ЦИВИЛ – Центар за слобода и Општина Куманово денеска потпишаа Меморандум за соработка против насилниот екстремизам.
Меморандумот го потпишаа Џабир Дерала, во име на ЦИВИЛ и градоначлникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
„Со потпишување на овој Меморандум, од градоначалникот Максим Димитриевски, во име на Општина Куманово, ќе се овозможи поквалитетна соработка на ЦИВИЛ со засегнатите страни во доменот на превенцијата од насилниот екстремизам и радикализацијата, а секако и со предизвиците што се поврзани со тероризмот“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
„Екстремизмот како тема е присутна во секојдневието и не сме имуни на него. Сите на некој на начин сме екстремисти во одредена форма… но сето тоа е добро ако е под одредена контрола. Сè што ќе надмине создава сериозни проблеми за сите нас како индивидуи, но и како општество. Ова е актуелна тема на којашто се работи од 2001 па наваму, но сметам дека е вистински момент посериозно да се занимаваме со неа и на ниво на општина“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
По потпишувањето на Меморандумот следуваше работна средба „Заедниците против насилниот екстремизам“ со претставници на локалнат власт, училиштата, полицијата, граѓанскиот сектор и претставници на институции што работат на оваа проблематика.
Настаните се во рамки на проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ кој е поддржан од Американската амбасада во Скопје.
Текст и фотографија: Биљана Јордановска