Во скопското село Орешани е запалена куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Тој самиот ја објави веста преку социјалните мрежи, споделувајќи и снимки од целосно изгорениот имот. Пандов тврди дека пожарот не е случаен, туку организиран напад од, како што наведува, криминалните структури погодени од борбата што институциите ја водат против мафијата.
Тој истакна дека ваквиот чин нема да го заплаши, туку само ќе ја зајакне неговата решеност да се бори против криминалот и корупцијата.
„Нема враќање назад кога се бориш за правдата. Криминалот се брани со насилство, но тоа нема да не запре – напротив, само не зајакнува! Очекувам институциите да го најдат и казнат сторителот. А јас ќе продолжам таму каде што застанав, со уште поголема одлучност“, додаде тој.
Надлежните институции сè уште не излегоа со официјални информации за причините на пожарот и евентуалните осомничени.
Запалената куќа на Александар Пандов во Орешани / Фото: Фејсбук / скриншот