ЦивилМедиа на својата Фејсбук страница го постави ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што мислите за ликот и делото на Папата Франциск?
Смртта на Папата Франциск предизвика бурни реакции меѓу македонската јавност, особено на социјалните мрежи каде граѓаните споделија различни мислења – од длабока почит до жестока критика.
Во коментарите под објавата на страницата на CIVIL, некои граѓани изразија жалење за загубата на, како што го нарекоа, „еден и единствен“ и „прогресивен и човечен Папа“. Според нив, тој бил глас на разумот, застапник на сиромашните и гласен критичар на уништувањето на животната средина и моралните вредности во светот.
„Прогресивен и човечен Папа! Сострадалник со сиромашните и несреќните, глас на разумот… Вечен мир и спокој покрај Бог да најде!“ – напиша еден коментатор, со што се потенцира значењето на Папата како духовен и морален водич.
Од друга страна, се појавија и остри критики, особено од оние кои ја проблематизираат улогата на Ватикан во однос на историските и религиските прашања во регионот. Еден коментатор потсети на посетата на Папата на Македонија и Грција во 2019 година, една година по потпишувањето на Преспанскиот договор, и ја поврза поддршката од Ватикан со „андартска Грција во фалсификатите“.
Други, пак, беа уште порадикални, доведувајќи ја во прашање самата институција на Папството и нејзината улога во христијанството. „Што има да мислиме? И така постоел за оние кои НЕ мислат… Како да бил на избор за Мис на светот,“ напиша еден критичар, со иронија коментирајќи го начинот на кој се слави личноста на Папата.
Сепак, имаше и коментари кои повикуваат на почит, независно од личните ставови. „Добар, прав христијанин… Вие што имате несоодветни коментари, безбожници… пазете како ќе завршите,“ пишува друг корисник, истакнувајќи дека смртта е момент за почит, а не за навреди.
Јавноста останува поделена, но токму таа разноликост на мислења сведочи за сложеноста на односот кон верските лидери и нивната улога во општествено-политичкиот живот, не само во светски рамки, туку и во регионот.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
А.М.