Врховната рада го ратификуваше Стогодишниот договор за партнерство меѓу Украина и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска што го потпишаа претседателот Володимир Зеленски и премиерот на Велика Британија Кир Стармер на 16 јануари..
Според дописникот на Укринформ, законодавната иницијатива бр. 0332 беше усвоена со 295 гласа.
Во образложението се наведува дека ратификацијата ќе ги заврши сите домашни процедури и ќе започне 100-годишно партнерство насочено кон зајакнување на соработката во одбраната, безбедноста, трговијата и економијата, енергетиката, образованието, науката, културата, социјалната и миграциската политика, како и правдата и информациската безбедност.
Договорот стапува во сила по приемот на конечното известување од двете страни со кое се потврдува завршувањето на нивните внатрешни процедури. Документот предвидува засилена воена соработка во поморската безбедност преку воспоставување нова структура за зајакнување на безбедноста во Балтичкото, Црното и Азовското Море и за одвраќање на руската агресија. Исто така, ќе ги обедини експертите за унапредување на соработката во здравството, агротехнологиите, вселената и беспилотните технологии, а воедно ќе ги поттикне образовните проекти.
Покрај тоа, Договорот го назначува Обединетото Кралство како приоритетен партнер на Украина во енергетскиот сектор, екстракцијата на критични минерали и производството на зелен челик. На барање на Украина, Велика Британија, исто така, разви нова шема за следење на украденото жито од териториите окупирани од Русија. Создадена е посебна база на податоци, која ќе ѝ биде предадена на Украина од страна на државниот секретар на Велика Британија за животна средина, храна и рурални прашања.
Претседателот Володимир Зеленски и премиерот на Велика Британија Кир Стармер го потпишаа Стогодишниот договор за партнерство на 16 јануари. Документот ги продлабочува билатералните односи во одбранбениот сектор и предвидува понатамошна воена помош за Кијив.
Д. Мишев