Унгарија направи значаен чекор кон соочување со своето комунистичко минато. На 4 ноември, владата на премиерот Петер Маѓар објави дел од архивите на поранешната државна безбедност, овозможувајќи јавно пребарување на податоци за околу 60.000 лица поврзани со нејзината мрежа. Одлуката, која беше едно од предизборните ветувања на партијата Тиса, предизвика остри реакции од Фидес, а техничка грешка при објавувањето отвори дополнителни прашања за заштитата на личните податоци и точноста на архивската евиденција.
Отворање на архивите по 36 години
На 4 ноември, на 70-годишнината од советската воена интервенција со која беше задушено Унгарското востание од 1956 година, стана јавно достапен дел од документите на комунистичката тајна полиција. Архивите се однесуваат на периодот од 1945 до 1990 година, кога државната безбедност била еден од главните инструменти за контрола на општеството.
Владата на Петер Маѓар ја реализираше оваа мерка како едно од предизборните ветувања на партијата Тиса, која победи на парламентарните избори во април 2026 година. Законската рамка за објавување на документите беше усвоена во септември, а пребарувањето е овозможено преку јавната интернет-страница nyitottaktak.hu.
Според унгарскиот Историски архив на службите за државна безбедност (ÁBTL), достапните записи содржат податоци за приближно 55.000 до 60.000 лица заведени во различни евиденции на поранешната државна безбедност.
Во првата фаза се достапни три вида документи: картоните број 6, кои содржат податоци за лицата и околностите на нивното регрутирање; Б-дневниците, односно регистрите за регрутирање; и податоците од магнетните ленти, кои содржат евиденција за мрежата на државната безбедност.
Подеталните досиеја за регрутирање, кои можат да содржат информации за начинот на воспоставување соработка, мотивите и активностите на лицата, треба да бидат објавени до 25 февруари 2027 година, поради обемот на материјалот и потребата од обработка и заштита на личните податоци.
Премиерот Маѓар порача дека објавувањето не треба да биде основа за автоматско осудување на луѓето чии имиња се појавуваат во документите. Според него, целта е да се овозможи подобро разбирање на минатото, а не архивите да се претворат во средство за политички пресметки.
Кој бил доушник, а кој бил набљудуван?
Едно од најважните прашања што се отвори по објавувањето е како да се толкуваат податоците во архивите. Имено, појавувањето на нечие име во базата не значи автоматски дека лицето соработувало со тајната полиција или доставувало информации за други луѓе.
Во евиденциите се појавуваат различни категории лица: регрутирани соработници, лица кои биле контактирани од службите, но не морале да прифатат соработка, како и луѓе кои биле предмет на надзор.
Според објаснувањата на директорот на ÁBTL, Гергe Бенедегуз Чех, дел од луѓето биле регрутирани под притисок, со уцени или закани, додека други биле мотивирани од лични, идеолошки или материјални причини. Имало и случаи во кои лицата биле заведени во евиденцијата, но никогаш не доставиле извештаи.
Историските процени укажуваат дека во периодот на комунистичките режими на Матијаш Ракоши и Јанош Кадар, во различни периоди и форми, околу 150.000 лица биле дел од мрежата на државната безбедност. Сепак, голем дел од документацијата е изгубен или уништен, особено во 1956 година и во пресрет на падот на комунистичкиот режим во 1988 и 1989 година.
Фидес: обид за одвлекување на вниманието
Објавувањето на архивите предизвика остри реакции од опозициската партија Фидес, која со години беше на власт под водство на Виктор Орбан.
Лидерот на пратеничката група на Фидес, Јанош Бока, ја оцени одлуката како политички циркус и обид на владата на Маѓар да го одвлече вниманието од актуелните проблеми на земјата, особено од прашањата поврзани со буџетот за 2027 година.
Бока оцени дека објавувањето на илјадници документи без доволно објаснување и контекст не придонесува за вистинско соочување со минатото, туку може да создаде поделби и недоверба меѓу граѓаните.
По откривањето на техничкиот пропуст во базата, Фидес побара привремено исклучување на веб-страницата, јавно извинување од премиерот Маѓар и политичка одговорност од министерот за општествени односи и култура, Золтан Тар.
Техничка грешка: околу 160 набљудувани лица погрешно заведени
Само еден ден по објавувањето на базата, на 5 ноември, беше откриено дека техничка грешка при обработката на податоците од магнетните ленти довела до погрешно прикажување на имињата на околу 160 лица.
Станува збор за луѓе кои биле предмет на надзор на поранешната државна безбедност, а не нејзини соработници. Меѓу погрешно објавените имиња било и името на поранешниот пратеник Шандор Лежак.
Директорот на архивот, Гергe Бенедегуз Чех, објасни дека проблемот настанал при дигиталната обработка на податоците, бидејќи системот погрешно ги протолкувал ознаките со кои биле категоризирани лицата во поранешната евиденција.
Архивот најави проверка на податоците и отстранување на погрешно објавените имиња. Директорот презеде одговорност за пропустот и се извини за нарушувањето на приватноста на засегнатите лица.
Долгогодишна политичка и историска дилема
Прашањето за отворањето на досиејата на комунистичката тајна полиција е присутно во унгарската политика уште од промената на режимот во 1989 и 1990 година. Иако во претходните децении беа усвојувани законски решенија што овозможуваа одреден пристап до архивите, целосно јавно пребарување на овие евиденции не беше овозможено.
Во 2002 година, тогашниот социјалистички премиер Петер Меѓеши се најде во политички скандал откако беше објавено дека за време на комунистичкиот режим работел за контраразузнавачката служба. Случајот повторно ја актуализираше дебатата за транспарентноста, одговорноста и политичките последици од откривањето на архивите.
Во следните години, обидите за пошироко отворање на документацијата продолжија да бидат предмет на политички несогласувања. Според унгарскиот медиум Telex, предлозите за објавување на архивите поднесени по 2010 година од пратеници на партијата ЛМП биле одбивани од парламентарното мнозинство предводено од Фидес.
Б. Ј.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












