Специјалното јавно обвинителство е фокусирање на финансиските истраги и откривање каде се одлеале парите. Можни држави каде се одлеале парите се Чешка, Грција, Велика Британија, Холандија, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Таа посочи дека СЈО работи и на проектот „Скопје 2014“ и очекува наскоро да излезат со јавнообвинителска одлука.
– СЈО веќе соработува со други држави, а наши обвинители веќе беа и во студиски посети. Се надевам дека ќе откриеме каде точно се одлеале парите и дали се уште се во РМ, рече Јанева.
Таа кажа дека не дозволуваат да им бидат врзани рацете во однос на меѓународните финансиски истраги.
– Секој ден наоѓаме начини и се обидуваме да најдеме законски начини како нашите финансиски истраги да одат побргу. Сите обвинители и целиот обвинителски тим на СЈО најмногу работат на финансиските истраги. Имаме и многу материјали кои се собрани и се анализираат на дневна основа, рече Јанева.
Поддршка на Специјалното јавно обвинителство во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка, е токму целта на проектот што ќе се спроведува во Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кој беше презентиран денеска.
Проектот е финансиран преку Холандската амбасада, ќе трае три години, а целта е зајакнување на оперативните капацитети на СЈО и меѓународната правна помош, што е неопходна за побрзо водење на финансиски истраги.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.