Обвинителката на СЈО за случаите со прислушуваните материјали, Ленче Ристоска, во интервју за Дојче Веле признава дека Специјалното јавно обвинителство во последно време има намален рејтинг кај граѓаните, но и додава дека истото повторно ќе ја врати својата најголема доверба во јавноста.
„Лично сметам дека падот на довербата во СЈО е последица на повеќе околности од кои дел се поврзани со општествено политичките случувања во земјата, а се доведуваат во корелација со работењето на институциите на системот. Се надевам дека во периодот што следи СЈО ќе успее да ја врати довербата на граѓаните, бидејќи довербата на граѓаните во институциите е од суштинско значење за унапредување на состојбите во нашето општество“, вели Ристоска.
На едно од прашањата, Ристоска истакна дека приоритет во понатамошното работење на СЈО е да ја задржи својата независност и неутралност во работењето.
„Според мое мислење, не е важно дали продолжувањето на мандатот на СЈО ќе биде регулирано со посебен закон или не. Она што сметам дека е значајно е СЈО да ја задржи автономноста и финансиската независност, бидејќи на таков начин се обезбедуваат неопходните услови за работа и се гарантира независноста во постапувањето. Исто така, се согласувам со ставовите на Јавниот обвинител на Република Македонија, дека треба да се изнајде соодветен механизам преку кој ќе се овозможи контрола на работата на СЈО“, смета таа.
Обвинителката на СЈО од неодамна е назначена за координатор на активностите со Европравда и смета дека и Македонија ќе има бенефит од таа нејзина нова улога во меѓународните случаи.
Целото интервју на следниот линк.