Синдикатот на порталот Nova.rs, дневниот весник Нова и неделникот Радар, кој дејствува во рамките на Синдикатот за култура, уметност и медиуми „Независност“, остро протестира против одлуките на менаџментот на „Алпак капитал“ (Alpac Capital) и „Адрија њуз нетворк“ (Adria News Network) за затворање на печатеното издание на „Нова“ и прекинување на соработката со хонорарните соработници на овие медиуми.
Според отвореното писмо на синдикатот, објавено на 28 октомври, мерките треба да стапат во сила на 1 ноември 2026 година. Во првичното соопштение на редакцијата на Нова, од 27 октомври, беше наведено дека печатеното издание ќе престане да излегува на 31 октомври.
Покрај затворањето на весникот и отпуштањето на хонорарните соработници, најавено е и укинување на подкастите „Добар, лош, зол“ и „Пик енд рол“, како и прекинување на користењето на фотографските сервиси Profimedia и EPA, кои се неопходни за секојдневната работа на редакциите.
Синдикатот наведува дека одлуките биле соопштени усно од финансискиот директор Жоао Клара Пинто до Росарио (Joao Clara Pinto do Rosario), со единствено образложение дека станува збор за намалување на трошоците.
Особено загрижува начинот на кој биле донесени и соопштени одлуките. Според синдикатот, главниот уредник на печатеното издание, Ранко Пивљанин, и заменик-главниот уредник на порталот, Ратко Фемиќ, случајно дознале за нив, бидејќи се затекнале во редакцијата за време на состанок на финансискиот директор со раководителите за развој и продажба.
Синдикатот тврди дека не биле спроведени претходни консултации со редакциите, ниту биле доставени официјални писмени одлуки. Неизвесна останува и судбината на десетте постојано вработени во печатеното издание на Нова, меѓу кои и главниот уредник.
Во соопштението се нагласува дека, согласно српскиот Закон за работни односи, менаџментот има обврска навремено да го информира репрезентативниот синдикат за плановите за отпуштање и организациските промени. Синдикатот тврди дека оваа обврска не била исполнета.
Претставниците на редакциите побарале итен состанок со менаџментот во рок од 48 часа и повлекување на одлуките до завршувањето на преговорите. Тие најавиле и доставување план за одржливост на компанијата и нејзините изданија, заснован на зголемување на приходите.
На 27 октомври, редакцијата на Радар предупреди дека укинувањето на хонорарите и фотографските сервиси практично би значело оневозможување на работата на неделникот. Редакцијата ги оцени мерките како притисок врз нејзината независност и одби да учествува во нивното спроведување.
Поддршка за редакциите изразија и Здружението на новинарите на Србија (УНС) и Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС). Во заедничкото соопштение, двете организации предупредија дека најавените мерки го загрозуваат медиумскиот плурализам, работните места и правото на граѓаните на независно и професионално информирање.
Новинарските здруженија побараа од сопствениците и менаџментот јавно да ги образложат одлуките и да обезбедат услови за продолжување на работата на редакциите, со почитување на нивната професионална и уредувачка независност.
Подготви: Љубомир Костовски
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












