Вкупно 42 судии и 10 јавни обвинители над 62 или 64 од денеска се во пензија. Како што информираа за МИА од Советот на јавни обвинители и Советот на судии на Република Северна Македонија, денеска биле донесени одлуки со кои се констатирал престанок на нивната функција поради исполнување на условите за пензија.
Собранието вчера не ги изгласа измените на Законот за работни односи со кои работниот век на судиите и јавните обвинители ќе им беше продолжен за 3 години, а токму вчера беше последниот рок за гласањето, кое не стигна до пленарната седница поради интерпелацијата за собранискиот спикер, Талат Џафери.
– Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека на 407-та седница одржана на ден 01.07.2022 година го измени и дополни дневниот ред и одлучи за следното: Донесени се заклучоци во врска со Законот за работни односи Донесени се решенија со кои се ставаат вон сила донесените решенија со кои е продолжен мандатот на судиите и решенија со кои се констатира престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија, а согласно измените на Законот за работни односи („Службен весник на РСМ“ бр.151/21) и тоа за следните судии, стои во соопштението од Судскиот Совет во кое со име и презиме се наведени 42 судии на кои им престанува функцијата.
Од Советот за јавни обвинители, пак, велат дека станува збор за 10 обвинители чии предмети ќе бидат дополнително распоредени.
– На педесет и деветтата седница, Советот на јавните обвинители на РСМ, ги донесе следните одлуки: Донесени се одлуки за престанок на работниот однос на јавните обвинители: Мери Тромбева јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, Елизабета Ристеска јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Сулејман Алијевски јавен обвинител во ОЈО Битола, Снежана Зафирова јавен обвинител во ОЈО Кочани, Елица Илиевска јавен обвинител во ОЈО Скопје, Гордана Смаќоска јавен обвинител во ОЈО ГОКК, Жулиета Карова Бошевска јавен обвинител во ОЈО Битола, Милка Спиркоска јавен обвинител на ОЈО Прилеп, Имран Османи јавен обвинител во ОЈО Скопје и Јован Илиевски јавен обвинител во Јавното обвинителство на РСМ, стои во соопштението од СЈОРМ.
Дополнително, на истата седница е донесена и одлука за назначување на јавниот обвинител Пецо Везироски за ВД јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, како и на јавниот обвинител Марјана Илиеска за ВД јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Прилеп.











