Во контекст на тоа дека Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, предложен од пратениците од Европскиот фронт, односно ДУИ, ви ја пренесуваме колумната од колегата Дехран Муратов, која е напишана пред 7 години. Истото се случува и денес, само што е сменет премиерот на државата.
„Во преполната обложувалница забележувам маса со празно столче на која седи еден чичко, и љубезно го прашувам: „Слободно е да седнам до вас?“/ „Да, да слободно седни си, ова е слободна зона, ова не е партиски штаб, тука сите сме исти!“. Гласно се смееме двајцата.
Веднаш започнуваме со „длабински“ анализи (а ла Н. Груевски) и го прашувам да ми даде совет дали Италија ќе ја победи Шведска и дали ќе се пласира на следното Светско фудбалско првенство. Ми вели: „А бе, сине и фудбалот веќе стана политика. Веќе нема фудбал, да бев на твое место јас не би се обложувал на Италија, оти во фудбалскиот свет го нема повеќе бившиот премир, Берлускони“.
Си велам, зарем и во кладилниците почна да има експерти за сè и сешто. Сè си мислев дека експерти има само на Фејсбук и Твитер…
Продолжувам со муабетот и го прашувам чичето, од каде има пари секој ден да доаѓа во кладилница да се обложува, а тој ми одговара: „Имам тактика синко, од дома зимам пари за пазарување, па наместо да купам 3 кила јаболки, купувам 2,5, или, наместо 2 кила месо, јас купувам 1.800 грама… И така, кратам од сите производи и ми остануваат пари за да дојдам во кладилница. Така сите се задоволни, и нема карање по дома“, гордо ми се пофали чичето.
Во мојата повеќегодишна „кариера“, покрај тоа што понекогаш „добивам“ гратис пенкала, стекнав и животно искуство. Таму има луѓе кои сочно раскажуваат извонредни животни приказни. Кога и да влезам во некој „храм“ на надежта, забележувам еден куп „верници“, како му се молат на Бога, на Роналдо, или на Меси ем Неимар…, Ако може да падне некој гол, за да земат некој денар. Добро, забавно е и кога некој натпревар ќе ги „изгори“, тогаш следува колнење и пцуење на фудбалерите, судиите, газдите, местачите… Меѓутоа, пцостите потоа, најчесто се адресирани до македонските политичари, кои најчесто се обвинети дека се кабает што нема работа, па „верниците„ мора да седат во обложувалница! Оти, жими тие им останале, како места за каква-таква надеж…
Целата колумна: „Последната надеж“, објавена на 14 ноември 2017 година.