АТАНАС КИРОВСКИ
Да се води дебата дали е добра цензурата, не може да биде реалност во 21 век. Тоа може да биде фрапантна сторија во негативно –утописките дела на Евгениј Замјатин, или собласно потсетување на филмот Фаренхаит 451 на Франсоа Трифо. Самиот факт дека живееме во општество и време како во опскурните негативно-утописки новели е морничав и ужасен. Ама тука е. Факт е. Од вчера во Македонија не може да се гледа ниту една руска телевизија- а речиси е невозможно да се стигне до руски извор и на интернет. Одлуката за тоа ја донесе Советот на Европската Унија. Самиот Борел, образлагајќи ја одлуката, така неодоливо потсетуваше на најзадртите советски апаратчици од ерата на Леонид Брежњев, во гротескниот обид преку воведување цензура да ја брани Европа од воскреснување на СССР ! Додуша одлуката на ЕУ се однесуваше на Russia today, и Спутник, ама нашата Влада како поголем верник од Папата ја прошири на сите руски телевизиски канали !
Никој нема дилема дека телевизиите кои во моментов зрачат во Русија се алатка за пропаганда на режимот на Путин, кои од петни жили се обидуваат да оправдаат воена инвазија врз суверена држава, чија крајна цел е инсталирање марионетски режим во Киев според узансот на онаа безрбетна креатура од Минск. Да ја потчинат волјата на еден цел 45 милионски народ на желбите на Кремљ, преку бладање дека тие всушност се измислена нација и неосвестени Руси, а не Украинци. Тоа е таа стара бољшевичка школа од која доктрината ја црпеше и Тодор Живков, со тезата за еден народ и две држави, од која нема отстапено ни јота нити една бугарска влада 30 години по падот на комунизмот, и за која уште преговараме со Софија како услов да почнеме преговори со ЕУ. Се обидуваат новинарите во тие телевизии одредени настани, полувистини и отворени лаги да ги вкапулат во некој колку-толку прифатлив наратив, претходно проверен од искусните очи на цензорите. Но, веродостојното новинарство, објективното, квалитетното, одамна го нема и од онаа страна на Атлантикот. Со секоја нова војна, се повеќе. Ако се направи компаративна анализа кој е аголот на сториите кога известуваат кога САД вршат воена инвазија, и каков спротивен до степен на патетика наратив има кога во случајов Русија врши инвазија, ќе се дојде до неизбежниот и тажен заклучок кој дефинитвно го соголува митот за некакви новинарски величини. Walter Cronkite, одамна е закопан…
Кој е мотивот за воведување блатантна цензура- ако се знае дека во војна прва умира вистината и дека сите страни знаат дека војната колку што се води на терен, се води и преку медиумите за да се освои јавното мислење? Сите ангажираат цели тимови ПР експерти, кои некогаш благородниот новинарски позив го претворија во адвертајзинг бизнис? Од кога станаа легитимни воени цели телевизиските предаватели, па и цели телевизиски згради сосе новинарите? Сосема го разбирам мотивот на македонската влада. Во ситуација кога тоа го прават европските сојузници, политички е исправно и таа да се построи зад тоа знаме. И тоа си е работа на Владата, и на АВМУ-немам со тоа проблем. Но кога новинари се залагаат за цензура погласно од самите владини претставници, имаме голем проблем. Утре кога украински извори ќе соопштат дека деморализираната руска војска масовно се предава, или каква е да е друга пропагандна информација, како ќе знаеме дали е тоа точно?
Кога како млад новинар работев на ДЕСК во Радио Скопје и бараа од мене информациите за војната во Вуковар да ги сработам од официјалната агенција Танјуг се побунив –затоа што знаев дека Танјуг е во рацете на српската пропаганда. Барав да ни се овозможи пристап и до ХИНА – се разбира и тие претеруваа и лиферуваа пропаганда, а не точни информации, ама војна е, ги стававаме во некаков контекст информациите од двете страни, со страотна ограда дека не им веруваме ниту на едните , ниту на другите. И тогаш имавме став-знаевме кој е агресорот, а кој се брани, ама се трудевме колку е можно попрофесионално да го одработиме нашето.
Во какви времиња живееме кога угледни мои колеги од петни жили ја правдаат цензурата, – притоа потклавајќи ја како некакав цивилизациска вредност-наспроти варварската агресија на Путин. Што се случи со најстарото правило да имаме плурализам во информациите, да има и друга страна, на кое буниште се запалија книгите на Волтер и славната максима „ Не се согласувам со твојот став, но спремен сум да умрам за твоето право да го искажеш“.Како да е ова прва војна во која има агресор и некој што се брани. Вечниот аргумент на оние што бараат да има само една вистина е дека не може да има баланс- Пет минути за Хитлер, Пет минути за Евреите. Таа теза за судирот на доброто и злото кои никако не смеат да се поистоветуваат, е груба манипулација која оправдува буквално се. Неа во ранохристијанството од манихејството ја промовираше уште Аврелиј Августин ! Според таа модификувана теза А е злото, Б е доброто, А е агресорот –Б е жртвата и секој став кој не е отворено против А е погрешен, опасен и морално расипан. Во случајов дури и ако се размислува дека воведувањето цензура во едно демократско општество е грешка. Го знаеме натаму развојот на христијанството, и се надевам не треба да се потсетуваме на штитовите со челустите на доберман- амблемот на доминиканците и инквизицијата кои како добермани се нафрлаа врз секој што ќе се осмели да размислува поинаку?
Инаку сите оние кои се повикуваат на Европа правдајќи ја оваа одлука за цензура, а особено од новинарската фела, треба да знаат дека Европската федерација на новинари ја спаси честа на професијата, и се спротивстави и ја осуди одлуката на Европската комисија за воведување цензура на Russia today и Спутник. Како и во Европа, и тука, природно е новинарската фела да се противи на цензурата, и да инсистира на што поголем спектар на достапни информации. Ако новинарите својата улога ја доживуваат како спроведувачи и апологети на политиките на Владата- ( Или на европската влада , сеедно) стануваат општествено политички работници, и престануваат да бидат новинари, а критериум за нивната професионалност станува подобноста. Се сеќаваме на едноумите-така беше. Тоа не се вредности кои јас сум спремен да ги прифатам. Јас се изјаснив против цензурата и пред да го знам ставот на моите европски колеги, но драго ми е што е идентичен. Оние новинари што од политички мотиви се откажуваат од својата непристрасност и професионалност, и отворено навиваат за една страна, не се ништо друго, туку публика. И тоа навивачка, во која се натпреваруваат или бодрат, сеедно, кој погласно ќе навива. Се разбира тоа не се ниту европски ниту цивилизациски вредности. Колку и да се труди некој да ги поткладе како такви.
Инаку во пракса ефектот на цензурата освен како опасен преседан, ќе биде ништовен. Никој не излезе со податоци колку од македонскуте граѓани гледаат руски телевизии. Јас сум длабоко убеден дека таа бројка не надминува 0,1 %, а Владата и АВМУ имаат механизми овие бројки во кои сум апсолутно убеден и емпириски да ги проверат преку set up boxovite на големите телеком оператори. Ако има истражувања на јавното мнение дека во Македонија има фрапантна поддршка политиката на Путин причините за тоа, сите знаеме дека се други, а не реемитувањето на руски телевизии. Ако веќе треба да се спасува населението од контаминација со пропаганда, и се оди дотаму и да се воведува цензура тогаш треба да се забрани реемитување на канали од Србија и Република Српска, кои реално имаат и голема публика и влијание, меѓу другото и затоа што населението ги разбира за разлика од руските.
За крај, како врв на искривоколчените тези во одбрана на цензурата е онаа дека македонските меинстрим медиуми, сосема професионално информираат, и тие треба да бидат некаков buffer за јавноста–па ако има потреба за информации од руски извори, тие ќе проценат кога и како ќе ги емитуваат. Дури и да е точна тезата за високата професионалност на македонските медиуми- не мислам дека граѓаните треба да ги третираме како овци и да им бираме што треба да слушнат, а што не, и да им го ускратиме правото на изворни информации. Но, за жал, нема ништо точно во оваа теза. Македонија е една од ретките земји која нема свои известувачи каде што се води војната во Украина, нити пак во Москва. Сите информации се од втора рака. Одамна нема надворешно-политички редакции со новинари кои би можеле тоа квалитетно да го сработат. Сето тоа е оставено на ДЕСК-от. А десковите се одамна многу слаби во држава каде информациите во вестите на меинстрим медиумите се подредени на тезата дека центарот на светот е меѓу Богородица и Табановце….
Текстот е личен став на Авторот