Рускиот агресор продолжи со нападите врз Украина и во ноќта кон 6 октомври. Во Харкив сѐ уште се утврдуваат последиците од смртоносното бомбардирање претходниот ден. Шест лица загинаа, а 59 се повредени во нападот врз градот на 5 октомври. Новите извештаи говорат и за оштетена болница во Кривиј Рих и нападнат трговски брод во Црното Море.
Харкив: Бомби врз цивилни објекти и станбен кварт
Агресорот го нападна Слобидскиот реон со наведувани авиобомби, погодувајќи цивилни претпријатија и простор во близина на станбена повеќекатница. Избувнаа два големи пожара во складски и производствен објект, а оштетени се станбени згради и автомобили.
Меѓу повредените се три деца. Според регионалниот гувернер Олех Синјехубов, 11-годишно девојче и 15-годишно момче се здобија со повреди од експлозијата, додека 15-годишно девојче претрпе акутна стресна реакција. Според билансот објавен вечерта на 5 октомври, 30 лица биле хоспитализирани, од кои три во исклучително тешка состојба.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X порача:
„Наведувани бомби на рф погодија цивилни објекти во Харкив: најмалку 6 лица загинаа, 59 се повредени, меѓу кои 3 деца. За градовите во близина на фронтот, ваквите напади се секојдневна закана. Намалувањето на способноста на рф да изведува вакви напади е пат кон запирање на војната“.
Ноќен напад со 137 дронови
Според украинските Воздухопловни сили, Русија во ноќта кон 6 октомври употреби 137 беспилотни летала од различни типови, меѓу кои 49 „Шахед“ со млазен погон. До 08:00 часот по украинско време биле соборени или потиснати 114 дронови. Регистрирани се погодоци на 17 локации и пад на остатоци на уште четири.
Во Кривиј Рих е оштетена болница. Според регионалните власти, повредени се четири лица, меѓу нив двајца медицински работници.
На 6 октомври, руски дрон погоди и трговски брод под знамето на Маршалските Острови, кој превезувал масло од маслодајна репка во Црното Море. Според украинската поморска администрација и гувернерот на Одеската област Олех Кипер, загинал еден член на екипажот, а седум лица се повредени. На бродот избувнал пожар.
Наведувани бомби на рф погодија цивилни објекти во Харкив: најмалку 6 лица загинаа, 59 се повредени, меѓу кои 3 деца. За градовите во близина на фронтот, ваквите напади се секојдневна закана. Намалувањето на способноста на рф да изведува вакви напади е пат кон запирање на војната https://t.co/iGYIj6Ppur
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 6, 2026
184 борбени судири на фронтот
Украинскиот Генералштаб во утринскиот извештај за 6 октомври наведе 184 борбени судири во претходното деноноќие. Во правецот на Покровск се регистрирани 23 руски напади, на Костјантинивка 18, а на Лиман осум.
Според истиот извор, руските сили извршија 84 воздушни удари, употребувајќи 270 наведувани авиобомби. Украинската команда извести дека нејзината авијација погодила три подрачја со концентрација на руски сили. Овие податоци се однесуваат на воениот биланс за 5 октомври.
ЦМ Деск
Преглед според извештаите достапни попладнето на 6 октомври. Податоците за жртвите и штетите се дополнуваат.












