Граѓаните не ги знаат и не ги разликуваат надлежностите на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги (АВМУ) и на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), а довербата во нивната независност е на ниско ниво, беше речено на денешната презентација на четвртиот мониторинг на работата на овие регулаторни тела, изготвен од Центарот за европски стратегии – Евротинг, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Билјана Бејкова, извршен директор на НВО-Инфоцентар, информираше дека при контрола што Државниот инспекторат за труд ја спровел во АЕК од 17 до 21 август, по претставка од ресорното Министерство, се констатирани неправилности кај три лица.
„Констатирано е дека има пропусти во евидентирањето на отсуството од работа и кај дел од овие вработени во овој период на повеќемесечни отсуства од работа сепак била исплатена платата. Инспекцијата до АЕК доставила барање да ја усогласи електронската евиденција за работното време на работниците и според информациите што ги добивме од јавен карактер Агенцијата ги отстранила овие недостатоци“, рече Бејкова.
Заклучно со 30 септември до АЕК биле поднесени 745 приговори од страна на граѓаните, од кои во писмена форма 708, а останатите по електронски пат. Тоа е исто така еден од показателите дека граѓаните и покрај трите интернет страници на АЕК и пристапноста на итернетот сеуште претпочитаат друг тип на комуникација, потенцира Бејкова.
Како што рече Горан Лазаров, проектен координатор на ЕВРОТИНК, истражувањето покажало оти граѓаните малку и површно знаат за работата на АВМУ и ја поврзуваат само со изборите.
„Не се доволно информирани што е говор на омраза и често не го разликуваат тој поим со лажни вести. Потребна е поголема промоција за надлежностите на Агенцијата и како граѓаните можат да помогнат во нејзината работа“, наведе Лазаров.
Со мониторингот е утврдено дека е подобрена транспарентноста на АВМУ. Во анализираниот квартал почна јавната расправа околу најавената реформа на медиумите и измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и беше укината радиодифузната такса.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.












