоциран напад и страв за нивните животи“, напишаа шефовите на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел на Твитер. „Ќе бараме одговорност од Кремљ“.
ЕУ и НАТО ја повика Русија под итно да стави крај на нападот и да ги повлече своите сили од Украина
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека Русија „го избрала патот на агресија против суверена и независна земја“. Нападот „загрозува безброј животи на цивили“, рече Столтенберг во изјавата, опишувајќи го како „тешко кршење на меѓународното право и сериозна закана за евроатлантската безбедност“.
„Овие неиспровоцирани дејствија се јасно натамошно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и на обврските на Русија според меѓународното право и Повелбата на ОН“, наведе Џастин Трудо во изјавата.
„Мораме веднаш да одговориме на руската криминална агресија врз Украина Европа и слободниот свет мора да го запрат Путин“, напиша полскиот премиер Матеуш Моравјецки на Твитер.
Генералниот секратар на ОН, Антонио Гутереш упати директна и лична молба до рускиот претседател Владимир Путин по вонредната седница на Советот за безбедност, барајќи од него да го запре нападот „во име на човештвото“.
Францускиот претседател Емануел Макрон остро ја осуди руската воена акција против Украина, ветувајќи дека Париз ќе соработува со сојузниците за да се стави крај на војната. „Русија мора веднаш да стави крај на своите воени операции“, напиша Макрон на Твитер.
Европскиот Совет и Европската Комисија заеднички ја осудија руската инвазија во Украина која започна во текот на оваа ноќ, лидерите на земјите членки на ЕУ се состануваат вечерва за вонреден самит.
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе претседава со итен состанок на кој ќе се разговара за „ужасниот“ руски напад врз Украина, соопшти неговиот кабинет.
ОБСЕ со осуда за руската воена акција во Украина, повикува на итен прекин на воените активности
Вршителот на должноста шеф на ОБСЕ, шефот на полската дипломатија Збигњев Рау и генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Марија Шмид остро ја осудија денеска руската воена операција во Украина.
ПОДДРШКА И ОСУДА ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Претседателот Стево Пендаровски изразува силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета.
„Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го осуди нападот на Русија врз Украина. За денеска, како што изјави, е свикана вонредна седница на Владата на која ќе се разговара за ситуацијата во Украина. Уверува дека Владата има план за ублажување на ефектите од украинската криза.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека се следи состојбата во Украина и дека нашата Амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.
„Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
По повод инвазијата на Украина од страна на Русија, претседателот на Собранието, Талат Џафери за ЦИВИЛ Медиа изјави дека ги осудува воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, и додава дека последиците ќе бидат далекусежни, не само од воен аспект, туку и од економски, и ќе се одразат врз регионот и пошироко во меѓународен контекст.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Со воената ескалација на Русија кон Украина јасно е дека светот оди во нова, опасна глобална фаза, што ќе подразбере не само безбедносни, туку и нови енергетски, економски, бегалски, ценовни, инфлациски и којзнае какви уште не компликации. Поради тоа за Македонија е исклучително важно што побрзо – откако тоа успешно го направи со НАТО (sic!) – да ја продолжи својата евроинтеграција. Да, за жал, низ целата наметната компликација со Бугарија. Но, вистинското предавство на македонските национални интереси е токму настојувањето ОВА да се спречи, преку малициозни инсинуации и црни пропаганди за идентитетски загрози, национални обезличувања и антимакедонски заговори“, пишува Сашо Орданоски во колумнта „Нашата опозиција за сѐ има по пет става дневно, само за Украина упорно молчи! Што така?!“

„Ова е последната, најкрвава етапа од бизарниот пат на рускиот диктатор и агресор. Како и секој автократ, Путин е заглавен во лавиринтот на сопствените трагични бесмислици. Трагични по Украина, трагични по Русија, трагични по светот.
Веројатно, историјата ќе забележи дека со оваа агресија, Путин ѝ помогна на Европа да се разбуди, барем за миг, од својот долг дремеж. Со години наназад, Европа и Западот (можеби се преправаше дека не гледа) се полигон за мешањето на Путиновата клика во нивните внатрешни работи, во економијата, политиката, изборните процеси, медиумите, културата и односите меѓу заедниците“, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Војната на Путин против сегашноста и иднината на светот“.

„Суровите напори на советските власти под водство на Сталин на почетокот на 20 – от век, со изгладнување до смрт да се наметне колективизам и да се уништи украинскиот „национализам“ оставија околу 3,9 милиони мртви. Путин ја продолжува овааа мисија во 21-от век, со воена акција против независна Украина. Во екот на Холодомор (украински: Голодомор, потекнува од морити голодом, moryty holodom, „да се убие од глад“; руски: Голодомор, познат и како Терор со глад или Големиот глад, бил глад во Советска Украина од 1932 до 1933 година за време на Јосиф Висарионович Сталин, изгладнети луѓе талкаа низ украинските селата, очајни за да најдат нешто, било што што ќе можат да јадат“, пишува Драган Мишев во „Холодомор или како Сталин изгладнуваше до смрт милиони украински жители“.
Д. Муратов












