ЦИВИЛ – Центар за слобода организира комеморација за Крешник Ајдини, интелектуалец, новинар и општествен деец, кој почина на 16 јуни 2023 година, на 55 годишна возраст.
Комеморацијата за нашиот другар Крешник Ајдини, ќе се одржи утре (среда), на 21ви јуни, во 13 часот, во Албански театар, Скопје.
„Ве покануваме заедно да искажеме последна благодарност и љубов кон нашиот другар и колега и да ја спомнеме неговата големина преку нашите сеќавања за него“, велат од ЦИВИЛ.
Крешник Ајдини е еден од основачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода во 1999 година и на медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа во 2009 година.
Ајдини е основач и сопственик на Лајф Радио во 2002 година, познато по општествено одговорните содржини и пораките за мир и помирување во земјата.
Преведе голем број важни дела од албански на македонски и обратно, со што даде огромен придонес кон запознавање на двете култури.
Крешник ќе остане засекогаш во нашите сеќавања по својата топлина, смиреност, мудрост и добрина.
Собрание на ЦИВИЛ