Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте беше речиси сигурен дека ќе биде избран за градоначалник на својот роден град со убедлива разлика во понеделникot, без пречки од неговото притворање во Меѓународниот кривичен суд по обвинение за убиство како злосторство против човештвото, пренесува Си-ен-ен.
Со пребројување на 80% од гласовите во неофицијалното пребројување, Дутерте, кој беше донесен во Хаг во март поради неговата крвава „војна против дрогата“ во која загинаа илјадници луѓе, ја доби трката за градоначалник на Давао со осум пати повеќе гласови од неговиот најблизок ривал.
Победата за време на националните среднорочни избори е доказ за трајното влијание на 80-годишникот во јужниот град, поради неговата репутација како борец против криминалот, поради што ги доби прекарите „Дутерте Хари“ и „Казнувачот“.
Старата Фејсбук сметка на Дутерте беше преплавена со честитки од поддржувачите, а некои повикуваа на негово враќање за да му служи на својот народ.
„Честитки, Татај (татко) Д! Да го донесеме дома“, гласеше еден од коментарите.
Дутерте би можел да стане првиот азиски поранешен шеф на држава на кој му се суди во МКС.
Неговото ненадејно апсење од страна на филипинската полиција на барање на МКС предизвика негодување кај неговата армија поддржувачи, кои го нарекоа киднапирање по налог на странски суд.
Д. Мишев