Реформаторот Александар Коневски – Цезар, во разговор за ЦИВИЛ Медиа, вели дека не знае која беше улогата на Љупчо Андоновски, ексдиректор и актуелен советник во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој беше гостин на прославата во понеделникот, под мотото „Слободни, солидарни, обединети“, во МКЦ во Скопје, а во организацијата на реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ, по повод одбележувањето на „Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври“.
„Можеби човекот дојде на прославата како наш поддржувач, можеби дојде само да го види настанот, не знам. Ние конкретно, никого не поканивме, освен медиумите. Таму имаше гости што нѐ подржуваат, а можеби имаше и гости што сакале да видат што се случува внатре, кои се луѓето што го организираат тоа и што доаѓаат. Не знам дали понатака ќе биде државен празник или ќе се укине, но ние ќе продолжиме да го славиме, бидејќи ваквите настани ќе бидат дел од нашите активности, бидејќи за ВМРО тоа е голем празник, што би рекле, Велигден“, изјави Коневски – Цезар, за ЦИВИЛ Медиа.
Останува дилемата која е пораката што сакаше да ја испрати ексдиректорот на УБК, со неговото појавување на прославата на реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ?
Текст и камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ермин Климента