Европската комисија го претстави годишниот извештај за проширувањето со оценки за пристапните процеси на земјите кандидати за членство во Европската унија: Украина, Молдавија, Грузија, Србија, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Турција.
Но помеѓу десетте држави кои се стремат да се приклучат на ЕУ, има и некои, како што се Турција и Грузија, кои во суштина стојат во место.
Во водство меѓу земјите кои се надеваат на членство во ЕУ се две балкански земји, Црна Гора и Албанија, додека Украина и Молдавија направија важни чекори откако ги поднесоа своите апликации за членство во 2022 година. Фаворитот Црна Гора вели дека сака да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година, додека Албанија притиска да ги заокружи во 2027 година. Украина и Молдавија целат на 2028.
Европската комесарка за проширување Марта Кос рече дека 2026 година ќе биде „момент на вистината за сите земји кандидати“, нагласувајќи дека „обединет континент е најсилниот одговор за оние кои се обидуваат да ја поделат и дестабилизираат Европа“.
Но, какви се изгледите за поединечните кандидати и кој какво темпо поставува?
Црна Гора и Албанија: Двете фаворити
Во годишниот извештај за проширувањето, Европската комисија го нагласи забрзаниот напредок на Црна Гора и Албанија во пристапниот процес.
Црна Гора, која ги започна пристапните преговори во 2012, се смета за фаворит меѓу шесте земји од Западен Балкан, со можност да ги заврши преговорите до крајот на 2026 доколку реформите продолжат. Според извештајот, Црна Гора покажала „континуирана политичка посветеност“ и „испорачала опипливи резултати во исполнувањето на бараните реформи и придвижувањето на земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“.
Сепак документот нагласува дека демократските институции во земјата остануваат ранливи на политички кризи и можни институционални блокади. Според процената на Европската комисија, Црна Гора треба да ги подобри своите резултати во однос на кривичното гонење и пресуди во случаите на корупција, особено на високо ниво, како и севкупната ефикасност на судството, вклучително и намалувањето на заостанатите предмети.
Европската комисија оцени дека Црна Гора е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и дека е постигнат одреден напредок во спроведувањето на реформите. Особено се нагласува дека Црна Гора треба доследно да продолжи да ги спроведува сите закони поврзани со медиумите и дополнително да ги усогласи со законодавството на ЕУ со што ќе се обезбеди брзо назначување на членови на Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АМУ).
Документот исто така нагласува дека визната политика на Црна Гора не е целосно усогласена со таа на ЕУ и дека Црна Гора треба да ги прекине договорите за безвизен режим со земји на чии државјани им се потребни визи за влез во ЕУ.
Албанија, која е земја кандидат за членство во ЕУ од 2014 година, би можела да ги заврши преговорите до крајот на 2027 година. Извештајот за Албанија нотира значаен напредок во неколку области како што се реформите во правосудството, борбата против организираниот криминал и посветеноста на албанската влада на европската интеграција.
Сепак, Комисијата нагласува дека спроведувањето на реформите и консолидацијата на демократскиот систем на Албанија остануваат основни услови, како на пример во судскиот систем, борбата против корупцијата и организираниот криминал, и политичката поларизација и институционалниот дијалог.
Украина и Молдавија: Брз напредок, тешки реформи
Извештајот на Комисијата вели дека Украина мора да ги забрза реформите доколку сака да ја исполни самопоставената цел за завршување на пристапниот процес до крајот на 2028. Земјата „продолжи да покажува извонредна отпорност и силна посветеност на својот европски пат и покрај ескалацијата на тековната руска воена агресија“ се вели во извештајот.
Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Нападот вдахна нов живот во долго закочените напори да се примат нови членки во блокот од 27 држави. Соочен со агресијата на Кремљ, Брисел гледа на зголемувањето на бројот на членки како стратешки приоритет, при што шефицата за проширување на ЕК, Кос, изјави дека постои реална можност ова да се случи во наредните години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да престане да го блокира обидот на Киев да се приклучи кон ЕУ, додека Брисел поддржа унапредување на процесот за земјата разурната од војна и покрај загриженоста за корупција.
Брисел предупреди на „назадување“ во напорите за борба против корупцијата во Украина, откако Зеленски беше принуден да ги поништи одлуките кои ја ограничуваа независноста на антикорупциските агенции како резултат на незадоволството од неговите европски поддржувачи.
За Молдавија, Комисијата забележа дека земјата „продолжува да се соочува со невидени предизвици како резултат на руската воена агресија во Украина, обидите на Русија и нејзините помагачи да ја дестабилизираат земјата и заканите за нејзиното снабдување со енергија и безбедноста“. Комисијата додаде дека „и покрај тоа, Молдавија покажа отпорност и посветеност на реформите“.
– Молдавија постигна најголем напредок во една година од сите кандидати, рече комесарката Кос.
Во соседна Романија, Министерството за надворешни работи соопшти дека ја поздравува поддршката на Комисијата за целта на Молдавија да ги заврши пристапните преговори до почетокот на 2028 година.
Србија: Протестите и реториката против ЕУ го попречуваат напредокот
Во својот извештај, Комисијата изразува жалење што спроведувањето на реформите во Србија „значително забавило“ поради зголемената поларизација во српското општество во услови на протестите што се одржуваат во земјата веќе една година.
Комисијата посочи на „наративот против ЕУ очигледен не само во српските медиуми, туку користен и од носителите на политички функции, вклучително и на највисоко ниво“, и ги повика српските власти „да преземат многу поголема одговорност за проактивна и пообјективна комуникација за пристапниот процес на Србија и за ЕУ, како и за спротивставување на дезинформациите и манипулацијата со информации“.
Меѓутоа, за министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, најважната порака за Србија во извештајот била дека Србија е подготвена да го отвори кластерот 3 од пристапниот процес („Конкурентност и инклузивен раст“), и дека земјата бележи напредок во многу области.
Брнабиќ се согласи со оценката на Комисијата дека Србија забавила со реформите. „Она со што целосно се согласувам – и тоа е навистина критика – е тоа што забавивме со реформите. Вчера, и претседателот [Александар] Вучиќ го повтори тоа и ги повика сите надлежни институции да направат сè што можат за да ги забрзаат реформите“, рече таа.
Во одговор на новинарско прашање за потребата да се промени често негативниот наратив за ЕУ во Србија – што беше и една од критиките на Европската комисија – Брнабиќ рече дека се согласува со тоа. „Мораме да вложиме напори да го промениме наративот кон ЕУ и да имаме многу попозитивен – или барем помалку критичен – наратив за ЕУ. Тука нема никаков сомнеж.“
Извештајот го оцени и Косово, потенцијална земја кандидат за ЕУ, наведувајќи дека и покрај „јасното сигнализирање на својата посветеност на вредностите на ЕУ“, во земјата има забавување на реформите поради политичкиот ќорсокак по изборите во февруари минатата година.
Босна и Херцеговина: Пат до стабилност
И покрај политичките кризи и забавените реформи во Босна и Херцеговина (БиХ), извештајот на Комисијата нагласува можности кои би можеле да го забрзаат пристапниот процес.
Извештајот истакнува дека политичките несогласувања негативно влијаеле на напредокот, што резултирало со одложени реформи – но, исто така, е забележан и опиплив напредок, особено во усогласувањето на законодавството во областите на заштита на податоци и гранична контрола, како и потпишувањето на Договор за соработка со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.
И покрај предизвиците, Комисијата ја пофали БиХ за поднесувањето на Реформската агенда, покажувајќи подготвеност за понатамошни реформи. Меѓутоа, клучниот предизвик останува спроведувањето на законите за реформа на судството, кои мора да бидат целосно усогласени со стандардите на ЕУ за да овозможат континуиран напредок во преговарачкиот процес.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, рече дека ЕУ останува посветена на стабилноста на БиХ и дека судската реформа, заедно со назначувањето на главен преговарач со ЕУ, остануваат клучот за понатамошен напредок на земјата.
Северна Македонија: Висока усогласеност во надворешната политика
За Северна Македонија, во извештајот се вели дека е важно земјата да напредува и да ја финализира целата подготвителна работа поврзана со почетните одредници за кластерот „Основни вредности“. Земјата беше пофалена за одржувањето добри односи со другите земји кандидати за членство и за вклученоста во регионалните иницијативи.
Комисијата ја повика земјата „да ги усвои уставните измени“ потребни за напредок во процесот, со тоа што „ќе ги вклучи во Уставот граѓаните кои се дел од други народи кои живеат во земјата, како Бугарите“.
По состанокот со неговиот германски колега Јохан Вадефул во октомври, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев рече дека Софија и Берлин исто така го делат ставот дека Северна Македонија треба да го измени својот Устав како прв чекор кон отворање на пристапните преговори со ЕУ.
Комисијата рече дека земјата активно се вклучила во новиот План за раст за Западен Балкан и почнала да работи на спроведување на четирите столба на планот: постепена интеграција со единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, фундаментални реформи и зголемена финансиска поддршка.
„Северна Македонија ја задржа целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и за руската воена агресија против Украина, испраќајќи силен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристапување во ЕУ и покажувајќи се како сигурен партнер“, се вели во извештајот.
Грузија и Турција: Исклучоци во процесот?
Иако имаше позитивни оценки за некои земји во годишниот извештај, сликата за ситуацијата во Грузија е лоша бидејќи владата на оваа земја од Кавказот почна да презема остри мерки против опозицијата и се сврти кон Москва. „Грузија нема одржлив пат кон ЕУ во оваа фаза освен ако условите драстично не се променат. Таа сега е земја кандидат само по име“, рече комесарката Кос.
И за Турција извештајот забележува натамошно назадување во однос на основните права и владеењето на правото. Но, сепак, земјата настојува да стане дел од програмата Безбедносна акција за Европа (SAFE) на ЕУ, вредна 150 милијарди евра – механизам насочен кон зајакнување на европските одбранбени капацитети. Иако Турција технички ги исполнува условите за пристап до иницијативата SAFE, потребно и е одобрение од сите 27 членки на ЕУ – нешто што Грција се закани дека ќе го блокира.
Што е следно за аспирантите за членство?
Пристапувањето кон ЕУ вклучува години на макотрпни преговори и големи реформи. Многу прашања можат да го одложат напредокот на земјите кандидати. Дури и кога земјата ќе ги помине сите преговарачки пречки, за приклучување сè уште е потребна едногласна поддршка од постојните членки на Унијата.
Како што рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски: „Членството во ЕУ не е обврска, туку слободен избор на една земја и нејзините граѓани“. Полска е меѓу земјите кои нагласуваат дека проширувањето мора да биде придружено со ригорозно следење на демократските стандарди, владеењето на правото и стратешката кохерентност, и дека билатералните спорови не треба да го блокираат напредокот во пристапниот процес.
За прв пат, Комисијата сега ја наведе потребата идните договори за пристапување да содржат „посилни заштитни мерки“ против непочитување на обврските преземени за време на пристапните преговори за да се „осигури дека позитивната динамика за владеењето на правото, демократијата и основните права се одржува“.
Многу набљудувачи сметаат дека ЕУ научила болна лекција бидејќи земји како Унгарија ја попречуваа работата на блокот додека назадуваа во однос на владеењето на правото.
Според француската новинска агенција АФП, Брисел исто така размислува дали да им го ускрати правото на вето на новите членки во области како што е надворешната политика во период од неколку години по нивното приклучување, пренесе МИА.












