Ерменските и азербејџанските власти во четвртокот рекоа дека двете земји се согласиле на мировен договор кој треба да стави крај на речиси четиридеценискиот конфликт меѓу двете постсоветски земји, објави Си-ен-ен, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Соседните земји беа вклучени во повеќедецениски конфликт околу Нагорно-Карабах, отцепен регион на Кавказските планини, каде што живееја околу 120.000 етнички Ерменци. Регионот меѓународно се смета за дел од Азербејџан, но со децении беше под контрола на ерменските сепаратисти.
Пробивот во долготрајниот мировен процес на двете нации дојде во четвртокот, при што ерменското Министерство за надворешни работи во изјава рече дека Мировниот договор е „подготвен за потпишување“.
Ерменија ги прифати предлозите на Азербејџан за „двата нерешени члена“ од нацрт-договорот, се наведува во соопштението на ерменското Министерство за надворешни работи.
„Еден од двата члена се однесува на прашањето да не се распоредуваат сили од трети земји долж границата. Другото се однесува на меѓусебното повлекување на претензиите од меѓународните инстанци и посветеноста да не се преземаат дејствија едни против други“, рече ерменскиот премиер Никол Пашинјан на новинарите во четвртокот, според ерменската државна новинска агенција Арменпрес.
Азербејџан го потврди успехот на мировните преговори.
„Со задоволство забележуваме дека преговорите за текстот на нацрт-договорот за мир и воспоставување меѓудржавни односи меѓу Азербејџан и Ерменија се завршени“, се вели во соопштението на азербејџанското Министерство за надворешни работи.
Д. Мишев