Оливер Андонов
Можеби драги мои, насловот на оваа колумна ви е малку чуден, но всушност токму низ призмата на овие поврзувања работите можат да ни станат многу јасни. Односно да си разјасниме зошто ни се случува тоа што ни се случува денес во Македонија, на македонските граѓани а посебно нам на Македонците.
Заблудени и заслепени со историските наративи, најчесто лажливи, митологизирани и невистинити, а на кои се надоврзуваат современите „наследници“ на партизаните, денес истите тие ни се претставуваат како заштитници на македонскиот идентитет – дури и на овој современиот македонски идентитет.
За да ве приближам до реалноста на оваа манипулација со вашите умови, драги мој сограѓани-сонародници, ќе ви кажам еден вистински настан од минатата недела. Настан кој во македонската јавност помина минимално забележан, а политикантските актери во божем политичките партии тој миг не го споменаа и дури и не го искористија за вообичаено јавно препукување. Токму овој миг на нереакции ја комплетираше сликата која барем нам во Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализаија на ВМРО-ДПМНЕ одамна ни е јасна. Слика која одамна посакуваме да ја видите во множеството празни зборови, густа магла и посебно „загриженоста“ на актерите во заштита на македонскиот идентитет. Иако прашањето со заштитата на македонскиот идентитет и фамата дека некој сака да ни го земе е основа за една убава и сериозна колумна, повторно со многу прашања за „заштитниците“, но посебно за детерминирањето на македонскиот национален идентитет и македонскиот идентитет.
Но да се вратиме на показателите кои ни се пред очи. Имено, сосема случајно и онака срамежливо во јавноста како споредна вест излезе информација дека некој си инвеститор во Куманово ја урнал куќата на Киро Нацев – Фетак, првоборец ПАРТИЗАН борец за национално и класно ослободување на македонскиот народ и антифашист и секако комунист кој загинал во Прилеп токму од бугарската полиција во Декември 1942 година. За да биде уште по интересно, на оваа уривање не реагирала ниту општината, туку напротив, службеници на општината го прикривале случајот. Е сега, тоа што куќата на Киро Фетак е споменик на културата, тоа што е прекршен законот за заштита на споменици на културата и тоа што е злоупотребена службената должност на општината – нејзините службеници кои по закон биле должни да го заштитат споменикот на културата и да спречат негово уривање е еден аспект кој треба да го решава најпрво обвинителството, а потоа да помине низ судството. Оној другиот аспект за мене е позначаен. Тоа е моралниот аспект.
Каде е сега Максо – Тарзан, партизанче, кој мавташе со југословенски знамиња низ Куманово како член на СКЈ – Покрет за Југославију во 1992 година (генералската партија на Мирковиќ – читај партијата на КОС), а денес патриотски градоначалник на Куманово кој во одбрана на македонскиот идентитет цврсто застана зад митингот за поддршката на Вучиќ во неговиот град?
Е го нема, ниту А ниту Б да каже Димитриевски за овој случај. Нема да каже, бидејќи ќе треба да го објасни своето поведение како тоа тој го брани македонскиот идентитет од „клетите“ Бугари, а пред очи со негово премолчување ја уриваат спомен куќата каде е роден токму борецот против тие од кој Максо ни го брани идентитетот. Знам дека е парадоксално, но ние сме навикнати на тоа, ние сме земја на апсурди. Токму затоа и ќе ни се случува да најголемиот Југословен во 1992 и бранител на македонскиот идентитет како поддржувач на Вучиќ во Македонија и малку пошироко, всушност не е ништо повеќе од еден прост и ограничен извршител на задачите на КОС и нивните наследнички служби со седиште во Белград и ограноци низ регионот.
Дали можеби сега нешто ќе ви биде појасно драги мој читатели во врска со тоа како ви ги злоупотребуваат националните чувства и преку креирање на божем загрозеност не држат сите нас надвор од нормалниот и цивилизиран свет, надвор од ЕУ? Во исто време нив ги интересира само профит, може и на ситно, а цената не е важна, дали се во прашање споменици на културата, национални обележја, паметници, духовни објекти, записи и архивски материјал, книги и создателство, наука и образование, важен е личниот профит. Сѐ додека има кој да им верува во нивните раскази дека тие се единствените бранители на македонскиот национален идентитет и тоа токму од „клетите“ Бугари кои сакаат да ни го земат. Не бе луѓе, никој нам не сака да ни го одземе македонскиот идентитет, токму во ЕУ (онаа официјалната вистинската, не онаа проруската со задача) вклучително и Бугарија, никого не го интересира дали вие се чувствувате како Македонец или Бугарин, доколку некој сака нека се чувствува и Марсовец, негов проблем. Прашањето за нашиот идентитет, неговата наводна загрозеност и уште повеќе одбрана е исклучиво измислен проблем. Проблем кој низ пропагандата на власта на која припаѓа и Димитриевски и помага токму на таа про-УДБА власт да се одржи таму каде што според личните капацитети и резултатите во водењето на државата не би можеле ниту да помислат да останат. Но затоа сте вие тука, драги мој сограѓани, повторно и повторно да ве лажат и да ви измислуваат непријатели, додека токму самите тие се најголемите и највистинските непријатели на Македонија, македонската нација и на опстојувањето на македонскиот народ.
Одамна ве предупредив, дека токму со оваа наше однесување и дозволување на вакви бранители на македонскиот идентитет, историја и култура, самите ќе се доведеме себеси еден ден во блиска иднина (за историјата 10-20 години е блиску и тоа многу блиску, а Мицкоски рече дека може да чека до недоглед) да станеме само фуснота во европската историја или на некоја европска слика од четврто или осмо одделение никој да не се сеќава на ликот на Македонецот. А Македонецот може да биде Македонец во полна национална и сопствено толкувачка улога на сопствениот идентитет, традиции, култура, исклучиво и само во рамките на Македонија во ЕУ. На иста маса со современите европски народи и нации, каде што во рамките на ЕУ ќе се пишува на Македонски јазик, ќе се говори и преведува на Македонски јазик и ќе имаме свој комесар во ЕК. Каде што ќе влеземе во Шенген и Евро зоните и нема да се грижиме за границите (да не сликаат и да ни земаат отпечатоци) при влез и излез во ЕУ, како и за користење на фондовите на ЕУ. Кога зборуваме за европските фондови, тука не станува збор за 67-те милиони евра од фондот за развој на Западен Балкан, туку станува збор за милијарди помош од ЕУ за развој на инфраструктура и воопшто развој на општеството во сите аспекти.
Ете така вистински се штити македонскиот национален идентитет – со негова промоција на европска и светска сцена, и тоа во еден сојуз од 500 милиони души. Всушност и Чамова тоа јавно го кажа на БНТ во еден друг контекст од кој треба да се изведе едноставен заклучок: „Македонија нема проблем со Бугарија туку постои Европски договор-рамка прифатена од сите земји членки на ЕУ“. Штом е така ајде во Брисел да почнеме да спроведуваме тоа што го предвидела рамката и да го промовираме македонскиот идентитет.
Но нашите божем партизани, се токму против таквата промоција на македонскиот идентитет и уште повеќе и против благосостојбата на сопствените граѓани. Тие се само за личниот профит, а тоа кој што урнал, не е важно, важно има профит. Ќе направиме нова и постара спомен куќа на Киро Фетак! Тоа е девизата на партизанчето Максо – Тарзан, затоа што тоа беше девизата и на распадната и на Милошевиќ ЈНА, односно на нејзиниот КОС (спонзорите на партизанчето) дека „ќе направат нов, поубав и постар Дубровник“, откако го бомбардираа токму историскиот центар на градот заштитен од УНЕСКО.
Ами КОС не се грижеше за УНЕСКО, а не пак ќе се грижи за некаква си „куќарка“ во која се родил и пораснал некој борец за македонските национална и социјални права. Тој, Фетак, може да биде добро искористен сега само за играње на етнички конфликт, доколку испадне дека инвеститорот е Македонски Албанец или одговорните службеници во општината. Многу ме интересира дали за овој настан ќе слушнеме разрешница или пак се ќе остане на едно споредно медиумско известување, колку да се каже дека не се сокрило, а тоа што граѓаните во мноштвото секојдневни глупости кои се прават на национално и локално ниво не виделе, е проблем на граѓаните. Важно бизнисот ќе врви, корупцијата ќе цвета (а без такво нешто едноставно е неизводливо да се урне споменик на културата и за тоа да се реагира дури пост фестум) а на сите нам ќе ни објаснуваат за нашата загрозеност од „клетите“ Бугари и секако да не ги заборавиме и нашите сограѓани Албанци, нели и тие не загрозуваат.
А тоа што нели за да докажеме дека не сме дел од „Српскиот свет“ (како што во присуство на европски дипломати и претставници еден наш висок партиски функционер и пратеник кажа), ќе потпишеме договор за Стратешко партнерство со Хрватска, а само два дена по посетата на Пленковиќ, Мицкоски се нацрта во Нови Сад, кажува се за тоа на чија цицка се – проштевајте. Уште згора и Ковачки отиде на конгрес кај Бериша, дечкото на црна листа на нашиот Стратешки партнер и се прашувам како Рама ќе го разбере тоа – но ќе го видиме во некои практични случувања во Македонија. Засега сите кои се насанкавте на ботовските настапи за излевање на омраза кон нашите сограѓани Албанци кои бараат да го полагаат правосудниот испит на својот мајчин јазик, прашајте го Мицкоски што стана со неговите борбени изјави за укинување на Законот за јазиците, односно за создавање нов закон. По сѐ изгледа дека ќе го изучуваме албанскиот јазик како втор (и тоа не е проблем, добро е да се знае јазикот на нашите сограѓани кои се во голем број дел од македонската нација) и да се овозможи поширока или целосна негова образовна примена. Проблем е зошто се глумеше лудило и се потпалуваа граѓаните и кога низ таква создадена тензија ќе се видат подоцнежните реперкусии заради епилогот кој нѐ очекува. До кога Мицкоски ќе глуми лудило по ова прашање или ќе чека совети од менторот му Вучиќ како тоа тој го има решено во Србија (на пример со Унгарското малцинство во Војводина).
Патем, едно прашање за Мицкоски: „Дали во Стратешкиот договор со Хрватска е предвидено (дали договори со Пленковиќ), Хрватска да ја повлече својата поддршка пред ЕУ во однос на Францускиот предлог – Европски договор и да се ре-преговара“? Чисто да прашам од радозналост, да знам како Хрватска стратешки ќе ни помогне во нашиот проблем со Бугарија – или тоа не е прашање од интерес на одбраната на националниот идентитет?
Всушност, целата политика на владата на Мицкоски која ќе ја видите во иднина ќе биде со тенденција за создавање на анти-европско расположение во Македонија. Тоа расположение ќе се гради во два правци. Првиот, дека ЕУ не сака да се проширува и дека земјите од Западен Балкан нема шанса да влезат во ЕУ поради несакање на ЕУ (преведено – ЕУ не лажат – кој ли лаже?). Вториот, дека официјална – политичка Бугарија (тоа Тимчо – пак статива, кој не може да каже детали од разговорот со Чамова, а кои се однесуваат на македонскиот идентитет) не нѐ признава, посебно дека не ни го признава македонскиот идентитет и дека владата на Мицкоски тоа го заклучила од не знам каде, што значи дека покрај Бугари во Устав, ќе продолжат барањата од Софија. За ова се сигурни во владата на Мицкоски, но врз основ на што – не кажуваат. Впрочем, такво нешто досега не слушнавме од ниту еден официјален претставник на било која Бугарска влада. И последната лажна надеж која Мицкоски ќе ја пласира кон македонските граѓани во однос на влезот на Македонија во ЕУ е преговарањето со Бугарија. Во оваа маткање веќе се подготвува терен дека владата на Радев е тешка иако е предвидлива. Тоа треба да значи: едноставно ништо не очекувајте – ние ќе се обидуваме, но Радев нема да сака. Вистината е таа, дека од Бугарска страна упорно и дури и директно (што дипломатски не е вообичаено) се обраќаат кон Мицкоски дека нема преговарање во врска со Преговарачката рамка, Француски предлог или Европски договор – како сакате. Тоа со што краткорочно ќе не замајуваат ќе биде самитот во Тиват. Не дека ќе ни кажат нешто ново, можеби само некои детали во однос на стратешката потреба на ЕУ за прием во ЕУ на целиот Западен Балкан и тоа во контекст на планот на Мерц и Макрон. Во основа тоа ќе бидат истите пораки сега дополнети со практичен предлог низ кој јасно и недвосмислено ЕУ ни кажува дека е подготвена за проширување, но за тоа нема да слушнете ништо, бидејќи тоа би било во спротивност со отвореното антиевропство поткрепено со тоа дека ЕУ не не сака и не лаже.
Се друго за што ќе слушнете и видите (сликички на ФБ) од Тиват, во однос на Македонија ќе биде обичен ПР на Мицкоски, но очекувано на ниско ниво, со попатни средби на кои постојано ќе му биде повторувана истата позиција на целата ЕУ: „Уставни промени и почеток на преговори“: Дури и извештајот на Вајц го кажува тоа, но кај нас сега веќе Вајц не е интересен, едноставно не можеше да одработи тоа што од него го бараше Мицкоски и толку.
Сега уште едно прашање за партизанчето Мицкоски, храбриот бранител на нашиот идентитет: „Зошто не се виде со Радев кој беше во Тиват, барем да му овозможиш на Тимчо да ја подготви преговарачката посета на Бугарија идната недела, кога веќе Радев јасно ги повтори ставовите“? Какви ли сега ќе бидат целите на „преговарање“ со „ригидната“ влада на Радев?
До крајот на неделава ни останува уште да ги слушнеме пораките од самитот на НАТО и по којзнае кој пат сликата ќе биде повторно комплетна.
Ете толку драги мој од партизаните и нивната одбрана на македонскиот национален идентитет, , историја и антифашистичка борба, а како добар инструмент да ни ја уништат и иднината како на нација преку божем борбата за ЕУ, кога веќе нели ни ја уништуваат историјата која грчевито ни ја бранат. Тоа со историјата е посебно интересна тема, при што цврсто се држиме за Александар Македонски, Самуил и далечното минато, а по потреба имаме наменски говори од пред влада како големи антифашисти и да се сликаме за ПР-от како и исклучиво да кажеме збор-два против „клетите“ Бугари, но никако да мрднеме со прст кога токму практично се уништува сеќавањето на блиската историја и тоа токму онаа во која Максо и партнерите му најмногу се крстат. Секако, толку и од доказателствата пред ЕУ дека не сме дел од „Српскиот свет“.
А тоа што следува е вулгарниот обид да ни ја пресликаат политичката матрица и медумската сцена од Србија, правејќи контрадикторни испревртени слики на реалноста. Ќе гледаме едно наакано божем храбро однесување за внатре (ќе грми Мицкоски и Македонија нема да клечи) и друго спротивно на првото за надвор (да се додворува за да ќари некоја фотографија која ќе му помогне во ПР-от. При тоа, намерата е да ги претворат граѓаните кои и така се натоварени со тешкото секојдневие, збунети, дезориентирани, полни со неоправдана злоба и омраза, и пред се корисни идиоти кому токму овие партизанчиња ќе му го бранат македонскиот национален идентитет и ќе грмат (само во нивните глави и медиуми) објаснувајќи ни ја заспаната ЕУ која допрва се буди (не знам од што и каква врска тоа има со Македонија?) и патот кон неа под водство на партизанчињата, а всушност криминалци.
Каков апсурд врз апсурд во земјата на апсурди. Многу е, закочете малку!
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Поддршка за ЦИВИЛ
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, хибридните закани и авторитаризмот.
Дајте го својот придонес СЕГА













