Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со насоки до новинарите за безбедно известување од пожари.
Пожарите, што во последниве недели зафатија различни делови од земјата, a посебно во Скопскиот регион, создаваат услови кои можат сериозно да ја загрозат безбедноста на новинарите и медиумските работници што известуваат од терен. ЗНМ потсетува дека здравјето и животот секогаш се пред секоја професионална задача.
При работа од терен во вакви околности:
Не влегувајте во зони кои претставуваат директна опасност за живот и здравје.
Колку што е можно, ограничете го времето на престој во зоната со чад и известувајте од безбедна дистанца.
Избирајте облека или опрема што ќе ви овозможи практична заштита од прашина и честички, а по напуштање на местото применете основни хигиенски мерки.
Одржувајте ја техничката опрема во функција и заштитена, бидејќи контаминацијата може да влијае врз квалитетот на работата.
Користете заштитни маски со висок степен на филтрација (N95, FFP2 или FFP3) за да се намали вдишувањето штетни честички
Овие насоки се во согласност со препораките на Европската федерација на новинари (EFJ) кои приоритетно го третираат прашањето на безбедноста при работа во ризични услови.
Од ЗНМ додаваат дека новинарството е клучно за јавниот интерес, но никогаш не смее да биде на сметка на личната безбедност и животот на новинарите, снимателите и фоторепортерите.