Претседателот Реџеп Таип Ердоган води со 91,93 отсто преброени гласови досега, изјави шефот на турскиот Врховен изборен совет, Ахмет Јенер. Тој соопшти дека Ердоган досега добил 49,49 отсто од гласовите, додека неговиот главен противкандидат Кемал Киличдароглу добил 44,79 отсто.
Третиот претседателски кандидат, ултра-националистот Синан Оган, кој е во сојуз со Ердоган, доби 5,29 отсто, изјави Јенер.
Сѐ уште се пребројуваат гласовите, нагласи Јенер.
Ако ниту еден кандидат не освои мнозинство, тие ќе одат во втор изборен круг. Доколку тоа се случи, ова ќе бидат први избори на кои Ердоган не победува уште во првиот круг.
Без оглед на неизвесните резултати, пред партиското седиште на АКП, партијата на Ердоган, се славеше. Од ТВ снимките е очигледно дека на прославата се собраа голем број партиски поддржувачи и симпатизери.
Сепак, Ердоган, сакајќи да каже дека е сигурен во победата, кога околу 2 часот по полноќ, по локално време, излезе пред своите поддржувачи кои беа собрани пред седиштето на неговата партија во Анкара.
„На балконот сме“, твитна тој.
Balkondayız. 🇹🇷 https://t.co/LyjCMB9koA
— Recep Tayyip Erdoğan (@RTErdogan) May 14, 2023
Се огласи и лидерот на турската опозиција Киличдароглу. Тој рече дека ќе го поздрави вториот круг од изборите, бидејќи прелиминарните резултати од гласањето во неделата покажаа дека ниту тој, ниту претседателот Ердоган сè уште не го добиле потребното мнозинство за победа.
„Ако нацијата го сака вториот круг, тогаш тој е добредојден од нас“, рече Киличдароглу во своето обраќање до јавноста од седиштето на неговата партија утрово.
Basın Açıklaması https://t.co/ayeGw0B5ME
— Kemal Kılıçdaroğlu (@kilicdarogluk) May 14, 2023
„Процесот се одржува во атмосфера на демократска зрелост. Тоа е дополнителна причина да бидеме среќни, наспроти обвинувањата и навредите од Ердоган. Тој не го постигна резултатот што го сакаше“, изјави Киличдароглу, кој е оптимист дека ќе победи.
Тој искоментира со иронија за појавувањето на Ердоган „на балконот“, велејќи дека избори не се добиваат на балкон.
„Нашиот народ треба да биде уверен дека дефинитивно ќе победиме и ќе донесеме демократија во оваа земја“, рече тој.
Иако останува да се слушне и конечната одлука на највисокиот изборен орган во Турција, извесно е дека се оди на втор круг претседателски избори, кои би се одржале на 28 мај.
Џ. Д.












