Џабир Дерала
Темата за предвремени парламентарни избори ја обнови премиерот Христијан Мицкоски на прес конференција, што предизвика размена на остри партиски соопштенија. Ова веднаш го отвора прашањето – зошто премиерот кој е на чело на стабилно двотретинско мнозинство би понудил предвремени избори за кои вели дека не (му) се потребни, а кои во периодов никој и не ги побара? Но ако ги побара некој, вели тој, „нема да бидеме кукавици“. Значи, не сакаме избори, но ги нудиме – на тоа се сведува. Во нормална земја, ова би било чудно, но…
Што му претходеше на овој најнов „херојски чин“ (нели, не се кукавици) на премиерот?
Во екот на годишните одмори во јули, владејачкото мнозинство одеднаш реши да спроведе брз и целосно нетранспарентен процес на измени на Изборниот законик. Како што анализираше ЦИВИЛ во текстот „Во сенка на дневната политика, Изборниот законик остана отворено прашање“, процесот помина без јавна дебата и транспарентност.
Граѓанскиот сектор, стручната јавност и организациите како ЦИВИЛ, кои со години активно ги набљудуваат изборните процеси и нудат конкретни анализи и препораки за реформи (целосно усогласени со препораките на меѓународните организации, во прв ред ОБСЕ/ОДИХР), беа целосно исклучени. Клучната измена што се протна низ оваа избрзана процедура беше укинувањето на т.н. Пржинска (техничка) влада за сите изборни циклуси кои ќе се одржат по следните парламентарни избори. Ваквиот ад-хок пристап кон изборната легислатива, кроен по мерка на моменталните калкулации на власта, го открива ограниченото, теснопартиско разбирање на изборите како демократски процес и на изборниот систем во целина.
ЦИВИЛ, организација што ги следи изборните процеси од 2008 година и редовно дава супстанцијален и обемен придонес кон изборните реформи повеќе од една деценија, излезе со серија анализи и предупредувања за опасностите од носење клучни закони зад затворени врати. Како и да е, откако измените поминаа, а предупредувањата и препораките беа целосно игнорирани, темата избори експресно беше „убиена“ и тргната од јавниот дискурс, а власта се задоволи со констатацијата за себе, дека има стабилен четиригодишен мандат „посветен на реформи“, негирајќи дека изборните измени се дел од подготовки за предвремени избори.
Сè до вчера, 20 август, кога стабилниот премиер повторно ја воскресна темата.
Иако неговата влада не се соочува со некоја видлива внатрешна криза или недостаток на пратеници, тој изјави дека партијата е подготвена за предвремени избори, но само доколку опозицијата експлицитно ги побара. Како изборите да се маалска тепачка меѓу две банди од кои од едната тврди дека не сака да се тепа, но дека е секогаш спремна за тепачка.
Оваа реторика претставува класичен политички спин. Истовремено се креира перцепција на моќ, а притоа одговорноста за евентуални предвремени избори се префрла на опозицијата. Воедно, вниманието на јавноста – ако воопшто ја постои јавност во оваа земја – се дефокусира од тешките економски и политички проблеми, сопрена ЕУ интеграција и целосно отсуство на реформи.
Во секој случај, ДУИ експресно го прифати предизвикот. Нивната реакција слета на редакциските мејлови за многу кратко време по изјавата на Мицкоски. Партијата на Али Ахмети официјално побара итно утврдување на датум за избори и распуштање на Собранието.
СДСМ излезе со реакција подоцна и со поинаков став. Партијата, со зборовите на партискиот шеф, Венко Филипче, не сака да биде „алиби“. Тој категорично одби партијата да биде параван за плановите на извршната власт. Ставот на СДСМ е дека власта, со своето двотретинско мнозинство, може сама да закаже избори кога сака, додавајќи дека мотивите за предвремени избори треба да се бараат во празниот буџет и коруптивните зделки на партијата на власт, а не во грижата за граѓаните.
Потоа, со реакција се појави и коалицискиот партнер на Мицкоски, ВЛЕН. Тие влегоа во темата на тој начин што го нападнаа ДУИ. Потоа, откако ги предизвикаа од ДУИ, ги отфрлија предвремените избори како непотребни, што е сосема очекувано. Во секој случај, ВЛЕН максимално ја искористи ситуацијата за го дискредитира својот политички ривал. Експресното прифаќање на предизвикот за предвремени избори на ДУИ, од ВЛЕН го нарекоа пропаганда и очајнички потег поради губењето на власта и фрагментираноста внатре во партијата, иако за тоа не понудија докази во јавноста. Но и тоа не е чудно – политичарите во земјава постојано нешто тврдат, но без аргументи и докази.
Како и да е, изјавата на Мицкоски го постигна саканиот ефект – предизвика раздор и различни реакции во опозицискиот табор, како и неизвесност внатре во самата владејачка коалиција.
Кој е добитник во оваа ситуација?
Воскреснувањето на темата за предвремени парламентарни избори во овој момент и на овој начин, може да се гледа како конструиран политички наратив за да се замаглат други проблеми. Откако минатиот месец, далеку од очите на јавноста и граѓанскиот сектор, си ги осигураа посакуваните правила на игра во Изборниот законик, владејачките партии сега можат да го користат ова прашање како евтино тактичко оружје за кое муницијата ја обезбедуваат токму партиите во опозиција, но и коалициските партнери, кои чии удобни фотелји може да бидат засегнати во случај на предвремени избори. Со други зборови, сите се одржуваат во кондиција и се тераат да трчаат околу политичкото гумно, не постигнувајќи ама баш ништо. Дибитникот е, та-даам, власта.
Прашањето за тоа кој е губитник во приказнава, не мора да се постави. Земјата е во состојба на континуирана изборна кампања, додека животот е ставен на пауза.
Текстот е личен став на авторот.
Авторот стои зад изнесените ставови и ја презема личната одговорност за содржината на текстот, во рамките на важечкото право. Во случај на правен приговор или постапка, авторот бара тие првенствено да бидат упатени до него, а медиумските платформи да бидат изземени од одговорност секогаш кога тоа го дозволува законот.













