ЏАБИР ДЕРАЛА
Во името на ЦИВИЛ – Центар за слобода
Веќе неколку месеци, секој петок поставуваме едно едноставно, но моќно прашање:
„Кое е вашето прашање до властите и политичарите?“
И ни одговарате. Гласно и јасно. Секоја недела, вашите коментари откриваат гнев и разочараност од нефункционалните институции и празните ветувања. Овие гласови се важни за одржување на демократска и јавна дебата.
Но сега, кога и локалните избори ни се на прагот, време е да одиме чекор понатаму.
Од критика до граѓанска моќ
Критиката е важна. Но уште посилни се конкретните прашања.
Прашањата не може да се игнорираат. Тие бараат одговор. И отвораат врата за промени.
Имам кажано и напишано повеќе пати – неодговорените прашања се како нерешени убиства: никогаш не се забораваат.
Еве неколку примери на прашања што можете да ги поставите. Ако некое од овие ве засегнува и имате конкретни примери, преземете го и додајте детали:
- Зошто селските училишта се запоставени, а се трошат милиони за елитни, а нефункционални проекти?
- Кој е планот за подобрување на јавното здравство во внатрешноста?
- Кога конечно ќе се регулираат условите за работа, опасни по здравјето и животот на работниците?
- Зошто трошоците за живот растат, а платите стојат?
- Како институциите ќе обезбедат правда за жртвите на дискриминација и системско насилство?
Овие прашања се нашиот повик до властите – без оглед на тоа која партија е на власт. И секое време е вистинското да се постават.
Изборите се за граѓанките и граѓаните, не за политичарите
Локалните избори во октомври не се само натпревар меѓу партии и кандидати. Тоа е шанса за граѓанките и граѓаните да проговорат, да бараат, да дејствуваат.
ЦИВИЛ не учествува на избори. Ние сме заедно со граѓанките и граѓаните. Ги слушаме, ги засилуваме нивните гласови, ги насочуваме прашањата до институциите и политичарите. И бараме одговори.
Прашајте. Посочете. Дајте пример. Побарајте одговор. Ние сме тука – заедно со вас.