Претседателот на Србија, Вучиќ, се извини во студиото на „среќната телевизија“ (Happy) заради тоа што не гласал барем воздржано по двете резолуции усвоени во ООН по повод тригодишнината од руската агресија врз Украина.
Портпаролот Песков го прифати извинувањето во име на Кремљ, но на социјалните мрежи низ Русија не стивнува негодувањето, но и подбивот за српското гласање во ОН. Тој чин, имено, се оценува како неблагодарност на Белград кон сѐ што руската страна го прави за Србија.
Меѓу бројните реакции на социјалните мрежи е и онаа за изјавата од втората портпаролка на рускиот претседател, Марија Захарова, дадена во 2020 година, кога Вучиќ отиде кај Трамп (во неговиот прв мандат) и на понижувачки начин мораше да потпише документи и спогодби со косовскиот претседател.
Вучиќ беше ставен во крајно понижувачка позиција, што не може да се каже за неговиот косовски колега.
Уште да седеше на троножец, што би се рекло.
Захарова своевремено (во 2020 г.) ја спореди таа негова позиција во Овалната соба со позицијата на Шерон Стоун во „Основен инстинкт“ (сцената на предизвикувачкото разголување кога гледачите, да се потсетиме, се спореа околу тоа дали таа носела гаќички во таа сцена).
Сега руските корисници на социјалните мрежи коментираат во стилот „Захарова беше во право“.
За таквото гласање негодуваше и најголемиот русофил во Белград Вулин, кој истакна дека „Србија не смее да греши кога е Русија во прашање“.