Талибанските власти во Авганистан побараа меѓународна помош откако силен земјотрес уби стотици луѓе и срамни со земја цели села, натрупувајќи дополнителна беда врз земјата опустошена од војна, која веќе се бореше со недостиг на храна и намалување на странската помош, пренесува Си-ен-ен.
Најмалку 900 луѓе загинаа, а 3.000 беа повредени откако земјотресот со јачина од 6,0 степени ги погоди градовите и селата во близина на границата со Пакистан во неделата, предизвикувајќи силни потреси во Кабул, изјави официјален претставник на Талибанците за Асошиејтед Прес (АП).
Силните дождови, лизгањата на земјиштето и оштетените патишта им го отежнаа пристапот на екипите за помош до оддалечените планински области најтешко погодени од земјотресот.
Неодамнешните намалувања на помошта од САД ги попречија напорите за помош во земјата, која се справува со намалување на глобалната помош откако Талибанците ја презедоа контролата во 2021 година, наметнувајќи строги правила и казни врз 43-те милиони жители на земјата.
Д. Мишев