• Latest
Проф. Оливер Андонов (фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ)

Академска тишина

July 20, 2025
Извор: vote.gov

Тексас усвои нова изборна мапа на барање на Трамп

August 23, 2025
Фотографија: Општина Кочани

Во Кочани со изложба за починатите во несреќата во „Пулс“ заврши Програмата за млади „Лето во друштво“

August 23, 2025
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, говор по повод Денот на државното знаме, 24 август 2025 (фото извор: скриншот од видео на ФБ страницата на претседателот Зеленски)

Ден на националното знаме на Украина, Зеленски: Ние нема да му ја дадеме нашата земја на окупаторот!

August 23, 2025
Фото: МИА архива

Министерство за здравство воведува електронски модул за транспарентен преглед на донации во здравството

August 23, 2025
Фотографија: Скриншот од видео на НБС

Поранешната соработничка на Епштајн, Гислен Максвел: Нема таен клиентски список, Трамп и Епштајн не беа блиски пријатели

August 23, 2025
Фото: Скриншот од видео на ВВС

По Вашингтон, Трамп најави распоредување на федералните сили и во Чикаго и Њујорк

August 23, 2025

Започна јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

August 23, 2025

Естонија е подготвена да испрати мировници во Украина

August 22, 2025
Фото: МИА Архива

Илјадници Италијанки жртви на сексуално насилство: Група на Фејсбук споделувала интимни фотографии на жени снимени без нивно знаење

August 22, 2025

Гутереш: Ситуацијата во Појасот Газа е „катастрофа предизвикана од човекот“

August 22, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Академска тишина

July 20, 2025 09:44
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Проф. Оливер Андонов (фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ)

Проф. Оливер Андонов (фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

ОЛИВЕР АНДОНОВ

Тоа е тишината која „гласно одекнува“ во празниот интелектуален – академски простор во Македонија. Без намера да употребувам клишеа на фрази како „молкот кој говори“ или „тишината која одѕвонува“, ова колумна морав да ја започнам токму се една фраза, со тишината која доаѓа токму од академската заедница и која силно се слуша.

После сите перипетии на „национална траума“ помеѓу многувековноста и модерноста на нашиот македонски јазик насушен и нашиот македонски идентитет самонепотврден кој постојано некој треба да ни го потврдува, никој повеќе ниту го споменува фамозниот Извештај на ЕП или Извештај на Вајц. Едноставно, Вајц си ја заврши неговата работа, токму работа, па кој како сака нека разбере, послужи за тоа за што требаше и толку, молк. И самиот Мицкоски јавно призна дека Извештајот во обид на Вајц бил со негово замешателство. Со какви мотиви, неважно, важно Мицкоски ја постигна неговата политичка цел, а на чија штета, допрва ќе видиме.

Но токму зачудува молкот на моите колеги од академската јавност, од наставно-научната фела на доценти, вонредни и редовни професори, емиритуси, виши стручни соработници и други академски звања придодадени на докторите на науки во разни полиња и научни области, а во врска со наводите во Извештајот.

Покрај толку глупости, безидејност, упади во академската слобода, обиди за разни противзаконски избори во наставно-научни звања на високошколските установи во Македонија, понижување на научниот и наставен кадар на разни приватни „универзитети“, нашата академска јавност спокојно си молчи. Спокојна тишина во која се тече и ништо не се менува.

Нема никакви реакции или идеи од историската комисија како да се надминат спорните прашања низ една поширока научна дебата. Нема поддршка на европската идеја од страна на академската јавност, која токму најповеќе низ разни образовни, научни проекти и мобилности, посебно Еразмус+, ги користи европските пари и поволности во високото образование.

Според истата навика, помина и Извештајот на Европскиот Парламент. Се закачија „сите“ од академската заедница (сите оние кои се појавуваат во јавноста со политички нарачани настапи) на антиевропските и антибугарските политички пораки на Мицкоски (онака професорски, академски искажани на прес конференција), а оние другите во тишина, ниту глас да пуштат за да не се наруши спокојството на премиерот како на колега. Ех, што ти е колегијалност, па нека е и на штета на Македонија.

Постојано присутните академски величини од типот на Богојески (ќе видиме дали Државниот Просветен Инспекторат ќе се осмели да постапува или ќе се повикуваме на закон и последици од непостапување), Кекеновски кој дури и дефинираше „нов“ научен поим „политички геноцид“ (за тоа посебно напишав коментар), Елка Јачева – Улчар (која како филолог, македонист е доста конфузна во своето нарачано јавно обраќање), Митко Панов  (кој, како византолог, се занимава со Шекспир и неговото толкување во современ македонски контекст), или Наташа Котлар (која дава неразбирливи „научни“ толкувања за потребите на српскиот свет од Косово, мешајќи народ и нација), не се релевантен показател на вистинските теми од Извештајот кои треба да се коментираат.

Од толку многу доктори на науки, редовни професори, политиколози, правници, економисти, историчари, менаџери и колеги во други области, еве јас, со име и презиме со мојата дребност како професор во областа на одбраната ќе го дадам мојот коментар на дел од забелешките во Извештајот. Коментар, кој се надевам дека вас, драги мои колеги, ќе ве разбуди од убавиот ви сон, пред да се разбудите во кошмарното јаве во кое, всушност, живееме сите ние, вклучително и вие. За да не се прашувате зошто ниту еден наш Универзитет (мислам на државните) не е ниту на две илјадитото место на листата на универзитети. Далеку пред нас, во првите петстотини се Љубљана, Загреб, Белград, Софија и Атина. Одговорот е јасен, затоа што не развивате ниту сопствена, ниту пак студентите ги учите на критичка мисла, а тоа е наша академска обврска и по закон и по морал и човечка одговорност кон младите генерации кои ќе треба да ја водат Македонија за дваесетина години. А годините бргу поминуваат, како што и парите се „како роса пред сонце“. Покрај тоа што имаме обврска да развиваме и негуваме критичка и научна мисла, таа мора да биде и автохтона. Кон тоа нѐ обврзува не само законот и правилниците во кои стои дека една од областите на бодување на наставно-научниот кадар за избор и реизбор во наставно-научно звање е и општествено-развојната дејност. Тоа значи дека, како академска заедница, имаме голема, би рекол, пресудна одговорност за просветлување на македонскиот народ – македонските граѓани, односно општествена одговорност да влијаеме со збор и дело врз збиднувањата во македонското општество, спречувајќи ги негативните последици врз нацијата и насочувајќи ја Македонија во современите текови на Европа. Не да се плаче и рида врз сопствената божем несреќа и историска неправда, туку да се работи на македонското дело, внатре во ЕУ, со ум и знаење на рамна нога со современите европски нации. Дури ниту МАНУ не се најде засегната да постави прашања, дилеми, да се обиде да прозбори, да отвори општествен дијалог за другите точки од Извештајот кои ужасно прецизно ја опишуваат состојбата во Македонија.

Но нам ни останува да го анализираме Извештајот на ЕП надвор од политичкиот наратив поврзан со македонскиот јазик и идентитет, како јасен показател на реалните состојби во нашата татковина. Притоа, да дадеме критички осврт, а не да ја ставаме главата в песок.

Најпрво, и особено значајно е тоа што во делот Регионална соработка и надворешна политика (член 78-85), се констатира засилено влијание на „српскиот свет“, на Русија и Кина во Македонија.

Токму ова засилено влијание на кое се предупредува има повеќеслојни аспекти на влијание врз македонската држава и нагласено ќе подвлечам, врз македонскиот идентитет, неговото зачувување, како и македонскиот јазик и неговата промоција. Замислете, вие филолози, ние имаме потреба од промоција на македонскиот јазик во македонската држава, 80 години по нејзиното создавање и триесет и пет години по нејзината самостојност. Имаме таква силна потреба од самопотврдување на нашиот македонски идентитет (не признавање од други, туку токму самопотврда) поради огромното влијание на српскиот свет.

Еве ви пример. Градоначалникот на Крива Паланка по повод денот на градот, на 29-30 Август најавува спектакл со „безвремена енергија“ создадена од Мирза Селимовиќ, Светлана Цеца Ражњатовиќ – српската мајка, Дејан Петровиќ и Саша Ковачевиќ. Градоначалникот на Охрид, по повод одбележување на еден од најголемите национални празници во Македонија, 2-ри Август, како центар на манифестацијата ја поканил Лепа Брена. Каде сте македонЧИЊА, кај отидовте? И не се само тие двајца, воглавно сите функционери од државно до локално ниво така се однесуваат кон македонскиот идентитет, неважно дали се од СДС умрено или од ВМРО-ДПМНЕ. Македонија е бавча која културолошки (а токму тоа значи идентитетски) ја ора кој стигне, а премиерот го брани македонскиот идентитет само на зборови корисни и потребни за дневна политика. Во меѓувреме академската заедница молчи, како да не е од тука.

Ова влијание, особено руското и кинеското има и безбедносни ризици и тука не треба да зборуваме за разузнавачки активности туку за влијанија во финансиски импликации како сомнителни, коруптивни и скапи кредити (па сетете се дека и денес не знаеме точно од каде потекнуваат парите од Унгарскиот кредит преку Ексим банка). Сето ова е потенцирано во членот 29 од Извештајот потенцирајќи ја улогата на Унгарија и Србија за сметка на Москва и Пекинг. Ова се сериозни предупредувања каде се движи Македонија, посебно потенцирајќи во членот 3 „дека е неопходно Македонија да го одржи моментот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција“. Токму процесот на европската интеграција е сериозно ставен надвор од агенда на владата на Мицкоски преку отвореното и тенденциозно влегување во конфликт со ЕУ надвор од Копенхашките критериуми. Особено се напоменува опасноста од странско мешање и дезинформации.

Во членот 80 од Извештајот јасно се искажува загриженоста од „проектот“ српски свет и особено од фактот што претставници на Владата на Македонија застапуваат и промовираат ваков концепт, потенцирајќи го и учеството на состаноци со кои се поткопува сувереноста и на други држави во регионот. Тоа значи дека Македонија учествува во регионална дестабилизација како прокси држава. Токму потенцирајќи го и непријателското однесување кон НАТО преку ширење на непријателски наративи. И замислете, зад сето тоа стои Владата на Македонија која е земја членка на НАТО. Во исто време, во член 81, повторно се повикува владата на Македонија да ги отвори архивите на УДБ-а и КОС. Исклучително интересна забелешка која во јавниот дискурс владата на Мицкоски воопшто не ја коментира, но жално е што и академската заедница, особено колегите од областа на историјата молчат по однос на ова забелешка. А во тие архиви чуда од корисен научен материјал ќе најдат.

Дури јасно ни се става како забелешка (член 83) нашиот „дипломатски успех“ кога во ООН се воздржавме од гласање за европската резолуција за Украина, а ја ко-спонзориравме заедно со Грузија и Унгарија резолуцијата на САД. Интересен заклучок кога се знае дека имаме намера (доколку навистина имаме) да бидеме член на ЕУ. Уште повеќе загрижува заклучокот дека сме пратиле негативен сигнал во однос на усогласувањето на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ. Тоа само покажува дека и во НАТО и во ЕУ, Македонија не е доверлив партнер. Но и спроти ова, стои академската тишина на моите колеги од одбраната. Впрочем, досега можеше да се проговори безброј пати, особено затоа што токму низ призмата на ЗНБП на ЕУ, Македонија можеше да добие неповратни средства во стотици милиони евра. Како што, впрочем, владата на Мицкоски самата ги блокираше средствата од ЕУ наменети за Западен Балкан, или нешто повеќе од една милијарда евра за Македонија, но затоа се одлучи да нѐ задолжува.

Згора на тоа, кога е во прашање односот кон ЕУ и НАТО, во членот 77 од Извештајот јасно се повикува Македонија да направи прогрес во врска со железничкото и патното поврзување во стратешката мрежа на ЕУ и НАТО, како што е Коридорот 8, што ќе придонесе кон засилување на југоисточното крило на НАТО. А токму за оваа намена ЕУ ни даде неповратни средства кои не ги искористивме.

Прашањето за македонскиот јазик и идентитет не се буквално избришани како што ни се претставува преку политичкиот наратив. Во Извештајот јасно се вели дека: „Европските институции во своите извештаи и официјални документи доследно се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор. Почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е суштински елемент од процесот на пристапување во ЕУ и е темел на демократските општества, кој дополнително ќе биде потврден со пристапувањето во европското семејство на нации“. Замислете, ЕУ вели дека токму потврдувањето на нашиот македонски јазик и идентитет ќе се потврдат со нашето пристапување во европското семејство на нации. Или со полноправното членство на Македонија во ЕУ по автоматизам ќе се стави печат на постоењето на македонскиот идентитет како македонски народ и македонска нација во семејството на современите европски нации.

Во членот 45 јасно се повикува Владата да пристапи кон измени на Кривичниот закон во согласност со ЕУ aquis и да ги исправи измените кои се направени 2023 година. Извештајот во член 13 јасно ја повикува Владата ургентно да ги интензивира напорите за зајакнување на владеење на правото и независноста на судството, а особено во борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација и подобрување на транспарентноста и сопственичката концентрација во медиумите. Интересна констатација е дека владата се меша во изборот на судии и обвинители, дека проблемот со јавната администрација останува, посебно нотирајќи ги  политички мотивираните поставувања и разрешувања од функции во рамките на независни тела и агенции, но и дека власта е замешана во сопственичката структура на медиумите. И за каква слобода на медиуми, уредувачка политика или демократија може да стане збор тука. Ова е директен вовед во автократија по урнекот на Путин.

И во членовите 24-27 јасно се бара ревизија на правилата за државно рекламирање како и загриженост од појава на владино рекламирање во комерцијалните медиуми што претставува ризик за внесување на несоодветно политичко влијание и загрозување на плурализмот. Посебно се напоменува потребата за заштита на новинарите, борците за човекови права и здрава животна средина. Исто така посебно строго се бара засилување на независноста и капацитетите на медиумските регулатори, јавниот сервис и регулаторната комисија за електронски комуникации.

Потоа, тука се забелешките за финансирање и рекламирање  на политичките партии, нетранспарентни механизми за финансирање, што би се рекло отворени можности за корупција и перење пари, реформи и изборни правила кои треба да бидат усвоени пред локалните избори и многу други забелешки. Ова се сериозни забелешки за демократскиот капацитет на Владата за кои академската заедница нуди тишина. Таа тишина, драги мои колеги, е соучесништво.

На крајот, Извештајот посебно повикува на темелна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани и ажурирање и целосно спроведување на законодавството за да се спречат слични трагедии и да се подобри јавната безбедност и заштитата на граѓаните. Притоа, во членот 14, се напоменува неопходноста од соработката со Грција и Бугарија во однос на изградба на цивилните капацитет во менаџирањето со кризите. Што повеќе да се каже и да се коментира кога академската тишина е гласно присутна дури и во врска со трагедијата во Кочани.

Јасно е дека Извештајот на ЕП не се однесува на македонскиот јазик и идентитет, туку очигледно основно прашање е странското влијание, дезинформации кои како политички наратив ги креира и спроведува владата и, пред сѐ, недостиг на реформи во сите клучни области.

Едноставно, владата на Мицкоски и нејзините налогодатели не сакаат да се помрднеме кон ЕУ и прашањето за македонскиот јазик и идентитет е креирано како димна завеса за да се оствари токму целта „Македонија не во ЕУ“.

Непостоењето на јавна дебата во рамките на академската заедница за прашањата кои се од национален и општествен интерес или видливата академска тишина, дозволува разни божем професори да создаваат псевдонаучни тези и тоа најчесто надвор од областа и во која се претставуваат за професори. Затоа, да не се чудиме кога еден машинец ќе ни ја објаснува историјата, и не само нам, туку и на претставниците на ЕУ. Колеги историчари, не сметате ли дека тоа е понижување на историската наука или подобро е да си престојувате во тишина?


Текстот е личен став на Авторот. Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА.
Print Friendly, PDF & Email
Share35Tweet22Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Бабановски: Никој не знае каде заврши оружјето што му гo донесе Аркан на Мијалков

    100 shares
    Share 40 Tweet 25
  • Македонија претворена во прокси држава на Кремљ

    93 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Мицкоски: Ако поради независните со два потписа изборите не успеат, Владата има уставна можност да постави повереници

    93 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Историјата репетирана: Цената на додворувањето кон Русија

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
  • Денко Малески ги воспеа Путин и Трамп: Зошто по ѓаволите!?

    87 shares
    Share 35 Tweet 22
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ