Координаторот на „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец, за белградска „Политика“ најавува дека наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на Северна Македонија, на Албанија и на Србија, благодарение на што ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од тие три земји.
„Многу наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на „Отворен Балкан“ (ОБ ИД број), благодарение на што тие ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од овие три земји, без нострификација на дипломите, чекање на работни дозволи и какви било други административни бариери“, изјави Забрчанец за „Политика“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој додаде и дека во завршна фаза се подготовките за воспоставување единствен електронски систем за наплата на патарините во сите три земји.
„Пред нас е тешка зима на енергетски и економски план, затоа „Отворен Балкан“ е мобилизиран на ниво на кризни работни групи за да се погрижи секоја од трите земји лесно да ги помине студените денови“, вели Забрчанец.
Тој посочува дека односите меѓу Србија и Албанија се најдобри досега, како и односите меѓу Северна Македонија и Албанија.