ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЕУ ќе продолжи да ја зацврстува и интензивира својата вклученост, на сите нивоа, за да ја продолжи политичката, економска и социјална трансформација на Северна Македонија
Владата на Северна Македонија и јас во наредниот период ќе вложиме максимални напори за успешна реализација на сите потребни активности со цел натамошно динамизирање на нашиот пристапен процес во ЕУ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во Скопје, на која зборуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.
„Сета работа на Владата е поставена на линија на европската агенда и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата, веруваме дека Република Северна Македонија во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат, по успешно завршениот скрининг процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме членка на ЕУ“, рече Ковачевски.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел ги издвои реформите во областа на владеењето на правото и создавањето услови за усвојување на уставните измени како главен фокус за продолжување на пристапните преговори со Северна Македонија.
„Нашата денешна средба беше добра можност да видиме што беше направено од Северна Македонија во исполнување на неопходните политички и економски критериуми за пристап. Дискутиравме каде треба да се вложат дополнителни напори и какви задачи престојат, особено во поглед на сферите на владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Но, главната порака од денешниот состанок на Советот е дека иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани се наоѓа во Европската Унија. Бидејќи само заедно ќе бидеме посилни во справување со предизвиците на тешката геостратешка состојба со која се соочуваме“, рече Борел.
Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, нагласи дека е оптимист дека Северна Македонија може да стане членка на ЕУ до 2030 година, но дека тоа зависи од тоа колку земјава ќе испорача од реформите и преземените обврски во евроинтегративниот процес.
Тоа исто така треба да се разбере како силен политички сигнал од нас, од ЕУ кон Северна Македонија, без разлика дали станува збор за спроведување на ССА, што е основата на нашите односи или пак станува збор за нашите економски, политички односи или, пак, е самата перспектива на државата насочена кон ЕУ. Тоа што го симболизира овој состанок е дека Северна Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ, истакна еврокомесарот за проширување.
Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија вообичаено се одржува во Брисел или во Луксембург, а ова е првпат ваква средба да се одржи во Скопје. Состанокот се случува откако лани во јули ги отворивме преговорите со Унијата по 17 години кандидатски статус.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Средбата на лидерите на Србија и Косово (Охрид, 18 март 2023) е регионален и европски настан од највисок ранг, на која се решава едно од најгорливите прашања во регионот и пошироко. Разговараме со Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, за значењето на овој настан, како и за улогата на нашата земја во овој и во поширок контекст.
„Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот“, изјави Забрчанец за ЦИВИЛ Медиа.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МВР Запленета дрога вредна половина милион евра, откриена лабораторија за производство на амфетамин, и пронајдено оружје во Скопје.
ПОЛИТИКА Со петиција на интернет „огнената група“ на ДУИ вели дека ќе почне обид за разрешување на Артан Груби и на владини министри. Ова вчера го најави претставникот на групата Изет Меџити по собирот со граѓани за кој рече дека покажува огромна бројка на незадоволни во ДУИ.
СКРИНИНГ Во Брисел денеска продолжи објаснувачкиот скрининг состанок за Кластерот 4, со Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени. Претставници на Европската комисија на состанокот ги изложија амбициозните цели на Зелената агенда, како што е и целосното отстранување на штетните хемикалии од производите до 2029 година.
МТСП Работодавачите се должни утврдениот бруто-износ за 2023 година да го пресметаат и исплатат со платата за месец март.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Руските напаѓачи пукаат во невооружени украински воени заробеници со уверување дека на крајот ќе ја избегнат одговорноста“, изјави Дмитро Лубинец, комесар за човекови права на Парламентот, преку Телеграм, пренесува Укринформ.
*
Во Авдиивка, регионот Донецк, во петокот наутро, руските напаѓачи со проектил Кх-59 погодија висококатница, во која сè уште живееја луѓе. Се утврдуваат информации за жртвите.
*
Полска и Словачка ќе ѝ испратат борбени авиони на Украина
Ќе ѝ предадеме на Украина четири борбени авиони од советско производство во следните неколку дена. Останатите имаат потреба од сервисирање и подоцна ќе бидат доставени, изјави Дуда за четирите МиГ29-ки. Утринава и словачкиот премиер најави дека неговата земја ќе испорача 13 борбени авиони.
АЛ-ПРЕС
Во Албанија е суспендирано одобрувањето на „златните пасоши“ (со кои им се овозможи на богатите странци да добијат државјанство или престој во замена за инвестирање одредена сума пари во една земја), Жозеп Борел изјави дека првите поглавја за преговорите за членство во ЕУ на Албанија ќе бидат отворени во текот на годината.
Во пресрет на утрешната средба помеѓу Борел, Курти и Вучиќ, косовската претседателка Вјоса Османи посочи дека Косово ќе има конструктивен пристап кон средбата во Охрид.
СЛОБОДНА ЗОНА
Дали во вилата Билјана во Охрид во сабота навистина ќе нема враќање на она што беше договорено кон крајот на февруари во Брисел меѓу лидерите на Приштина и Белград? Можно ли е тоа, ако преговарачите покажаа непосредно потоа дека она што е договорено во главниот белгиски град останува – во Брисел!? И што е тоа договор кој е потпишан и договор кој е усогласен?, пишува Љубомир Костовски во анализата „Белење“ на бриселскиот договор на Билјанините Извори.
Д. Муратов