Војо Маневски
Некои овошја скапуваат однадвор и останува само семката костенеста да сведочи за постоењето на овошјето. Други пак однадвор ја носат тврдата обвивка и дури кога ќе ги скршиш можеш да видиш дали внатре плодот е за јадење или во костенурката иструлил.
Во напливот на анализи за резултатите од изборите во соседна Србија да додадам и јас неколку реда земајќи си го правото да поврзам две години откако присуствувал на два нивни пленуми на правниот факултет во Нови Сад и во ректоратот на универзитетот во Белград. Сето е објавено од ЦИВИЛ во мај 2025. Тогаш на тие пленуми се дебатираше за дијагнозата на состојбите во Србија на политички, економски и социјален план. Неколку реченици преовладуваа и беа заклучок кој до денес е водилка на сите протести, листи и конечно на изборите пред неколку дена.
Наместо мафија ни треба држава со институции. Наместо тајни клаузули во договорите ни треба транспарентност во трошењето на државните пари. Наместо дипломи ни треба знаење и нешто што најчесто се споменуваше – наместо партизација на целото општество ни требаат политики подржани од граѓаните и во корист на граѓаните.
Што од тоа ќе остварат новите власти во Србија допрва ќе видиме но несомнено можеме да заклучиме:
Политичките партии какви што се формирани во деведесеттите веќе не нудат решенија за општествените спротивности туку се извор на истите и не можат да донесат развој туку постепена стагнација или дури и брзо пропаѓање на заедницата.
Политичкото организирање околу постигнување на општествени цели важни за граѓаните се новиот начин на политички активизам.
Социјалните мрежи и поткастите станаа рамноправен ако не и посилен играч во медиумскиот простор од традиционалните медиуми а посебно од класичните телевизии.
Политичките движења сега се организираат и функционираат преку онлајн контакти наместо седишта со канцеларии, секретаријати, патетични и популистички говори на лидерите. АКО МОЖЕ ДА СЕ СТУДИРА ОНЛАЈН, ДА СЕ ПЛАЌА ОНЛАЈН, ДА СЕ РАБОТИ ОНЛАЈН, ТОГАШ СИГУРНО МОЖЕ ДА СЕ БИДЕ ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКО ДВИЖЕЊЕ – ОНЛАЈН.
Допрва ќе дебатираме за предностите и недостатоците на скриените ликови и потребата на демократијата од јавност.
Ќе има ли влијание врз Македонија резултатот од изборите во Србија е прашањето што сите го поставуваат. Несомнено дека некое влијание ќе има ама колку тоа ќе донесе промена кај нас ќе видиме. Проблемите се слични и решенијата се слични иако специфични за нашата заедница.
Без крупни промени во разбирањето на политичкото делување и неговата етичност тешко дека нешто ќе смениме. Интелектуалната заедница во Србија го смени авторитарниот режим. Младоста ја победи просечноста на средовечните и постарите граѓани.
Можеме ли да очекуваме нашата интелектуална заедница составена од над 4.000 универзитетски професори плус уметници и други мислечки граѓани да биде на нивото на задачата за носител на нужните промени во општеството? Удобно ли им е вака со добри плати и сѐ помалку студенти и ученици? Кому ќе предаваат ако од година во година запишуваат и суво и сирово само за да имаат потребен број студенти? Колку нивната професорска етика е против лесното стекнување на дипломи и научни титули?
Можеме ли да очекуваме нашите студенти да бидат активен дел од креирањето на иднината на државата и нивните зет генерации или ќе седат депримирани гледајќи што поскоро да го фатат светот каде работат надвор од знаењето кое го стекнале?
Ова се прашања кои мора да се постават и да се даде одговор преде да се анализира дали ќе има влијание резултатот од состојбите во соседството.
Колку веќе закоравените партиски структури ќе дозволат промени кои директно навлегуваат во нивните интереси?
Парадоксална е позицијата на партиите и нивните лидери. Додека сите ние сме нивни поданици, тие се поданици на околностите кои не се кадри да ги сменат, а од тоа зависи дали ќе опстанеме како држава.
Да направат суштински економски реформи не можат, зашто со папочна врвца се врзани за транзициските богаташи. Да ја реформираат државата суштински не можат зошто тоа е гранката на која седат. Вчера поднесоа закон за трансформација на времените вработувања во неодредени.
Значи, повторно на веќе испробан начин ја полнат администрацијата која е нивно членство и гласачка машина. Џабе се новите закони за администрација кога статусот на административците зависи од нивната партиска припадност. Нема шанси за суштински реформи на тој план.
Банкарскиот сектор веќе станува посебен центар на моќ во државата и веќе ја троши основната супстанца на стандардот на населението. Видете кој има најголеми профити на крајот на годината и сѐ ќе ви биде јасно.
Економскиот раст е врзан за инвестициите во градежништвото. Ако се почне таму со ставање на ред и борба против корупција ќе падне растот кој е основна ПР алатка кога политичарите зборуваат за економија.
Да не ги редам дилемите ќе оставам нешто на темава околу банките и исцрпувањето на населението за идниот текст. Како податок за размислување ќе ни биде износот од десет милијарди евра кој граѓаните им ги должат на банките. Размислете кој е сопственик на вашите станови што со хипотекарни кредити ги купивте? За тоа, во следната колумна и со надеж дека и кај нас ќе се најде оревокршач-ка што ќе го скрши оревот, ако ништо друго за да видиме дали внатре е добра содржината?
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












