При крај на годинава, македонската филателија ќе стане побогата за уште една поштенска марка, со која Македонија ќе биде првата држава во светот која ќе испечати примерок на поштенска марка посветен на децата со ретки болести. Идејата е на Гордана Лолеска, вработена во Македонска Пошта А.Д., подружница Охрид, која е член и волонтер на здружението „Живот со предизвици“
Во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Лолеска вели дека и директорот на Поштата, Сејфула Хани воодушевено ја прифатил идејата и веднаш закажал состанок во Бирото за филателија во Скопје.
„Идејата за печатење поштенска марка посветена на лицата со ретки болести потекнува од 2014 година. Покрај здружението и поддршката од моите колеги, добив и огромна поддршка од целокупната лекарска фела во Охрид и од Клиничкиот центар – Скопје, за што сведочат многу писма со поддршка кои беа доставени заедно со барањето за издавање на поштенската марка. Во ноември 2015 година, го доставивме барањето до Бирото за филателија при Македонска Пошта, а одговорот дека барањето е одобрено, од Советот за марки при Македонска Пошта го добив дури во ноември 2016 година, бидејќи тогаш се носи програмата за печатење поштенски марки“, изјави Лолеска за ЦИВИЛ Медиа.
„Ме обзеде чувство на голема среќа кога ми го соопштија името на марката – „Деца со ретки болести“… Токму на нив им го посветувам ова мое достигнување. Во официјалната програма на Македонска Пошта, предвидено е марката да се печати во октомври 2017 година. Ќе ми причинува големо задоволство ако марката го има светското лого на ретки болести. За изгледот ќе се договориме со Македонска Пошта, а секако и со одобрение на EURORDIS – европска организација за ретки болести, кое веќе го имаме“, истакна Лолеска.
Дехран Муратов