ДРАГАН МИШЕВ
„Кога започна Втората светска војна, Хитлер собра голем број, ако не и повеќето, европски земји под своето знаме за војна против Советскиот Сојуз. Сега, на ист начин, ЕУ и НАТО ја составуваат истата модерна коалиција за војна со Русија. Сето тоа внимателно ќе го анализираме“ – изјави рускиот Министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на прес конференцијата по средбата со својот азербејџански колега, Џејхун Бајрамов на 24 јуни.
Ова е уште една изјава на рускиот министер за надворешни работи и долгогодишен близок соработник на претседателот Путин, Сергеј Лавров, која целосно го отсликува рускиот пропаганден наратив, преполн се невистини, дезинформации и манипулации.
На почетокот на Втората Светска Војна, Хитлер, односно нацистичката власт во Германија од европските земји на своја страна ги придоби Италија, Унгарија, Романија, Бугарија, Хрватска, Словачка и Финска (неофицијално). Значи, далеку од повеќето европски земји. Напротив, повеќето европски земји во тоа време се или неутрални како Шведска, Швајцарија, Шпанија и Португалија и Ирска, или се окупирани и се борат на страната на Сојузниците: Велика Британија, Полска, Чешка, Југославија, Норвешка , Белгија, Холандија, Луксембург, Грција, Франција, Малта.
Тоа што Русите често го заобиколуваат, барем кога се однесува на овој историски период, е фактот што тогашниот Советски Сојуз, на чело со Сталин, пред почетокот на Втората Светска Војна склопи пакт со Хитлерова Германија, со што застана на иста страна со нацистите и нивниот водач Хитлер.
Во ноќта на 23-24 август 1939 година, Германија и Советскиот Сојуз потпишаа пакт, познат како Пактот Молотов-Рибентроп. Земјите се договорија дека нема да се напаѓаат и тајно ги поделија земјите што лежеа меѓу нив, што го отвори патот за заедничка инвазија и окупација на Полска, од нацистичка Германија на 1 септември, 1939, додека пак Советите не чекаа многу долго, па за нешто повеќе од 2 недели, го сторија истото на 17 септември, секако, без објава на војна.
Како „причина“ тогаш беше наведено дека Русија морала да им помогне на своите „крвни браќа“, Украинците (иако денеска ги негираат како нација) и Белорусите, кои беа заробени на територијата што била „незаконски анектирана“ од Полска. Историјата се повторува, нели?
На споменатата прес конференцијата, Лавров, запрашан за давањето статус на кандидат на Украина и на Молдавија за членство во ЕУ, ќе рече дека за разлика од НАТО, ЕУ не е воена организација и затоа членството во таа структура не претставува закана за Русија, што е дијаметрално спротивно на тезата од почетокот на пресот, каде вели дека токму ЕУ, заедно со НАТО составуваат модерна коалиција за војна со Русија?
Лагите на Лавров добро ги анализира и разобличува и ПолитиФакт во текстот со наслов „Рускиот јазик не е забранет во Украина, наспроти често повторуваните тврдења“.
Секако, ова не е прв пат изјавите на Лавров да содржат дезинформации и невистини, кои имаат единствена цел – да ја оправдаат таканаречената руска „специјална операција“ во Украина.
За време на прес конференцијата на 6 јуни, Лавров рече дека Украина усвоила „закони за забрана на рускиот јазик“, тврдејќи дека рускиот јазик е забранет во „образованието, медиумите, секојдневните контакти…“ Лавров направи „споредба“ дека ако англискиот бил забранет во Ирска или францускиот во Белгија, Европа би реагирала поинаку.
Овој став на Лавров произлегува од неговото искривоколчено и манипулативно толкување на законот за украински јазик. Со тој закон воопшто не се забранува рускиот јазик во земјата.
Всушност, во април 2019 година, украинскиот парламент го одобри законот за јазици со кој украинскиот јазик е задолжителен за вработените во јавниот сектор. Усвојувањето на овој закон бараше граѓаните да знаат украински, а државните службеници, војниците, лекарите и наставниците се обврзани да комуницираат на украински.
Некои исклучоци беа направени според законот за некои малцински јазици како и англискиот и другите јазици на Европската унија. Рускиот јазик не спаѓа во оваа категорија.
Во јануари 2022 година, беше воведена нова одредба од законот, според која печатените медиуми регистрирани во Украина требаше да се објавуваат на украински јазик. Оваа мерка, пак, не претставува забрана на публикации на други јазици. Наместо тоа, законот бараше целата содржина да биде објавена и на украински, а не исклучиво на украински.
Повторно, исклучоци од одредбата беа направени за одредени јазици како англискиот и другите официјални јазици на Европската унија, но не и рускиот.
Лавров се повикува на наводна забрана на рускиот јазик во Украина, особено во „образованието, медиумите, секојдневните контакти“, за време на прес конференцијата.
И покрај законот за јазици кој го утврдува украинскиот јазик како официјален јазик на земјата и дава приоритет на неговата употреба во граѓанското општество, рускиот не е забранет, така што и оваа изјавата на Лавров е целосно лажна. И Би-Би-Си направи одлична анализа на лажните тврдења и дезинформации што ги изнесе рускиот министер Лавров во интервју што со него го направи уредникот за Русија, Стив Розенберг.
Тоа не е сè. Лавров искажа низа тешки и очигледни лаги за војната во Украина.
„Вовлекувањето на Украина во НАТО беше криминално дело“, а Русија ја нападнала Украина за да го спречи Западот да ја „вовлече“ Украина во воената алијанса, изјави Лавров.
Меѓутоа, Украина не е членка на НАТО и, иако изрази желба да се приклучи, нема временска рамка за тоа.
Секако, ако Украина стане членка на НАТО, алијансата ќе биде обврзана да ја брани од напади на Русија или други противници, но таа тоа не е, а и НАТО не распореди никакви борбени трупи во Украина.
Во март, самиот украински претседател Володимир Зеленски рече: „Јасно е дека Украина не е членка на НАТО, ние го разбираме ова“.
Секако, соработката со Западот се продлабочи од 2014 година, а членките на НАТО ја поддржаа Украина со опрема и обука по анексијата на Крим од страна на Русија, но тоа ни оддалеку не може да биде причина за брутална агресија.
Во меѓувреме, НАТО распореди повеќе сили во некои земји членки во источна Европа во последниве години, и тоа токму како реакција на руската анексија на Крим и руските активности во регионите. Што значи дека повторно не може да биде повод за агресија. И колкави се тие сили? Податоците велат дека НАТО распореди 5.000 војници во Источна Европа по 2014 година, односно четири борбени групи во балтичките земји и во Полска. Не во Украина!
„Пред руската нелегална анексија на Крим, немаше сојузнички трупи во источниот дел на Алијансата“ – стои во изјавите на НАТО.
Исто така, факт е дека засилената воена активност на НАТО во Источна Европа се одговор на руското трупање војска и воена опрема во близина на Украина, кое траеше со месеци пред таа да изврши целосна и брутална инвазија на 24 февруари. Во еден момент, руските сили се проценува дека бројат дури 190.000 војници.
„Ние не ја нападнавме Украина, објавивме специјална воена операција“ – е уште една целосна дезинформација што ја пласира Лавров, а која е омилениот наратив на сите руски политичари и раководители кои се обидуваат да ја оправдаат агресијата врз Украина.
На 24 февруари, руските сили започнаа целосен и неиспровоциран напад врз една независна и суверена држава, соседна Украина, таргетирајќи цивили и цивилна инфраструктура без селекција, низ целата земја. Воедно, Русија ги нападна сите медиуми и граѓанското општество во своите граници, апсејќи илјадници луѓе што се спротивставија на бруталната воена агресија.
На почетокот на март, Русија донесе закон според кој објавувањето „лажни вести“ за тоа што прави руската армија се казнува со затвор до 15 години.
Во пракса, ова значи казна за известување за сè што го оспорува наративот на Кремљ за агресијата против Украина.
На медиумите во Русија им е забрането тоа да го нарекуваат „војна“ или „инвазија“. Единствениот подобен израз е „специјална воена операција“.
„Според меѓународното право, платениците не се признаваат како борци“ – изјави Лавров додека зборуваше за двајца Британци кои беа осудени на смрт од рускиот квази суд, обвинети дека се платеници.
Воените закони утврдени во Женевските конвенции им даваат „борбен имунитет“ на воените заробеници, а платениците (странски борци кои не се дел од редовна армија, ангажирани за преземање воени операции) не се опфатени со оваа законска заштита, тврди Лавров.
Меѓутоа, двајцата мажи со потекло од Британија, живеат во Украина од 2018 година, а нивните семејства велат дека тие биле долгогодишни членови на украинската војска и затоа треба да бидат заштитени. Според Женевските конвенции, странските државјани кои се членови на вооружените сили на друга земја имаат права како воени заробеници доколку бидат заробени. Лавров повторно лаже и манипулира и со тој став.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, исто така, со дезинформации се обиде да манипулира со чувствата на православните верници во светот со изјавата дека САД работат на уништување на православието. Изјавата ја даде на 4 јуни, истиот ден кога артилеријата на руската армија погоди украинска православна црква во кругот на манастир стар 500 години. Притоа, уништи и една црквата што ја преживеа и нацистичката окупација во Втората Светска Војна.
Крајот на лагите на руските највисоки државни претставници не се гледа. Лавров е само еден од најгласните гласноговорници на големите руски лаги.
Текстот е личен став на Авторот. Преземањето е дозволено според условите на Creative Commons 4.0.