На крајот на работната недела, Прашањето на денот на ЦИВИЛ добива форма на Граѓански форум – целосно отворен простор за граѓанките и граѓаните.
Секој петок, јавноста е поканета да сподели порака, барање или прашање што смета дека е најважно и најитно: за личниот живот, за семејството, за соседството, за работното место, за локалната заедница, за институциите, за општеството и за државата.
Ниту едно прашање не е мало ако произлегува од реален проблем. Ниту една тема не е безначајна ако го погодува животот на луѓето. Секој проблем, колку и да изгледа „секојдневен“, има тежина – затоа што токму од тие секојдневни проблеми се гледа дали институциите функционираат, дали политиката служи на јавниот интерес и дали власта слуша.
Петочното прашање најчесто е формулирано широко, за да создаде простор за повеќе различни теми и прашања:
ГРАЃАНСКИ ФОРУМ: Ние прашуваме, тие (не) одговараат – која е вашата порака до политичарите?
Зошто е додадено „тие (не) одговараат“?
Затоа што тоа, за жал, е искуството што граѓанките и граѓаните премногу често го имаат со институциите и политичарите. Прашањата се поставуваат, проблемите се посочуваат, барањата се повторуваат – но одговорите често изостануваат, се одложуваат, се заобиколуваат или се заменуваат со општи фрази, партиски пораки и протоколарни соопштенија.
Тоа е и искуството на новинарскиот тим на ЦИВИЛ. На многу прашања од јавен интерес, поставени до политичари и институции, ретко се добиваат точни, јасни и недвосмислени одговори. Премногу често, јавноста добива молк, пренасочување, половични информации или формулации што повеќе прикриваат отколку што објаснуваат.
Ниту едно прашање не е мало ако произлегува од реален проблем.
За тоа ЦИВИЛ ќе објави и посебна анализа. Таа, за жал, веројатно ќе биде и смешна и загрижувачка – смешна поради начинот на кој се избегнуваат едноставни прашања, а загрижувачка затоа што избегнувањето одговори е сериозен проблем за демократијата.
Можеби најточното прашање е:
Ние прашуваме, тие бегаат од одговори – до кога вака?
Политичарите можеби се обидуваат да контролираат или да влијаат врз голем дел од јавниот простор, но граѓанките и граѓаните знаат каде нивните зборови, мисли, искуства и пораки ќе бидат прочитани со почит и внимание.
Тоа е медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода: простор што произлегува од граѓанските заложби, од секојдневната комуникација со луѓето и од 28 години работа во одбрана на човековите права, слободата и демократијата.
Затоа, коментирајте, прашувајте, посочете. Дајте пример, споделете искуство, кажете што ве мачи и што очекувате. Побарајте одговор.
Ние сме тука – заедно со вас.
ЦИВИЛ – Центар за слобода
Две години ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Секојдневен граѓански форум со ЦИВИЛ, гласно и бескомпромисно
Независното новинарство, слободниот говор и граѓанското општество се брана против лагите, пропагандата и злоупотребата на моќта.
Поддржете го ЦИВИЛ и помогнете ни да продолжиме независно, истрајно и во интерес на јавноста.













