Љубомир Костовски
Говорејќи во вестите од 19 часот на ТВ Сител, претседателката на Република Северна Македонија гостувањето го посвети на односите со Бугарија. Многу работи се индикативни во нејзините одговори на главно коректните прашања на уредничката. На пример како гест на добрососедство кон Бугарија таа изјави дека „сме им ги довериле нашите пациенти“, мислејќи на жртвите од пожарот во Кочани! Понуда за лекување даде бугарската страна, нашата Влада инаку упати барање за помош на сите страни а добар гест, како одговор, дојде и од Софија. Ова како изместување на вредноста на гестовите?! Таму се лекуваа доста голем број од жртвите на пожарот, и тоа не е заради тоа што сме им ги довериле туку затоа што во болницата Пирогов постапиле во согласност со лекарската етика.
Господинот премиер беше тој што рече дека се мислел дали да ги „довери“ пациентите на Бугарија и Грција. Замислете каков тоа премиер ние имаме. Колку ли само жртви можеле да починат додека тој му се мислел!
Во Пирогов инаку се најдоа многу тешки пациенти и чинам дека вкупно беа 11. Вкупно во странство заминаа 60 пациенти а во тој миг само седуммина останаа во македонските болници, што јасно покажува дали се работи за „доверување“ или за очајно замолување! Болницата Пирогов каде се лекуваа пациентите, инаку многу години претходно специјализираше лекарски и други медицински кадри за лекување од изгореници.
Во тогашна Градска болница се направи посебен оддел за овие лекари и сестри после обуката и дури постоеше посебен влез за оние пациенти со такви повреди кои се сметаат како најтешки.
И што се случи. Пред изборите во декември 2016 година, среде лето, без објаснување владата на античкиот премиер Груевски едноставно ја укина таа установа во која беше вложено многу, а највеќе во форма на знаење токму од бугарска страна! Па ни се врати со барање за општа помош од светот. А посебниот влез за опожарени пациенти во сегашната хируршка клиника „Наум Охридски“ постои и денес, само што води во магацин за општа употреба! ВМРО-овска работа. И дојде време во „Пирогов“ да ги поправаат нашите пропусти претседателке.
Целото интервју беше полно со несмасни обиди да се испревртуваат работите, како што е релативизирањето на нејзиното своевремено признавање (по претходно остро негирање) на дострелите на Преспанскиот договор. Демек не бил тоа толку добар Договор… Можеби и членството во НАТО ќе дојде на ред. Па, се е дозволено кога треба да се спасува нејзиниот патрон Мицковски од калта во која тој сега се наоѓа.












