Иранската нобеловка Ширин Ебади ги повика денеска жителите на нејзината земја да започнат грѓанска непослушност и да ги продолжат масовните протести.
Таа посочи дека Иранците треба да останат на улиците, како и дека според Уставот, имаат право да одржуваат демонстрации.
Ебади, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2003 година и е меѓу многуте протерани критичари на иранските власти, ги повика своите сонародници да престанат да ги плаќаат даноците и сметките за вода, гас и електрична енергија, како и да ги повлечат нивните пари од државните банки, со цел да извршат поголем притисок врз Владата за прекин со насилството и за исполнување на нивните барања.
– Ако Владата не Ве слуша цели 38 години, дојде Вашето време да го игнорирате она што го кажува таа, изјави Ебади за весникот „Ашарк ал Аусат“.
Повикот на нобеловката доаѓа во момент кога иранските власти објавија „крај на немирите“ и во неколку градови во земјата организираа провладини демонстрации.
Протестите, во кои досега загинаа 21 лице, а над 450 беа уапсени, се оценуваат како еден од најголемите предизвици за властите во Иран.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.