Опозицискиот ултрадесничар Џорџе Симион и градоначалникот на Букурешт Никушор Дан ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, јавија денеска романските медиуми повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија (АЕП).
По централизацијата на 99,99 отсто од записниците од избирачките места по вчерашниот прв круг од претседателските избори, резултатите покажуваат дека Симион освоил 40,94 отсто од гласовите, а Никушор Дан 20,99 отсто, пренесува романскиот портал Диги24.
Поточно, Симион, кој е претседател на Алијансата за обединување на Романците (АУР), освоил 3.856.981 глас, додека за градоначалникот на главниот град гласале 1.976.926 Романци.
Од податоците објавени утринава на платформата на АЕП, се заклучува дека треба да се пребројат уште само гласовите од три избирачки места во странство.
Симион (38) е против воена помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и го поддржува движењето на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. Како конзервативен христијанин, го поддржа неуспешниот референдум во 2018 година, кој имаше за цел да ги забрани истополовите бракови. Доколку биде избран, Симион рече дека ќе објави колку Романија придонела за воените напори во Украина на штета на субвенциите за романски деца и пензии. Покрај тоа, тој поддржа враќање на Романија во границите од 1940 година, кои опфаќаат територии кои денес се дел од Бугарија, Молдавија и Украина, а во последните две земји му е забранет влез. Тој ја почна својата политичка кариера како активист, залагајќи се за обединување на Романија и Молдавија, за да во 2019 година ја основа партијата Алијанса за обединување на Романците (АУР).
Никушор Дан, градоначалникот на Букурешт, е независен прогресивно-либерален политичар, кој стана познат како активист против букурешката мафија за недвижнини и коосновач на зелено-либералната протестна партија Унија Да ја спасиме Романија (УСР). Дан докторирал математика и важи за чесен, некорумпиран, но и не многу успешен во својата функција градоначалник на Букурешт, бидејќи сам се бори против моќниот апарат, коментираат светските агенции. Тој се залага за безусловна поддршка на Украина.
Во Романија вчера се одржаа повторени претседателски избори. Излезноста беше поголема од 53 отсто. Вториот круг од изборите е планиран за 18 мај 2025 година.