ВОЈО МАНЕВСКИ
КРИЗАТА ЧУКА НА ВРАТАТА, КРИЗАТА ВЕЌЕ НИ Е СЕКОЈДНЕВИЕ, КРИЗАТА НЀ ПРИТИСКА, СЀ СЕ ТОА НАСЛОВИ КОИ НИЗ МЕДИУМИТЕ ГИ СРЕЌАВАМЕ СЕКОЈДНЕВНО. Мерките се добри и навремени, мерките се ненавремени и не се доволни е најчестиот одговор на политичките партии во зависност на тоа на кој дел од системот се, во позиција или опозиција.
Граѓаните се во очекување на силината на кризата и мерките кои можат да им помогнат во справување со неа. Однапред да се разбереме дека тие мерки можат да ја олеснат состојбата, ама не можат да донесат решение со кое нема да ја почувствуваме. Најголемиот дел од причините се системски. Во самиот систем на организација на државата има аномалии што ја прават слаба и неотпорна на кризите.
Во политичкиот дел од животот тоа е недоволниот демократски капацитет на политичките партии кои никако да се извлечат од деведесеттите и тој начин на размислување, кој се базираше на заземање на место во раскрчмување на државното богатство и со правење на лидерски култ место внатрешна демократија и проодност на кадри. Партите веќе го покажуваат и својот анахронизам со својата заснованост на национална припадност како основна агенда. Издигнувајќи го националниот додаток како основа за своето делување станаа професионални припадници на својот народ, но пред сѐ за своја сметка како современа политичка и економска олигархија.
Оние партии што се обидуваа да направат исчекор надвор од својот национален двор мораа да сѐ враќаат секогаш чекор назад, поради заграденоста на просторот од партиите кои својата безидејност на економски или социјален план ја затскриваат со национални агенди.
Сѐ на сѐ силината на кризата ја покажува сета наша слабост и оголеност како општество кое се плаши да исчекори од сопствената автархичност. Кога не може општеството тогаш граѓаните исчекоруваат, ама преку граница и дополнително ја ослабуваат можноста да се справиме успешно со кризата која веќе навлезе.
Обзнаени се мерките на Владата за кои таа смета дека се доволни за ублажување на негативните последици од кризата. Се најави и новиот начин на собирање на средства нужни за тие мерки. Немало да се воведуваат нови даноци, туку ќе се зголемел опсегот на оданочени правни и приватни лица и основат за оданочување. Ќе се враќал процентот од стапката за ДДВ кој беше намален на 10 или 18 проценти. На крајот и таа мерка ќе доведе до поскапување на производот кој досега се оданочувал со повлaстена стапка. Она што одамна економистите и советодавачите ни го советуваа дека сивата економија ни ја јаде основата на општествениот приход сега ќе се обиде Владата, а да го разреши барем до подносливо ниво. Тешка задача со нефункционален правен систем кој е и еден од причините за таквата состојба и со мала доверба во институциите на системот, кои се разјадени од партизираност и постојан сомнеж за корупциско делување на носителите на одговорни функции.
Податоците на Светска банка за големината на сивата економија од 28% не е само статистички податок, туку и основа за измена на бројот на оданочените субјекти. Во оваа криза тоа може да биде и спасоносен извор на средства од кои ќе треба да се дополни буџетот од над пет милијарди евра. Нема да биде лесно, ама е нужно и тоа поради низа на економски, финансиски и социолошки причини.
На пример, Владата воопшто не размислува за проширување на начините за оданочување на лихво-банкарството со цел да ја намали неговата улога во исцицувањето на средствата од економијата и нивно пласирање во државните обврзници поради поголема сигурност, но и сѐ поголемото влијание врз носителите на одговорни функции. Во предлогот за реформи на даноците воопшто нема такви решенија што би ја намалила веќе неподносливата разлика меѓу граѓаните и олигархијата. Професорите од економските науки сигурно ќе советуваат дека треба да се поттикнат инвеститорите и се искористат нивните пасивни средства, без разлика како се стекнати, но мора да се размисли и за пасивизирањето на работоспособното население преку иселувањето и неговото стареење. Апатијата се лечи со минимална правда и повисок стандард, а не со професорски реферати.
Да не забориваме за падот на квалитетот на образованието што дополнително го продлабочува јазот меѓу осиромашните граѓаните и оние со квалитетно образование што е скапо, а тие имаат пристап до подобрите и поплатени работни места, ама таквите се повторно мал дел. За падот на влијанието на професорите врз политичките процеси подобро да не пишувам зошто многу често нивното ниво е учество во некоја комисија за подготвување на закон, некој меѓународен проект или советничко место во Владата. Кога се осмелат да бидат министри тогаш се разочаруваат во можноста за имплементација на своето знаење и се претвораат во салонски политичари. Не сум сигурен дека дебатите за рамниот и прогресивниот данок како концепти се главна тема меѓу скоро неколку стотината професори на економските факултети.
Богатствата на олигархијата се штитени од оние што тие ги поставуваат во Парламентот или во раководствата на политичките партии, а преку нив и во институциите на правосудниот систем и разните инспекторати. Се изнаслушавме податоци за тоа и во некогашните „бомби“ и во сегашните интервјуа. Наука, принцип или одговорност кон граѓаните не слушнавме.
Не смее да се занемари еден неспорен факт дека низа на реформи кои ни се советувани од Европа не беа добро осмислени, токму од предлагачите од Европа, а последиците се заглавеност меѓу слободниот пазар и оној што ги регулира интересите на олигархијата.
Погледнете го начинот на донесување на економски или закони со кои се регулира финансискиот пазар или само дебатата околу истите, па сѐ ќе ви биде разјаснето околу оваа проблематика. Нашиот народ вели „врти сучи ќарот секогаш е кај нив“. На крајот ќе испадне дека меѓу лошите последици е и нашето геополитичко позиционирање кое или не го разбираме доволно или не сме подготвени да го воведеме и користиме, поради неподготвеност за тоа. Одговорноста овде е на сите досегашни партипициенти во власта, ама се разбира сега неа ја носи СДСМ како најголема партија која е носител на актуелната власт и одлуките за мерките се на неа… А „зелено облечените“ ДУИ сѐ повеќе се анахронизам во политичкиот живот со самиот факт дека две децении се на власт, а државата не е способна да ја преброди актуелната криза со малку последици, туку со социјални ломови кои ги погодуваат сите граѓани, без разлика од кој дел на резервоарот на гласачи потекнуваат.
Велат дека општеството било длабоко класно поделено. Нема поделба кога само мал процент се сопственици на целокупниот капитал. Тоа е експлоатација на мал дел врз мнозинството, па како сакаш крсти ја социолошки таа состојба. Често слушаме дека економско влијание врз БДП имаат малите и средните компании кои вработуваат и најмногу работници и имаат поголем број сопственици. Од друга страна погледнете ги извештаите за сопственичката структура на најпрофитабилните компании. Ако обичен информатичар ви ги подреди во колона ќе ви биде прегледно дека сопственици на огромниот дел од капиталот во Македонија се не повеќе од стотина лица. Се разбира овде не влегува сивиот дел од разните мрежи на мајки и ќерки компании што ниту Ј.О. ниту судските постапки можат да ги разврзат. Тој процес на зголемување на наремноправноста во Македонија се зголеми за време на кризата и сѐ продлабочува поради осиромашувањето и потребата на граѓаните да се задолжуваат уште повеќе кај лихваро-банките за да ја преживеат кризата.
Сиромаштијата на граѓаните како во огледало се гледа во извештите за банковните профити. Само трите најголеми банки кои изгледа се сопственици на иднината на граѓаните, дополнително го зголемиле своето салдо. Комерцијана банка, Тутунска банка, Стопанска банка, во првите шест месеци на 2022 година направиле профит од над 70 милиони евра, а тоа му доаѓа 18 милиони евра повеќе од истиот период од минатата година.
Уште еден податок што ја оправдува тезата за олигархиската поставеност на нашата економија. Десет најпрофитабилни компании кои оствариле вкупен профит од нешто над 300 милиони евра, своите вработени ги плаќале во просек од околу 30.000 денари што е нешто над просечната плата за минатата година. Да не правиме споредба со оние што земаат околу минималната плата, а нивниот број е над третина од сите вработени во државава.
Кој ќе ги издржи лесно кризата и мерките заклучете сами. Енергетската криза и цените за струја и греење секако се последица на состојбата со одговорностите за кои пишував на почетокот на текстот. Разбирањето на одговорноста само како можност да се влезе во елитата доведе до сегашната состојба кога дури скоро една третина од потребите за струја ги увезуваме. Ќе речете дека немаме големи резерви на јаглен, нафта немаме, а ниту извори на гас. Во секторот на електропроизводство со водени акумулации состојбата е токму отсликувачка, а и другите инвестиции во овој сектор биле нужност, ама податоците тоа не го покажуваат. За дваесетте последни години на С.Р. Македонија се изградени капацитети кои произведуваат 1.700 мегават часови. Во годините на независна и демократска Македонија сме изградиле капацитети кои произведуваат 160 мегават часови. До самостојноста, до демократијата ли е, до нас лие? Бројките сами анализирајте ги.
Цел свет се бори со инфлацијата велат експертите и ние имаме увезена инфлација на која се додава и нашата нерационалност и нефункционалност, па сега таа кај нас е околу 20 проценти. Тој процент е во целост наш, зошто ние со него треба да се справиме иако состојбите на светскиот пазар можат да помогнат кога ќе се стабилизираат. За да опстанеме и да можеме утре да го повратиме производството и да постигнеме раст мора системот да се менува. Предвидениот раст од 2,9 проценти за идната година не е задоволувачки. Да не влегувам сега во пишување за неговата структура и зависноста од потрошувачката што е над полoвина од тој број. Да се занимаваме со мерките кои мора да се многу похрабри и таргетирани таму каде што треба. Професорот Хорват пред 35 години велеше дека од сува дреновина нема што да се исцеди. Затоа мора да се преобмисли целата даночна реформа и да се зема од оние што имаат, но тоа да не биде експропријација, туку низ пореска политика да се зголеми реалниот буџет кој ќе се користи за заедничките потреби, а не низ сомнителни канали да се враќа повторно кај олигарсите. Не повикувам на нов општествен договор за исправување на неправдите од транзицијата, туку да се стави товарот на кризата врз грбот на оние што можат да го поднесат тој товар.
Списокот на таквите субјекти е во институциите на системот и износот на салдото кај банките, компаниите кои се под секторот на фармација, некои трговски дејности, а не се за жал во секторот на базичното производство или во преработувачкиот сектор. За земјоделието кое го одржуваме на цевчиња за дишење со субвенциите ќе пишувам во новата колумна. Останува да прашуваме кој ќе ги донесе и спроведе неопходните мерки. Како во огледало ќе биде нашето општество. Доколку не ги чепнат олигарсите тогаш заклучете сами колку нашите политичари се самостојни. Граѓаните дури и не предлагаат личности, ниту очекуваат резултати од тој предлог – туку само гласаат.












