• Latest
Војо Маневски

Војната нема милост

March 21, 2022

24 ЧАСА: Рускиот амбасадор осуетен да ја присвои функцијата „декан на дипломатскиот кор“ во земјава; уапсен убиецот на Чарли Кирк; кандидат за градоначалник на Скопје трча кон Москва

September 12, 2025
Фото: Скриншот од видео на CNN

Велика Британија го отпушти амбасадорот во САД, Питер Манделсон, поради врски со Епштајн

September 12, 2025
фото: скриншот Х

Уапсен осомничениот за убиството на Чарли Кирк

September 12, 2025

Најчесто поставувани прашања поврзани со практични аспекти на изборниот мониторинг на ЦИВИЛ (1)

September 12, 2025

Јаневска и Мицкоски со кратки нозе

September 12, 2025

САД го суспендираат планираниот стратешки дијалог со Косово поради активностите на привремената влада

September 12, 2025

Жестока реторика и меѓусебни обвинувања: Се заоструваат изборните судири меѓу партиите на Албанците во Чаир и Тетово

September 12, 2025
Фото: Скриншот од видео на ONT TV Channel

Белорусија и Русија започнаа заеднички воени вежби „Запад-2025“, по маневрите во 2021 започна целосна инвазија на Украина 

September 12, 2025

Амет: Ромите не се проблемот на Скопје, туку дел од решението и промените што треба заедно да ги донесеме

September 12, 2025
ОЈО/ Фото Б. Ј., ЦИВИЛ

Обвинителство за Онкологија 2: Васев и Нухи не постапувале во интерес на пациентите, туку во свој личен и интерес на приватни компании

September 12, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Војната нема милост

March 21, 2022 10:48
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Војо Маневски

Војо Маневски

Share on FacebookShare on Twitter

ВОЈО МАНЕВСКИ

Природата има три агрегатни состојби и тие со одредени постапки поминуваат од една во друга, но има едно суштество што себе си се смета за природна творба, ама има малку од квалитетите на природата. Која агрегатна состојба на неговиот мозок го тера човек кој до пред извесно време бил добар член на заедницата, татко, роднина, пријател да се промени толку многу што е подготвен да ги краде, измачува, па дури и убива истите оние пријатели, колеги, па и роднини со кои делел многу работи дотогаш. Има нешто неприродно во суштината на човекот и како да е посебна агрегатна состојба на материјата.

Не се сеќавам што ми се моташе низ главата кога во воено возило со колеги новинари влегував во Вуковар на денот кој едните го нарекуваа ослободување, а другите окупација.

Хрватските вести почнуваа со реченицата – После херојске борбе пао је Вуковар. И поред велике храбрости, браниоци нису могли да одоле великој србо-четничкој сили.

Следуваа бројки за загубите на непријателската војска и херојските ликови на Благо Задро и Миле Дедаковиќ.

Дневникот на Белградската телевизија имаше исти зборови, но во друга комбинација.

– Ослободилачке војске САО Славонија и Западни Срем, помогнути војском Југославије, после три месеца јуначких борби ослободили намучени град Вуковар. И овде имиња на некој мајор Шливанчанин и генерал Мркшиќ.

Се разбира вистината веднаш загинува во борбите. Градовите во рамниците имаат карактеристика, која ја немаат градовите кои се распослани по ридовите. Во целост никогаш не можеш да ги видиш, освен од некоја висока градба. Едноставно, влегуваш во градот и видикот ти се ограничува на улицата и зградите на нејзините страни. Застанавме на некоја крстосница, а од прозорчето на возилото се гледаше високиот резервоар за вода, што мене ми личеше на некоја од штафетите што му се даваа на некогашниот најсакан син на народите и народностите на Југославија. Резервоарот е издупчен и веројатно водата од него е истечена уште есента, низ дупките од гранати и авио бомби. За уметниците од надреализмот можеби има неговата форма, некаков уметнички изглед, но за мене во тој момент беше само резултат на лудилото што ја зафати државата во која живеев. Често застанувавме и свртувавме на лево или десно. Сликите беа идентични. Редица куќи кои се изрешетани од куршуми и гелери до непрепознатливост на нивната фасада и керамиди расфрлани низ крововите и дворовите. Ретко која куќа беше покриена со уредно подредени керамиди. Ноемвриски ден беше, без трага од сонце, а облаците имаа сиво црна боја. Воздухот мирисаше на чад, на некаков неодреден мирис во некаква посебна агрегатна состојба. Мислам дека паѓаше на луѓето мешавина од трите агрегатни состојби на материјата.

Застанавме на некое паркиралиште, а пред да ни наредат да останеме во возилото излегов низ вратата. Пред мене се простираше долга улица на која се чадеа запалени возила и куќи. Недалеку имаше некаква крстосница каде се правеше мешаница. Пред нас беше колона од војни возила, а крстосницата ја сечеше друга колона со луѓе кои тешко чекореа. Некои имаа капи и униформи, а некои беа гологлави и беа во цивилна облека. Тогаш не можев да сфатам кои се тие луѓе. Подоцна разбрав дека тоа биле заробеници од хрватските сили што се спроведуваат во собирни центри. Има разни податоци за нивниот број, но до ден денес некои од нив се водат како исчезнати. Како насловот на еден филм од лесната холивудска продукција. Ама за нив тој израз излезе смртоносен. Лицата не можев да им ги видам од далеку, но веројатно на нив пишувало нешто страшно и безнадежно.

На искривениот столб, виснат и издупчен од куршуми стоеше некаков патоказ. Со напор успеав да го прочитам името на местото кон кое покажуваше – Трпиње. Се сетив на вестите од целата есен за ова име. До него водел некој пат кој се нарекувал – „Трпињска цеста“. Во сите известувања се спомнуваше како место каде се судруваа бранителите на Вуковар и тенковските колони на сѐ уште југословенската армија. Се обидов да се оддалечам од возилото и да погледнам во далечината затскриена од колоната. Стотина метри од крстосницата еден тенк се беше забил во куќата со предниот дел. Изгледаше како кокошка кога се забие во слама и само опашката и се гледа. Тоа било само почетокот на бојното поле кое подоцна е наречено „гробишта на тенковите“.

– Влегувај во возилото ми свика капетанот! Гледаш ли дека сѐ уште се пука, сакаш ли да завршам на воен суд поради тебе. Колегата ме повлече за рака и повторно седнав во военото возило.

– Зошто овој вели дека се пука забележа тој, па не сме слушнале пукотници од како влеговме во градот искусно заклучи. Лут заради наредбата упорно се обидував да видам што се случува пред нас. Кога нашата колона сврте во друга улица пред мене се пружи можност да ја видам „трпињска цеста“ во должина. Изгледаше како во филмовите од Втората светска војна, разрушени згради и десетици оклопни возила изгорени и поцрнети или едноставно застанати како сопрени од некој невидлив ѕид. Имаше право колегата, оваа не смее да го види јавноста на победниците.

Не знам колку улици поминавме и дали одевме право или некако се вртевме во круг, но влеговме и во стариот дел на Вуковар. Се возевме покрај Работничкиот дом. Стара барокна зграда каде се одржал Вториот конгрес на КПЈ. Оваа беше задолжителна лекција по историја во учебникот од седмо одделение. Сега личеше на стара дама која ја облекле во парталави облеки. Тешко беше да се види квадрат на неговата фасада, а да не беше издупчена од куршуми или други воени проектили. Едната страна на покривот беше запалена и веќе срушена, а сите влезови разрушени. Стаклото од некогашните дуќани од двете страни на улицата беше распослано по тротоарот. Убавите дрва што ја краселе улицата беа едноставно искршени. Крошните веројатно им беа раскинати од експлозиите и изгорени од огнот што останува по нив. Дури многу подоцна кога го гледав филмот Господар на прстените се сетив на што личеа. Изгледаа како Елфовите, дрвјата што во последен миг го спасуваа светот од злото. Се возеше полека, таман да се забележи нешто, а во сеќавање ми остана еден берберски дуќан со црвени кожни столчиња. Огледалата за чудо беа само малку скршени, а столчињата стоеја во ред и како да ги чекаа муштериите за шишање и бричење. Мора и злото да се уплашило од својот одраз во огледалото, па го оставило берберскиот дуќан колку толку во целост.

Луѓе, луѓе никаде не видовме. Сите ли ги голтна лудилото на војната. Последни беа заробеничките колони со кои се вкрстивме на крстосницата на „Трпињска цеста“.

Влеговме на некогашниот плоштад каде имаше разни возила и многу војска. Некои носеа калашњикови со две рамки на муниција на нив споени со леплива лента. Други носеа на шлемовите од страна заденати кутии со цигари. Од каде толку Малборо цигари си помислив и ми беше смешно што ја пцујат Америка, а се однесуваат како американската војска во Виетнам. Излеговме од возилата, а десно од нас завршуваше познатата прес-конференција на мајорот Шливанчанин што беше оценета во Белград како врв на патриотизмот. Подоцна тој со полковнички чин заврши во затворот во Хаг каде гостуваше една деценија. Никој не ни нареди да одиме некаде, туку само да останеме близу до возилата. Имаше некој курцшлус изгледа по изјавата на Шливанчанин пред странските новинари. Од страната на реката Вука доаѓаше долга колона на цивили. Со мали торби, а некои со војнички платна врзани во бовча, носеа сѐ што можеле. Очите им беа длабоко втиснати во очните дупки, без природен сјај. Полека се движеа кон една редица на камиони каде им се даваше вода и храна. Цел месец поминале во подруми и скривници, па сега тешко се навикнуваа на нестварната тишина и светлоста, која иако есенска за нив веројатно беше со блескава силина. Потпрен на една превртена приколка стоеше висок човек. Не знаев од каде го познавам, но ми беше познат. Зачекори кон групата офицери и отсечно праша.

– Кого овде можам да прашам за дозвола? Јас сум Живојин Врачариќ, репрезентативец во одбојка. Сега се сетив на човекот, го гледав кога играше за екипата на Винковци во Велес. Со својата висина штрчеше над сите и некако злокобно чекаше одговор. Еден офицер изгледа го позна и му пријде. – Кажи што можам да помогнам, му рече!

Таму кај железничката станица Хрватите ги стрелаа мајка ми и татко ми. Ако е можно да отидам до таму.

Офицерот само пријде до првото возило и му рече – влегувај!

Подоцна дознавме дека мајката на Врачариќ починала веднаш, а татко му иако ранет со неколку куршуми успеал да се спаси и да преживее. Стрелани биле старците или заради тоа што се родители на познат Србин, или едноставно заради болеста од која заболуваат учесниците во братоубиствените војни.

Ни дозволија да разговараме со цивилите што секој миг стигнуваа од разрушените улици и нивните подруми. Страшни приказни за човечката суровост за храброста, за војната што поништува сѐ што е направено во времето на мир.

Ни пријде еден човек со отприлика четириесет години и побара цигара. Колегата му подаде цигара, а тој ја зеде целата кутија. Палеше цигара и го влечеше чадот како да влече мајчино млеко, за миг остануваше не изгорен само филтерот.

– Таму рече, таму да одите да видите што се случи, да видите како усташите се испотепаа. Ноќеска доаѓаа и ги бараа само оние што се Срби и ги водеа. Никој од нив не се врати мислам дека ги стрелаа.

Далеку ли е тоа – го праша еден колега кој подоцна направи завидна кариера на телевизија. – Две улици подолу во дворот на Српскиот дом.

Се двоумевме дали да појдеме со овој очигледно трауматизиран човек или да чекаме некој офицер да ни каже, каде смееме да одиме. Колегата го фати под рака човекот и почна да го распрашува. Од некаде се појави капетанот што нѐ разбуди утрово и енергично пријде.

– За што се работи? Проверивте ли дали е наоружан, може сите да нѐ испотепа. Тој го фати за рака човекот и го одведе на страна. По само неколку мигови отсечно рече – одиме новинари само нема сликање. Мора прво истражните органи да направат увид. Тргнавме со него и со човекот што и натаму палеше цигара врз цигара. Истражен орган си помислив, во овој хаос некој ќе прави истрага и на кој орган ќе му ги предаде резултатите од истрагата. Подоцна разбрав дека навистина се испитувало местото и се направил записник.

Не се сеќавам дали одевме право или на страна, ама избивме пред една висока зграда што зафаќаше цело ќоше на две улици. Веројатно беше стара зградата, едно двеста години, судејќи според архитектурата и украсите околу прозорците и на фасадата. Големата капија некогаш гордо стоела, а сега едноставно беше легната во дворот. Широк двор што се употребувал веројатно за собири и на неговиот крај неколку долги згради, кои служеле веројатно како помошни простории. Кровот на зградата беше срушен и изгорен, а на местата каде некогаш биле прозорците зјапаа црни дупки. Широкиот влез сѐ уште стоеше како да ја бранеше внатрешноста. Со нас одеа и неколку војници со пушки и шлемови, а тешко се движеа со заштитните елеци.

– Овозможете безбедност им наредуваше капетанот, а нас не задржа на десеттина метри. Човекот што нѐ доведе едноставно седна на еден куп од разрушени цигли и на глас почна да запомага. Неговите зборови ми ги цепеа ушите. Толку горчина не бев слушнал дотогаш во  животот. Тој спомнуваше разни имиња на лица кој ги повикуваше како да се во соседниот двор. Војникот што се врати од зградата пријде до капетанот и само слушнавме – полно е со лешеви, изгледа стрелани.

– Значи се договоривме, што видете, видете, нема сликање, ниту допирање на ништо што се наоѓа внатре, строго ни наредуваше капетанот.

Во големиот хол на сите страни имаше човечки тела. Покрај ѕидовите беа гротескно склопчени. Изгледа така се едноставно стрелани. Или, како што се доведувани, се ставани пред ѕидот и се стрелани. Мојот слаб стомак повторно се преврте. Не можев повеќе да издржам, иако немаше страшен мирис во ходникот од зградата. Изгледа поради студеното време телата не се распаѓаат бргу или беа стрелани пред само еден, два дена. Мирисот на смртта е неопислив и неподнослив.

Кој ги застрелал овие луѓе кои очигледно беа цивили не можевме да дознаеме во моментот. Хаосот на војната не дозволуваше брзи заклучоци. Капетанот го повика човекот што и натаму седеше на купот цигли и неразговетно испушташе звуци.

– Драгане, ај дојди го повика капетанот! Човекот беше отсутен, но изгледа нешто разбра од повикот и тетеравејќи се стана. Драгане, кои се овие луѓе? Повторно праша капетанот.

Мајка ми, татко ми, целото семејство Бубало е таму. Два дена се таму, ги одведоа да ги испрашуваат хрватските војници. Дојдоа во скривалиштето и ги одведоа. Соседите Хрвати останаа во скривалиштето, а Стјепан соседот мене ме сокри со ќебето.

Повторно запали цигара, а капетанот нареди на еден војник да го води во штабот на баталјонот да даде изјава.

Гледате ли новинари што прават Туѓмановите усташи? Секој збор како да го испушташе со чкртање на забите. Дедаковиќу – Јастребе ова ли не учеа на војната академија, да стреламе цивили, како да прашуваше некој присутен, викаше капетанот. Очите чудно му светеа и како да бараа некаква освета. Смрачено, неговото лице не беше згодно за разговор и како едвај да чекавме да не повика – одиме во центарот за новинари.

Без ниту еден збор одевме покрај разрушените куќи, искршени столетни дрва, издупчени улици. Дојдовме пред некогашниот хотел што беше непосредно до реката Дунав. Капетанот нешто долго разговараше на моторолата со некој во штабот и при секој одговор од таму како да застануваше мирно. Мора да беше некој со премногу висок чин штом авторитетот го пренесува и преку радио врската.

Во еден војнички шатор имаше веќе поставена полска кујна, каде добивме чај и некакви бисквити што изгледа беа наменети за оние што имаат посебно јаки заби. Од време на време се слушаа рафални пукотници, но потоа сѐ стивнуваше. Вечерта веќе навлегуваше низ разрушениот град, а предвидената посета на болницата дефинитивно отпадна. Не било сигурно ни рече еден од присутните офицери. Капетанот веќе не го видовме, само ни кажаа дека го повикале на некое место за кое мислам дека се викало Овчара.

Повторно колоната со која дојдовме тргна кон Белград. Гужва на патот од разни колони возила и пешаци. Цивили и заробени војници, војници на регуларната армија и разни паравојски со свои симболи и песни, сѐ тоа се тркалаше од Дунав до Батровци и спротивно. Молчев како да сакав сѐ да заборавам и никогаш за сето што го видов некому да зборувам. Клепките сами се склопуваа да ми ги засолнат очите од темнината која нѐ покриваше.

– Ај разбуди се, ме протресе колегата и видов дека пред нас се светлата на Белград! И што видовме си помислив, што е тоа што ќе го пренесеме како вистина. Се опишува ли злото кое има илјада лица и сите злобни и грди. И  кој е тој што ќе ја оддели вистината од пропагандата? Како сето ова ќе биде примено од сите оние што со зажарени очи го следат дневникот во осум часот, а веќе имаат оформено своја вистина за војната на само педесет километри од нивните домови. Едно е сигурно – војната е безмилосна.

После триесет години и многу вистини за војната во некогашна Југославија, јазот меѓу народите што таа го направи не се пополнува. Како да не беше доволно тоа искуство, пак некои лица жедни за власт и моќ, тропаат на војните барабани. Од Украина стигнуваат слики и снимки од страшилото што епски го нарекуваме војна. Деца страдаат, колони ги напуштаат домовите се рушат градови. Сигурен сум дека моиве текстови нема  да допрат до оние што се господари на војната, на животот и смртта. Сигурен сум само, дека некаде ќе остане запишано моево сведоштво за злокобноста на човечката природа, што ако не се притиска од неговата подобра страна, ќе уништи сѐ за кое вреди да се нарекуваме разумни суштества.

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Љубчо Георгиевски за ЦИВИЛ Медиа: Иван Стоиљковиќ е докажан борец против македонската државност, од раните 90 години беше активен противник на независна самостојна македонска држава

    153 shares
    Share 61 Tweet 38
  • Срџан Амет, прв Ром кандидат за Скопје: Време е да се разбие стигмата за Ромите

    137 shares
    Share 55 Tweet 34
  • (ВИДЕО) AA: Србија денес ја прогласи Северна Македонија за српска територија, Владата го одобри тоа со присуство на вицепремиерот Стоилковиќ

    117 shares
    Share 47 Tweet 29
  • 24 ЧАСА: Молк од владата за големо-српската пропаганда на Денот на независноста; Падна владата на Франција; ЕУ да го осуди Вучиќ по навредите кон европратениците; Во тек е повикот на ЦИВИЛ за изборни набљудувачи

    114 shares
    Share 46 Tweet 29
  • Зависна независност

    101 shares
    Share 40 Tweet 25
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ