Амбасадорот на Велика Британија во Србија, Едвард Фергусон, на панелот „Зелена транзиција – од посветеност кон акција“ што се одржа во рамките на годишната конференција Western Balkans 2030, оцени дека силниот национален консензус е од големо значење за усвојување на законодавството за зелена транзиција.
Тој рече дека тоа е случај во неговата земја и дека одржувањето на тој консензус, особено кај младите, е исклучително важно. Фергусон изјави дека Велика Британија неодамна ја затворила својата последна електрана на јаглен, во согласност со разбирањето дека зелената транзиција е итна потреба.
Фергусон рече дека неговата земја смета за „стратешки императив“ да се оддалечи од фосилните горива и поради геополитичките околности. Тој додаде дека Велика Британија инвестира големи суми во обновливи извори на енергија, што само по себе не е доволно, бидејќи се потребни и законски измени.
Амбасадорот Фергусон изјави дека неговата земја се обидува да се фокусира на иновации, без разлика дали станува збор за употреба на водород или зафаќање на ослободениот јаглерод. Тој додаде дека нуклеарната енергија исто така добива на значење.
Според Фергусон, Велика Британија предвидува пад на цените на електричната енергија во земјата во моментот кога ќе се реализираат инвестиции во зелена енергија.
Заменик-генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС) Арслан Умут Ергезер изјави дека адаптацијата на Западен Балкан кон климатските промени бара десетици милијарди евра. Тој додаде дека за зелената транзиција во регионот не е доволно само јавно финансирање, туку се потребни и средства од приватниот сектор, за што е важен повратот на инвестициите.
Ергезер рече дека СРС обезбедува сеопфатна политичка рамка и разни акциони планови за зелената транзиција, и дека имплементацијата зависи од самите држави и дека СРС не може да се меша на локално ниво.
Ергесер изјави дека иако донаторите играат важна улога, властите во државите мора сами да водат „сериозни разговори“.
Вршителката на должноста помошник-министерка за рударство и енергетика за енергетска ефикасност и климатски промени, Маја Вукадиновиќ, изјави дека Србија влезе во процесот на зелена транзиција во понеповолна ситуација од земјите-членки на ЕУ.
Вукадиновиќ изјави дека Србија не може одеднаш да донесе одлука за затворање на сите електрани што ја загадуваат животната средина, меѓу другото, од социјални и економски причини, и дека е потребна постепена транзиција.
Таа изјави дека до 2030 година е планирана изградба на објект за складирање и користење на водород, како и дека се планираат понатамошни истражувања за примената на водородот во производството на електрична енергија, како и примената на нуклеарната енергија.
Генералниот директор на „Електростопанство на Србија“ (ЕПС), Душан Живковиќ, изјави дека не го доведува во прашање процесот на декарбонизација, но дека процесот ќе мора да се одвива постепено.
Конференцијата „Western Balkans 2030“, што се одржува за првпат, ги собира претставниците на меѓународните, европските и регионалните институции, владите, инвеститорите и иноваторите, со поддршка на Европската инвестициска банка и Канцеларијата на ОН за проектни услуги.
Средбата е организирана од списанието The Region со цел да се истакне потенцијалот на регионот да придонесе за создавање поконкурентна, одржлива и потесно поврзана Европа.
Намерата е конференцијата да се одржи и во други градови низ целиот Западен Балкан до 2030 година, како годишен форум за дијалог и соработка, каде што идеите се трансформираат во конкретни акции и партнерства, пренесе МИА.












