САД ќе ѝ обезбедат на Украина разузнавачки информации за ракетни напади со долг дострел врз енергетската инфраструктура на Русија, изјавија американски претставници, додека администрацијата на Трамп размислува да му испрати на Кијив моќно оружје кое би можело да постави во дострел повеќе цели во Русија, објави The Wall Street Journal (WSJ) на 1 октомври.
Претседателот Трамп неодамна потпиша дозвола за разузнавачките агенции и Пентагон да му помогнат на Кијив со нападите. Американските претставници бараат од сојузниците на Организацијата на Северноатлантскиот договор да обезбедат слична поддршка, рекоа овие луѓе. Проширеното споделување разузнавачки информации со Кијив е најновиот знак дека Трамп ја продлабочува поддршката за Украина, бидејќи неговите напори за унапредување на мировните разговори се во застој.
Ова е прв пат администрацијата на Трамп да одобри таква помош.
Администрацијата, исто така, ја разгледува испораката на ракетите Томахавк и Баракуда, кои би можеле да погодат цели на оддалеченост до 500 милји.
„Чекаме писмени упатства од Белата куќа пред да ги споделиме потребните разузнавачки информации“, изјави еден американски функционер за WSJ.
Овој развој на настаните доаѓа во време на променливата реторика на Трамп за војната во Украина, откако неговите напори за посредување во мир меѓу Кијив и Москва досега не вродија со плод,а Трамп е фрустриран од рускиот претседател Владимир Путин и неодамна ги даде своите најпроукраински изјави досега.
Д. Мишев