Политичкиот аналитичар и ветеран во македонското новинарство, Љубомир Костовски, кој воедно е и главен уредник на онлајн политичкиот магазин „Глобус“, специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ, подготви политички профили на носителите на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот политички профил е за пратеничката и носителка на изборната листа во Изборната единица број шест.
„Како политички тркач во изборните периоди и ситуации, носителката на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ за шестата изборна единица никогаш не носи некој голем бериќет. Таа е корисна како своевиден камиказе во иницирањето и водењето на кавгаџиски ситуации во Парламентот, кога нејзината физичка издржливост импонира, а квалитетот на нејзините говори и не се слуша среде високите децибели лансирани од говорницата,“ пишува Костовски, меѓу другото во својата анализа.
Вториот политички профил кој ќе биде објавен на медиумската платформа на ЦИВИЛ е за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
„Носителот на листата на ВМРО ДПМНЕ за парламентарните избори во изборната единица 2, ќе биде Владо Мисајловски, политичар со големи прескоци на кариерниот распоред на неговата партија. Од примерен спортист на неговата општина стигна да биде и министер за транспорт и врски, за потоа да му биде симнат чинот,“ пишува Костовски, меѓу другото.
Анализите изобилуваат со голем број детали, познати и непознати.
Во рамките на можностите…
Се подготвуваат политички профили и на сите други носители на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ, а во рамките на можностите, ќе бидат подготвени профили и на носителите на листите и на другите политички партии.
Непотребно да се пречкрта:
Освен што објавува вести, анализи и ставови за најважните настани и процеси во земјата и во светот, ЦИВИЛ спроведува и граѓанска едукација за гласачкото право, како и сеопфатен мониторинг на изборниот процес.
Комуникацијата и соработката со граѓанките и граѓаните е од исклучителна важност за релевантно и навремено информирање на граѓанките и граѓаните за сите аспекти на клучните процеси, како што е изборниот.
Секоја информација е добредојдена и, откако ќе биде верификувана од мониторинг тимовите на организацијата и новинарскиот колегиум, наоѓа место на медиумската платформа на организацијата.
ЦИВИЛ им благодари на сите граѓанки и граѓани за соработката, поддршката и довербата.