Пишува: Љубомир Костовски
Во јавноста барем еден месец наназад се говори дека кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова има некаков безбедносен проблем. Или поточно дека некој одвнатре оддавал тајни без да се назначи дали е тоа кон некој надвор од земјава или кон некого внатре. Па се применуваат методи кои порано, во време на советскиот систем ги применуваа дописниците на странските медиуми во Москва кога сакаа да дознаат што се случува зад ѕидините на Кремљ. Еден вид на сигнали (посредни) за носење на заклучоци за кои нема официјални информации.
Па посетата на претседателката на Северна Македонија на Турција и средбата кај Ердоган е една од можности да се утврди кој би требало да е во тројцата членови на кабинетот кои се со неа а ги нема оние кои би требале да „парираат“ на присутните од кабинетот на домаќинот, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Како прво, се цени дека недостасува Габриела Јаковлева, која е директен член на кабинетот на Силјановска Давкова, ама би требала да е соодветна со присуството на главниот безбедњак на Ердоган – Ибрахим Калин (тоа е човекот со мустаќи). Значи се разговарало и на таа тема, а Јаковлева е новата директорка на Агенцијата за разузнавање (на местото на Еролд Муслиу). Во делегцијата ја нема и нејзината заменичка Ивана Стојановска.
Како индикативен момент се смета дека го нема и генералниот секретар Ѓорѓи Божинов, но таму е неговиот заменик – поранешниот новинар Горан Момировски. Вториов со присуството демантира дека тој евентуално бил во немилост!
Во сивито на Божинов стои дека тој има 30 годишно работно искуство како правник во министерството за земјоделство, во програмите за финансиска поддршка, бил дел и од процесот на јавните набавки, но и во области поврзани со реформите за влез во Европската Унија. Момировски ѝ е познат на јавноста како новинар – уредник и водител во неколку национални телевизии, меѓу кои Алфа ТВ а бил дел и од јавниот сетвис. Во 1999 година, кога се случи бегалската криза а потоа и воениот конфликт во Македонија во 2001 година Момировски беше назначен за шеф на одделот за комуникации при Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации.
Текстот е личен став на авторот.












































