Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана информира дека добила известување од словенечката полиција дека во текот на ноќта на 2 октомври 2025 година, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани.
Согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.
Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана извести дека е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката.
Полицијата и обвинителството во Љубљана се уште го истражуваат случајот со смртта на 38-годишниот македонски државјанин кој рано утрово минатиот четврток беше најден мртов на улица во главниот град на Словенија. На телото се врши обдукција, а се прибираат и други информации и траги.
Првичните неофицијални информации се дека 38-годишниот маж бил претепан до смрт, но од полицијата официјално изјавија дека се врши истрага која треба да ја открие причината и да ги утврди околностите во кои починал државјанинот на Македонија.
-Полициските службеници извршиле увид на местото на настанот, наредена е судска обдукција, но причината за смртта сè уште не е разјаснета. Интензивната кривична истрага сè уште е во тек. Надлежното државно обвинителство ќе биде известено за сите наоди“, изјави во петокот попладне, Шпела Шкопорц, портпаролката на словенечката полиција.
Полицијата веднаш по отварањето на истрагата го утврдила идентитетот и државјанството на починатиот маж.