Меѓународната конференција Четири години агресија: Отпорот на Украина и одговорноста на светот, одржана на 24 февруари 2026 година, заврши со јасна порака дека поддршката за Украина мора да продолжи со конкретни политички, општествени и безбедносни чекори.
Конференцијата беше пренесувана во живо на 24 февруари во организација на ЦИВИЛ и продукција на медиумската платформа на организацијата.
Настанот, организиран во рамки на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата (Defending Democracy Global Initiative – DDGI) и нејзината водечка програма Вестминстерска алијанса за Украина (Westminster Alliance for Ukraine – WA4U), собра политичари, дипломати, експерти, новинари и претставници на граѓанското општество од Европа и пошироко.
Четири години по почетокот на целосната руска воена агресија врз Украина, учесниците нагласија дека војната не е само регионален конфликт, туку дел од пошироката борба за демократија, меѓународно право и глобална безбедност.
Во своите излагања, говорниците се осврнаа на повеќе клучни прашања, меѓу кои:
- отпорот на Украина како одбрана на демократските вредности,
- глобалните последици од авторитарната агресија,
- дезинформациите и хибридната војна како инструменти за дестабилизација,
- потребата од долгорочна политичка, воена и општествена поддршка за Украина.
Декларација: Одговорноста не смее да остане само збор
Еден од главните резултати од конференцијата е Декларацијата за отпорот на Украина и одговорноста на светот, која претставува заеднички повик за одбрана на слободата, почитување на меѓународното право и отфрлање на лажната неутралност во услови на агресија.
Со декларацијата, учесниците и поддржувачите ја нагласуваат потребата од одлучна и долгорочна поддршка за Украина, како и за посилна меѓународна координација во спротивставувањето на авторитарната агресија, дезинформациите и хибридните закани.
Организаторите нагласуваат дека поддршката на декларацијата не е само симболичен чин, туку повик за конкретно дејствување во одбрана на слободата и демократските вредности.
Декларацијата е отворена за поддршка од поединци, организации и институции.
ЦМ Деск












