Во експлозија во рудник за јаглен во северната турска провинција Бартин загинаа најмалку 40 рудари, додека спасувачките тимови продолжуваат да трагаат по затрупаните под земја.
Единаесет од 58-те спасени рудари се уште се наоѓаат на болничко лекување, но не е јасно колку луѓе се уште се блокирани поради експлозијата, која се случила додека внатре работеле 110 луѓе. Властите соопштија дека првите индиции се оти експлозијата била предизвикана од гас што се создава во рудниците за јаглен.
Колегите и семејствата на рударите чекаа во близина на местото на несреќата и пред болниците каде им се пружа помош на повредените, покажуваат снимките од локалните медиуми. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го откажа својот распоред со обврски за да може денеска да допатува на местото на несреќата.
Посакуваме загубата на животи да не биде поголема и нашите рудари да бидат извлечени живи и здрави, истакна Ердоган.
Во 2014 година, 301 работник загинаа во најголемата рударска катастрофа во Турција во западниот град Сома, 350 километри јужно од Истанбул.