Дехран Муратов
Стопанската комора предлага ревидирање, односно помалку неработни денови за работникот. Аргументот е поголема продуктивност и економска ефикасност. А потоа доаѓа уште „подобар“ аргумент: „Граѓаните за празниците одат во странство и таму ги трошат парите“.
Комората предлага од 11-те неработни денови што важат за сите граѓани, плус празниците што важат за одредени верски и етнички заедници, работникот да избере само два дополнителни празници што ќе ги користи како неработни. Исто така, ако празник падне во недела, нема префрлање на неработен ден во понеделник.
Ако логиката е дека повеќе работни денови значат поголема продуктивност, тогаш што е следно?
Можеби ќе биде укинување на недела како неработен ден.
Така ќе имаме уште поголема продуктивност!
Проблемот не е што македонските плати се ниски. Проблемот е што имаме премногу слободни денови.
Генијално.
Само некако во целата оваа приказна за продуктивноста никако да стигнеме до повисоки плати, подобри услови за работа, пократко работно време, поголема сигурност и достоинство на работникот.
Најлесно е да се каже: „Работете повеќе“. Никако да се каже: „Ќе ви платиме повеќе“.
Ако секој слободен ден е „загуба на продуктивност“, тогаш на крајот најпродуктивен работник ќе биде оној што воопшто нема слободен ден.
А како тргна работата, работникот на крај ќе нема право ни да слави празник, ни да се разболи, ни да одмори, ни да умре – оти, нели, и тоа е отсуство од работа.
Се разбира, ова е иронија.
Но прашањето е сериозно: Дали економската продуктивност ќе ја мериме само според тоа колку време работникот е на работа, или и според тоа колку достоинствено може да живее од својот труд?
Бидејќи работникот не е само работен ден и час.
Тој е човек, не е машина. Има семејство, здравје, празници, одмор и живот.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












