Џелал Хоџиќ
Убава вест за регионот е падот на авторитарниот режим на Александар Вучиќ. Ова е втора одлична вест за Западен Балкан, после падот на авторитарниот режим на Виктор Орбан. Кремљ за кратко време остана без двајца свои играчи. Орбан беше прокси на Русија во ЕУ, а Вучиќ беше прокси на Русија на Западен Балкан. Останаа на Западен Балкан уште лидери кои се вљубеници во диктаторот Путин и неговата тоталитаристичка идеологија, но сега сите тие останаа без своите регионални столбови.
Тоа отвора можност конечно сериозно да се расчисти руското влијание на Западен Балкан, кое со децении ги поткопува демократските вредности и создава анти-западно расположение. Со други зборови, време е за силен ветер од Запад, да ги растера темните облаци на Путин над Западниот Балкан.
Во изминатите неколку децении имаше неколку погрешни одлуки и потези, кои дојдоа од разни западни адреси, кои демократските и прозападните сили низ државите од Западен Балкан ги ставија во дефанзива во однос на ултра-популистичките, проруските и антидемократските сили кои агресивно почнаа да го заземаат просторот. На оваа тема сум спремен да пишувам во детали, на долго и широко, во некоја друга прилика. Сега ќе ви набројам само неколку: поддршката на иницијативата „Отворен Балкан“, ненавременото почнување на пристапни преговори со Северна Македонија за членство ЕУ, тргувањето со луѓе како Додик и Вучиќ кои испорачуваа лажна безбедност на сметка на демократските вредности итн. Резултатот е дека негативното малигно влијание на Србија, како прокси на Кремљ, успеа да го стопира развојот и на БиХ, Северна Македонија и Косово кон евроатланската иднина.
Во оваа прилика ќе кажам дека ако Хрватска го сопре патот на Црна Гора кон ЕУ, тоа ќе биде сериозен потег и шанса да проруската политика во регионот се консолидира по падот на авторитарните режими на Орбан и Вучиќ. Како што Додик успеа да го стопира влезот на БиХ во НАТО, инсистирајќи на недемократски модели и практики заедно со колегата Драган Човиќ, кој е претставник на политиката на хрватскиот народ во БиХ, злоупотребувајќи ги механизмите за блокада кои произлегуваат од Дејтонскиот договор.
Ако Црна Гора не влезе во ЕУ, тогаш проруските сили во таа држава ќе се зајакнат, на бранот на разочарувањето. Како што тоа во Северна Македонија се случи два пати, еднаш кога државата не стана членка на НАТО во 2008 година, а другиот е кога проевропската влада не ги доби на време пристапните преговори со ЕУ, по промената на името на државата и реформите. Денес во Северна Македонија имате власт која води изолационистичка политика во која ЕУ и демократскиот свет се преставуваат како непријатели на државата.
Многу депресивно делува сознанието дека сето ова се случува на крајот од 2026 година. Некаде после војните и конфликтите на Западен Балкан, на крајот од 90-тите години и почетокот на новиот милениум имаше многу поголем оптимизам и еуфорија дека цел регион на Западен Балкан ќе биде брзо интегриран во НАТО, во ЕУ и ќе ги живее суштински демократските вредности.
Најразочарувачки е дека ниту агресијата на Русија врз Украина не беше доволна да го охрабри Западот да расчисти храбро и одлучно со путинистичките структури на Западен Балкан, во стомакот на Европа. А замислите што сè ќе се случуваше на Западен Балкан, ако Русија успееше да ги оствари своите планови во Украина. Стабилократијата никогаш не носи ниту мир на среден рок, а уште помалку шанса за демократски и економски развој на државите. Затоа е време да се мапираат демократските сили во регионот и да се отфрлат политиките кои отвораат простор за негативно руско-кинеско влијание.
Ќе треба да се лоцираат местата во регионот (а тоа е многу лесна и речиси завршена работа) од каде се ширеше проруска и антизападна пропаганда. Треба да се почне со сериозна борба против корупцијата, која ќе го открие негативното влијание на еден организиран и координиран систем составен од дел од политичарите и нивните политички субјекти, нивните медиуми и пропагандисти, нивните банки и олигархијата која служеше за перење на пари, како и други центри на моќ и влијание, кои играа за Москва во нашиот регион. Време е храбро и решително да се расчисти со оние кои ја нарушуваат демократската и евроатланска иднина на регионот.
На регионот му се потребни нови ветришта, кои ќе го вратат оптимизмот, заедно со една нова демократска атмосфера. На сите држави им е потребно да го засилат принципот на владеење на правото. Време е да и се помогне на демократската јавност во Србија, која успеа во тешки услови да направи пресврт, да ја вратат демократијата како вредност. Време е на Северна Македонија да ѝ се помогне да се врати на европскиот пат. Време е на БиХ да и се помогне да го заокружи своето членство во НАТО, да го фати чекорот на патот кон ЕУ. Време е на Косово да му се помогне да го забрза својот пат и кон НАТО и кон ЕУ. Предуслов за тоа е граѓаните во сите држави да видат дека демократските вредности ја победуваат корупцијата, неказнивоста и изолационистичката политика.
Знам дека демократскиот свет е зафатен со голем приоритет околу помошта на Украина да се одбрани од агресијата на Русија и тоталитарниот систем на Путин. И тоа треба да биде така. Сепак демократскиот свет мора суштински да помогне државите од Западниот Балкан да ги поразат и локалните добро организирани антидемократски и проруски сили. Сега се отвори голема шанса, кога Кремљ остана без своите два регионални столба во Будимпешта и Белград.
Џелал Хоџиќ е македонски политичар, колумнист и претседател на СДА Македонија. Неговата кариера е обележана со ангажман во граѓанскиот сектор, медиумите, и државните институции.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












