„Имам свое мислење, ама не се согласувам со него….. додека не го усогласам“. Луцидноста во кратки реченици е одлика на висока интелигенција, а тоа многупати досега се потврдило заклучувам, читајќи што напишал мојот пријател Димитров, анализирајќи еден мој текст. На ова тешко може да се додаде нешто, освен да се започне со пишување на друг текст кој е испровоциран со процесот на донесување одлуки во сите нивоа на власт кај нас. Секако правото на донесување на одлуки е овозможено со закони и други правни акти, ама последиците од одлуките ги живеат сите во заедницата. За да се усогласат мислењата најдобро е да се спротивстават разни мислења, па да се пуштат во не често омилениот процес на усогласување.
Мислењата сѐ како и секој дел од телото, секој ги има. Мислењето како процес од кој ќе произлезат аргументирани заклучоци не е дел од поведението или капацитетот на добар дел од граѓаните. Секако ова е природна поделба според створителот и нема поправка, па дури и еволуцијата да се заврти уште еднаш. Таков е архетипот на творбата хомо сапиенс.
Ај малку и јас да ве заморувам со мое мислење кое го стокмив, мачејќи се да го поминам целиот процес да стигнам до него. Повод е одлуката на комисијата на Советот на мојот град да се изгради споменик на новиот кружен тек, скоро во центарот на градот. Споменици се стават на разни места, ама најважно е да има причина за нивното поставување, соодветно место и соодветна личност што ќе биде овековечена. Важно е и кога ќе се постави да биде на „ачик“, што ќе рече местото да е видно од сите страни за да го видат повеќе луѓе и да им асоцира нешто од причината зошто е направен и поставен токму тој споменик. Големите градови имаат повеќе такви средишни места и можат да имаат повеќе споменици, ама малите градови освен спомен обележјата кои се врзани за конкретна локација немаат на располагање многу такви погодности. Особено ако е некој македонски град што е распослан по ритчиња, треба да се води сметка и за достапноста на локацијата. Е, кога веќе се елаборирав, да сѐ вратам на конкретната причина за ова писание. Локалната самоуправа ќе донела одлука за поставување на споменик на светите браќа Кирил и Методиj на новиот кружен тек. Во принцип сметам дека таквите места се за сообраќајци со бели ракавици, а не за историски личности, но секое време си носи и свои правила. Ако е така да видиме кои се оправданостите за поставување на споменик на светите браќа. Зад секој ваков проект мора да има и издржана приказна која ќе победи во поширока дебата меѓу граѓаните. Кирил и Методиj секако заслужуваат споменик, ама прашањето е зошто токму во Штип? Ако држи вода приказната за активностите на Методиј како управител на Брегалничката област и некои мислења дека токму овде со неговиот брат Кирил ја создале глаголицата, веројатно ќе има оправдување поставувањето на споменикот. За ова да биде продадено како приказна и тоа туристичка ќе треба елаборација од надлежните институции кои се занимаваат со историја. Далеку може да нѐ одведе замислата целата оваа регија околу Штип да ја наречеме татковина на глаголицата. Ќе произлезат многу спротивставувања од разни историски комисии и целата работа може да се развлече или да влеземе во несакана импровизација и опструкција од разни страни. Посебно кога ќе се започне со идејниот проект за изгледот на споменикот. За да биде препознатлив треба да биде автентичен, а тоа не е лесно зошто само во Македонија има три големи споменици на просветителите. Ако некој е имал шанса да ја посети Чешка или го запраша чичко Гугл ќе види дека таму има дузина на споменици во поголемите градови и низа на помали пред црквите кои се посветени на светителите и просветителите Кирил и Методиј и најмногу се чествуваат токму во Чешка и Моравија. Споменици на Кирил и Методиј има и во соседните држави кои пишуваат на кирилица, а и во Москва и Санкт Петербург има паметници под кои пишува Кирил и Методиј. Ако се смета на тоа дека пред нападите од соседната Бугарија на нашиот идентитет ќе направиме бусија не сум сигурен дека со неа ќе се одбраниме. Како што започнав со моето мислење кое го ставам на усогласување со другите кои се против своите мислења ете ова се моите аргументи против споменикот токму на Св. Кирил и Методиј.
А еве го моето мислење со кое не се согласувам додека не се усогласи со мислењата на моите сограѓани, зошто споменик треба да биде место кое се почитува и полека како што вели нашиот народ станува вак’вско.
На ова место заслужува да се постави споменик на еден наш сограѓанин кој е закитен со ореолот – светец. Се работи за Мијалче Парнаџиев за кој сѐ уште меѓу живите, а постари штипјани има многу добри сеќавања. Тој е роден 1926 година што значи сѐ уште живите, а родени во триесеттите и четириесетите се сеќаваат на него како учител во штипската гимназија каде предавал историја на уметноста и ликовно образование. Уметничка академија завршил во Белград, а бил чест посетител на уметничката работилница на светски познатиот скулптор Тома Росандиќ. Во аналите за таа работилница може да се прочита и мислење за талентот на Парнаџиев од страна на Хенри Мур кого го запознал на последната година на академијата во 1954 година.
Штипјани кои сега се некаде околу шеесет години се сеќаваат на паркот со фонтаната во центарот на градот. Верувам дека скоро во секое семејство од тоа време има слика со мермерната скулптура на детето кое мокри и тркалезниот базен во кој имаше риби. Таа скулптура е дел од колективното сеќавање на многу штипјани и мислам дека е уметничко богатство, иако не знам каде сега се наоѓа. На денот на отворањето на големата „предара“ што беше позната како Т.К. „Македонка“ пред нејзиниот влез е поставена скулптура на работник во социо-реалистички стил од тоа време. Скулптурата и денес стои на тоа место и е нем сведок на илјадниците работници и напредокот на градот од занаетчиско гратче во индустриски центар. Секако и денес таа скулптура на Парнаџиев буди емоции на штипјани од тие времиња. Само неколку стотина метри покрај регионалниот пат за Кочани има негова мермерна композиција во реалистички стил во спомен на стреланите младинци од страна на „бугарскиот фашистички окупатор“ како што и денес стои. Имаше неколку иницијативи за пренесување на оваа важна скулптура некаде во центарот на Штип каде ќе може да биде посоодветно одржувана, но сѐ остана на разговори. Во Штип има уште две негови мали скулптури што повеќе од половина век го делат секојдневието на овој град со неговите жители. Дополнителен аргумент за поставување на негов споменик е и постоењето на ликовната академија во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“. Има професори кои веќе стануваат познати скулптори, а не би било на одмет да го потврдат својот талент со изработка на скулптура на професорот Парнаџиев.
Тоа се аргументите кои ги изнесувам како предлог за усогласување на мислењата околу споменикот на кружниот тек во близина на црквата Св. Никола во Штип. Тоа се аргументи поврзани со ликовниот уметник и професор Мијалче Парнаџиев. Но тој наш некогашен сограѓанин има и духовен лик кој го градел со своето однесување, живеење и пишување за цврстината на христијанската вера кај себе. По годините на работење во Скопје како слободен уметник заминува на Света Гора на Атос. Таму престојува во неколку манастири и скитови. Се враќа во Македонија и од 1975 година живее, се моли, пишува и го советува народот во Лесновскиот манастир. Во 1981 година е почестен со чин архимандрит, а 1989 година е хиротонисан во Епископ Велички. За неговиот карактер зборуваат сите кои го посетиле во манастирот, а се занимавал и со пишување на теолошки теми поврзани со етиката и постот во христијанството. Се упокоил во 1990 година во Лесновскиот манастир. Во месец мај во 2017 година од страна на Македонската православна црква е прогласен за Светец Гаврил Светогорец.
Кога треба да се редат аргументите околу потребата за поставување на токму негов споменик, треба да се земе предвид и дека не секој град има светец кој е роден и живеел во него. Сите што имале шанса да поминат низ Италија или Шпанија знаат дека секое село кое има некаков свој црковен великодостојник има негова скулптура, обележје и приказна за неговиот живиот. Сето тоа е организирано и со гордост се покажува на посетителите.
Често имаме дилема дали е времето погодно за некоја поголема постапка што треба да има поопшто значење. И секогаш имаме двоумење дали е вистинското време за тоа. Да не произлезе некаква несакана последица секогаш ни е страв. Таков е нашиот менталитет кога треба да се одважиме и на сопствените вредности им дадеме поголемо значење. Не знам дали црковните канони имаат некакви правила околу поставувањето на споменици на црковни великодостојници, бидејќи се работи за Епископ, но сметам дека во годината во која МПЦ излезе од расколот со сестринските православни помесни цркви и се стекна со признавање на нејзината автокефалност, а е на пат тоа да биде и сеопшто прифатен факт од православната вселена, поставувањето на ваков споменик ќе биде вистинска потврда на тој статус.
Овој текст го нареков автентичност, сакајќи да ги споделам со вас аргументите за мојот предлог за споменик во Штип. Зарем има нешто поавтентично од уметник, педагог, монах, архијереј и светец, кој е роден и работел во родниот град, а притоа со својот карактер на благост, тихување во комуникациите останал во сеќавањето како добар човек кој Бог го примил како светец.
Ете затоа сметам дека пред да се сложам со своето мислење треба да го ставам на усогласување со моите сограѓани за потоа да биде мој став околу оваа тема. Останува да се усогласам со вашите мислења за да станат ставови.












