• Latest
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Балон

August 2, 2026
РУСКИ ТЕРОР | Кијив, 1 август 2026 година (фото извор: ДСНС)

РУСКИ ТЕРОР: Најмалку девет загинати во нов крвав напад врз Кијив, зад Украина е недела на интензивни удари со ракети и дронови

August 1, 2026

Тематска дебата на СДА Македонија: Северна Македонија помеѓу европската интеграција и “Српскиот свет”

July 31, 2026
Илустрација: ChatGPT / OpenAI, по концепт на ЦИВИЛ МЕДИА.

ХРОНОЛОГИЈА НА ЕДЕН ДИГИТАЛЕН КОШМАР: Како вештачката интелигенција ги премина безбедносните бариери и вклучи глобален аларм

July 31, 2026

Пратениците прашуваа во Собранието, денес прашуваат граѓаните: Која е вашата порака до политичарите?

July 31, 2026

Ванчо Орданоски за инцидентот со Anthropic: Прашањето веќе не е дали ВИ може да хакира, туку кој ја контролира – државите одамна ја користат за сајбер-операции

July 31, 2026
Фото: Wikimedia commons

Подгорица ја усогласи визната политика со ЕУ, Русија предупредува на последици

July 31, 2026
Фото: Скриншот од видео на ВВС

Нова иницијатива за Газа: Трамп најавува договор, но Израел и Хамас со спротивставени позиции

July 31, 2026
ЌЕ ЈА БИДЕ ЛИ? Ни треба реална проценка, а не „видовити“ политички прогнози

РАСПАД НА СИСТЕМОТ – проверка во вар-собата не е потребна

July 30, 2026

ЦИВИЛ бара деполитизација на кризата со водата и обединување во заштитата на здравјето

July 30, 2026

Водата меѓу политиката и кризата – неопходна сеопфатна заштита на здравјето и квалитетот на водата

July 30, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Балон

August 2, 2026 09:36
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Оливер Андонов

Имаше една детска песничка: „Балонот се надува, пазете се дечиња, балонот да не пукне…“. Е па драги мој, нашиот балон има така да пукне во рацете на Мицкоски поради што сите дечиња кои со него си играат нема да можат да се запазат. Во меѓувреме Мицкоски ни објаснува како си го „клатиме“ или ни го „клатат“, возот или вагонот беше. Ами ќе не клатат и ќе се клатиме додека балонот не пукне, а потоа ќе биде „спасувај се кој може“. Со воз, авион, глисер или автомобил, кој со што може. Но тоа важи за Мицкоски и неговите другарчиња кои од скоро ги нарекуваат Организирана Криминална Група.

Тука сакам да напоменам кон оние од СДС – полуумрено дека ВМРО-ДПМНЕ и сите ние – нормалните членови, не сме криминална организација како што се обидуваат да нѐ претстават. Можеби сме малку дебилни и послушни партиски војници (војничиња кои мора да слушаат инаку ќе ги влечат за уши – според терминологијата на божем високи партиски функционери), но сигурно членството на нашата партија не е криминално и не членува во криминална организација.

ВМРО-ДПМНЕ беше идеолошки цврсто определена проевропска и демократска конзервативна партија. Тоа во што денес се претвори и го гледаме, е резултат на владеењето на Мицкоски со партијата, а политиката која ја спроведува е негова лична политика со поддршка на другарчињата му како партиска клиентела. Токму таа клиентела на чело со Мицкоски може да се наслика како ОКГ, но тоа со сигурност не е партијата во својот идеолошки основ кога е формирана и тоа што во себе како политичка определба го носи обичното членство.

Може на членството да му се замери зошто е послушно и зошто не се побуни, но тоа е прашање на статутарните одредби на партијата, како и политичка наобразба и свесност, односно токму тоа е она за што ние како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ се бориме. Токму за да не спречи во тоа, Мицкоски, почнувајќи од партијата па понатаму, во државата поттикнува и спроведува непотизам. Ех што ти е лично искуство и добри практики научени во животот. Ќе дојде време кога токму нашите сопартијци ќе се срамат од Мицкоски и неговите другарчиња, од милост наречени ОКГ, и тоа време многу набргу ќе дојде.

Дека нешто се случува зад сцената, се чувствува и тоа многу силно. Се чувствува во воздухот, „…спрема се олуја“ (извадок од култна филмска сентенца), а и се чувствува реата, колку и да ни се пласираат изјави за заштита на македонскиот идентитет и „нема Бугари во устав под овие услови“.

Прашањето за уставни измени во овој миг не е важно, тоа ќе си дојде на ред кога ќе треба, колку и да се обидува Мицкоски да го држи во живот како патриотски дневно-политички наратив за да тој остане политички жив. Исто така и изветвените раскази со клатењето на возот или вагонот (ова тешко му оди да го погоди, не го научил урокот како што треба), што би требало да го отслика нашиот пат кон ЕУ. Само што кога сме кај вагонот Македонија треба да се запрашаме сите: „Кој тоа нѐ клати, на што нѐ клати (дали сме сигурни дека е вагон), зошто нѐ клати и до кога ќе му дозволуваме да нѐ клати или, пак, сами си го клатиме – вагонот де“. Наместо кон ЕУ, токму во предвечерието на Илинден, Мицика ни ја продалбочува соработката со Србија, бравос – и после немало „Српски свет“. Е, да де, има Европски свет. Но има и сериозна симболика.

Е токму тука е мајката. Тоа што се чувствува во воздухот е прашањето за клатењето, односно за тоа кога балонот на Мицкоски со кој се заигра со другарчињата ќе пукне. Нема да му дозволат да побегне од третата – или првата беше – по раст економија во Европа, кога ќе пукне балонот. Едноставно е, нема бегање на „резервни позиции“ на Водно, и да се прави недоветен. А се прави ли?

Одговорноста за поскапувањата, за малите плати, за манипулациите со сите категории граѓани, за лошиот животен стандард, за катастрофалното здравство, за образованието, за економијата, за труењето на сопствените граѓани, за загадувањето на животната средина, за лошиот живот, за апатијата, за сопирањето на европскиот пат на Македонија ќе мора да се плати. Не може да се ужива во власта и апсолутната моќ, да се глуми комита (додуша со шајкача на глава), а кога ќе дојде г’з на дрмољ што би рекле Кумановчани, тогаш да се бега и некој друг да ја оправа работата.

Уште малку ќе се обиде Мицкоски со другарчињата да глуми сакан кај народецот напатен, така што и за Илинден веќе десетина дена наназад собира по Општински Комитети изнемоштени наши сопартијци и им организира превоз до Пелинце. Па не е тоа едноставно, треба лидериштето да се обрати, а што доколку спонтано, од желба, никој не му дојде. Мора да се натера членството да дојде за да има што да се фати за пропаганда потоа, а и уште по којзнае кој пат да се каже дека тој е оној што ни го клати, пардон, што ни го брани идентитетот.

Каква дехуманизација врз нашите сопартијци, токму од нашата демократска за национално единство ВМРО партија. Како стока ќе ве собереме и ќе ве однесеме на Пелинце (направијата на БЦ) за да го видите лидериштето. А тие, нашите сопартијци, кутрите, во надеж дека ќе се доберат до можноста да им се реши некое егзистенцијално прашање кое по автоматизам би требало да го решаваат институциите, ќе отидат за да уште малку го издишат балонот. Но тој пустиот се дува и напрегнува, а најлошо е тоа што се полни со измет.

Ами 1,4 % раст на ЕУ, а 3,2% раст на владата на Мицкоски, каков успех за во балон. Влегоа во балонот и растот на владиниот кабинет на 27 министри за ништо, заменици министри, директори и разни други декор политички функционери на државна цицка. Е тоа најрастечката економија во Европа не може да го издржи, посебно кога токму таа ЕУ кон која се клатиме или беше дека нѐ клати Мицкоски, не дава пари ниту од фондот за раст – оној што го нема нели, бидејќи не расте европската економија. Така, драги мои, да ви биде јасно кога нема да добие владата на Мицкоски пари или ќе добие малку пари (како последниот пат, 67 милиони евра) од европскиот фонд за раст на западен Балкан, дека тоа е затоа што ние ја прешишавме Европа во раст и тие јадни, бидејќи немаат раст како нас, не можат да ни дадат пари. Потоа СДС и оној Апасиев ќе бидат виновни што пропаднале дури 4 милиони евра од ЕУ затоа што не се донел нов Изборен закон. Ај Мицкоски сврти се кон балонот, слабо ти работи издувниот вентил.

Во недостиг на реални пари и можности за користење токму на европските фондови (на онаа нерастечката европска економија), Мицкоски измисли топла вода во неговата најрастечка економија. Тоа изгледа така што државата ќе се позајми – ќе им ги земе парите, на јавните претпријатија за да може да сервисира долгови (кога никој не му дозволува надвор да се задолжи), а во исто време да не исплаќа долгови од буџетот за колку-толку да биде ликвиден. Потоа постојано ќе ни повторува дека имал лоша вест за опозицијата „нема да банкротираме“, или самиот себеси се куражи. Едноставно од буџетот ќе растегнува исплата на плати, пензии и социјални исплати за да не доживее социјален бунт, а од парите земени – запленети од М-НАВ, Лотарија и МЕПСО ќе сервисира долгови. Толку од успешната прва економија и растот. А за реакциите кои ќе ги добиеме од Европа допрва ќе се чеша владата на Мицкоски таму каде што не ги јаде, а ние ќе се чудиме.

Прашањето за поскапувањето на енергенсите е посебно прашање кое заедно со поскапувањето на водата и комуналиите во некои општини и општото поскапување на храната, а со тоа и на живеачката, ќе дојдат на дневен ред кон крајот на Септември, откако ќе се вратиме од одмори и ќе помине прославата на денот на независноста, по што ќе се соочиме со реалноста.

Згора на сѐ, Мицкоски се обидува нас од ВМРО-ДПМНЕ да нѐ вовлече во широко корупциски проект наречен „Скопје 2028“, каква коинциденција на називи на божем „проекти“. Токму во Брисел во Декември 2025 цела делегација плачевте дека ќе стигнете да го подготвите Скопје за „европска престолнина на културата 2028“ – што наведува дека уште тогаш сте си имале план како да залепите некоја пара и за тоа била плачката, а не за Скопје. Не е разбирливо како тоа Марјан Цветкоски (скоро вечниот директор на националната МТВ без видливи резултати) како мастер-манга е именуван за директор на фондација и добива специјален закон со политичка волја за корупција без одговорност. Уште повеќе таа фондација на другарот Марјан по закон ќе прерасне за три години во државна агенција. Уште една агенција врз телото на напатената Македонија и измачените македонски граѓани. Какви генијалци кои дури и со закон си го уредуваат тоа. За вакви закони, во нормални држави народот излегува на улица и паѓаат влади но МакедонЧЕто не спаѓа во нормалноста. Него можеш да го опожаруваш, да го труеш, да го крадеш, тепаш итн., ама нема да излезе и да се спротивстави. Сега, кога оние од СДС-полуумрено ќе нѐ наречат криминална организација, ние треба да им се лутиме, драги сопартијци, но најпрво да си погледнеме во нашиот двор и да си го видиме нашето раководство кое, како организирана криминална група, го полни балонот со измет. Измет кој сакаат повторно нам да ни пукне в лице. Кога ќе им пукне балонот и помине мандатот ќе плачат пред нас членството, дека се изложени на политички прогон, а не дека ги гонат за корупција и јасен криминал кој се обиделе да го озаконат со силна политичка волја.

По сѐ ова што го прави, Мицкоски ни зборува за тоа дека бил на европскиот пат – веројатно со Мацут заедно, а сака да носи закон во кој нема да важи законот за јавни набавки, се задолжува спротивно од правилата на ЕУ кај јавните претпријатија, за што и му реагираше ЕУ, да не се чудиме што сѐ ќе нѐ снајде и како партија. Нема на Мицкоски да му помогне ниту Арбен Фетаи во Брисел како дипломат за ништо кого сите ние ќе го плаќаме. Ви реков дека сме дебили, но ние од ВМРО-ДПМНЕ, драги сопартијци, очигледно сме супер дебили. Ова со Фетаи е уште една доза измет во балонот на Мицкоски.

Играчката со балонот полн со измет, кој владата на Мицкоски и другарчињата успеа да го наполни за две години власт се ближи кон крајот и пукањето е близу. Многу се интересни и различните политички пораки кои доаѓаат до Мицкоски, но кој тој божем ги игнорира. Замислете, во каква состојба е владата на Мицкоски кога главен настан им е испраќање на илинденската коњаница од Лисиче. Убава „традиција“ и забава за подигање на патриотски чувства, не главен дневен настан за сериозна влада – ама не се зафркавајте со нас. Подобро да го клатеа, вагонот де. Може ќе се поместеше малку кон ЕУ.

Пораките покажуваат дека Мицкоски никаде не оди, не мрда човекот од локални настани, дури и на 26-ти Јули на годишнината од скопскиот земјотрес, отиде во општина Илинден. Отиде и во Делчево каде имаше огромен дочек од шестмина. Ами ете, толку граѓаните го сакаат премиерот што го клати или го клатат. Ги отече градоначалниците, само им се мува по општински настани, а нема ниту еден сериозен државен проект да е започнат или завршен. Од интервју на интервју, од изјава на изјава, од поткаст на поткаст, од локален настан на селски настан, само да го има Мицкоски во јавноста, како Сораја, иако ниту нешто ново кажува ниту гледаме некаков напредок – освен во неговата демагогија помеѓу две клатења на вагонот.

Еве, го клатеше во Делчево, па потоа во Битола – срамотилаци и од директорката на болницата што толку многу му се потпикнуваше, како рендгенот да го купил од свои лични пари, а не од нашите пари, а притоа никој да се запраша како е можно болницата да нема рендген долго време и тоа сега да ни се претставува како успех. Уште згора на сѐ, на нарачано прашање се пофали дека ќе одиш на екскурзија осум дена низ Белгија. Убаво! Тамам!

Народот едвај крај со крај врзува, а ти ќе ангажираш во странство буљук обезбедување и останато за да одиш на екскурзија (семејна) и да ги плаќаш нивниот ангажман и престој од наши пари. За твое удоволствие има пари, а за поголеми плати во Армијата или за професорите на Воената академија нема, како што нема ниту поголема минимална плата. Во вакви услови нормален премиер ќе ги сведе личните и трошоците на владата на минимум, ама тоа нормален премиер. Ете затоа го клатиш вагонот и – како што стојат работите не ти го клати ЕУ – туку ти самиот ни го клатиш. Кога граѓаните директно ќе ти постават не нарачано прашање како сограѓанинот во Битола, бегаш од одговори и ги местиш оние на кои си им претпоставен да даваат одговор. Како храбар премиер и одговорен лик е Мицкоски. Замислете, 60 лица во болницата во која донираше рендген лекуваат без решен работен статус, а тој нема одговор – реков јас, не ги учи уроците.

Аман веќе Мицкоски, за две години власт нѐ премори со глупости, го надува балонот до крај откако претходно го наполни со измет и уште го полниш. Немој да мислиш дека некој ќе ти дозволи да се извлечеш од тоа што го направи и што го правиш. Последиците и одговорноста се твои и ќе си ги носиш. Власта не е само уживање, таа е и одговорност како за време на владеењето, уште повеќе потоа. А кога балонот ќе пукне, ти треба да го држиш в раце како што и сега го држиш и го клатиш. Дали и тогаш ќе ти е до клатење, твој проблем.

Наш проблем како македонски граѓани е балонот да не ја испогани цела Македонија и прашањето како по тебе да исчистиме. Наш проблем како членови на ВМРО-ДПМНЕ е како по тебе и другарчињата ти да ја избелиме партијата и вратиме на нејзините проевропски основи и јасна конзервативна современа идеологија. Твој проблем е како балонот да го тутнеш некому в раце за да пукне кај него а ти да се правиш дека не си од тука.

На крајот од оваа колумна почитувани сограѓани, Ви го честитам големиот национален празник – „Денот на Републиката“, 2-ри Август – Илинден.

Вечна да е Македонија!

Ура за Македонија!

 


Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА


Неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ